Пронајден артефакт стар 2.000 години кој ги изненадил истражувачите

Пронајден артефакт стар 2.000 години кој ги изненадил истражувачите

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Фин Ибсен и Ларс Даниелсен, двајца ловци на богатство, пронашле бронзен портрет од Александар Велики додека правеле истражувања со детектори за метал во близина на Рингстед, град на данскиот остров Зеланд. По откритието, артефактот му бил предаден на Музејот на Западен Зеланд.

Бронзениот портрет, чиј дијаметар е приближно 2,7 сантиметри, бил изработен од легура на бронза и на него се наоѓа портрет на човек со брановидна коса, кој носи круна од искривени рогови на овен. Според соопштението на Музејот на Западен Зеланд, токму оваа карактеристика веднаш навестува дека станува збор за Александар Македонски, легендарниот водач на античкото кралство Македонија, чија империја се протегала од Балканот до денешен Пакистан, до неговата смрт на возраст од 32 години.

Фририк Олденбургер, археолог во Музејот на Западен Зеланд, вели дека портретот има типични карактеристики на Александар Велики, како што се неговата препознатлива брановидна коса и рогови на овен.

- Сликата е речиси идентична со друг бронзен портрет пронајден пред неколку години - додава тој.

Претходно бил откриен сличен портрет во Јитланд, Данска, скриен меѓу складиште на оружје. Најверојатно служел како украс на сребрен штит, како знак на престиж и сила.

1
Фото: Morten Petersen, Museum Vestsjælland

- Ова парче е извонредно. Кога се појави на моето биро, за малку ќе паднев од столот бидејќи е речиси идентичен со претходниот, но овој е малку погруб и изработен од лиен бронзен метал наместо од позлатено сребро - вели Олденбургер.

Бронзената легура содржи високи нивоа на олово и е направена со помош на легура која често се наоѓа во римските бронзени статуи, што сугерира дека била стопена статуетка за да се направи овој портрет. Иако археолозите сè уште не се сигурни за точната функција на овој артефакт, тие веруваат дека датира од околу 200 година од нашата ера и може да се користи како декоративен диск за штит.

Олденбургер наведува дека овој период го опфаќа владеењето на римскиот император Каракала, кој бил фасциниран од Александар Велики и често бил облечен во стилот на познатиот освојувач. Каракала бил единствениот римски император од тоа време на кој му бил прикажан штит со портрет на Александар Македонски.

Извор: Klik.hr
Фото: Morten Petersen, Museum Vestsjælland