Дали знаете што е алпски развод?
Изразот „алпски развод“ е колоквијален термин кој опишува екстремна и потенцијално опасна форма на прекинување на врската – напуштање на партнерот во оддалечено или опасно природно опкружување. (Треба ли воопшто да се спомене дека во планина не се остава апсолутно никој, од ниту една причина?)
Зад овој термин, кој е позајмен од книжевноста, всушност се крие обид за убиство или во најблаг случај можност за убиство од небрежност. И додека разводот е култивиран начин официјално да се раскине бракот, овде поимот „развод“ стои наместо екстремна себичност со последици опасни за живот за некој што ви верува.
Од каде потекнува терминот
За терминот е „виновен“ писателот Роберт Бар, кој во својата кратка приказна „Алпски развод“ објавена во 1893 година опишал како маж планира да се ослободи од својата сопруга во швајцарските Алпи и тоа да го прикаже како несреќа. (Иако во приказната на крајот таа сама скока од карпа – само за доживотно да го зазне бидејќи на сите им рекла дека мисли оти тој планира да ја убие).
Во современ контекст, алпскиот развод означува ситуација во која едно лице – често партнер во романтична врска – намерно го напушта другото лице при престој во природа. Тоа најчесто се случува по расправија, поради разлика во темпото или физичката подготвеност или како радикален начин на прекинување на врската.
Последните години поимот доби дополнително внимание благодарение на социјалните мрежи каде што главно корисничките ги споделуваат сопствените искуства кога биле оставени за време на планинарење или излети во природа. Загрижува тоа што не станува збор за изолирани инциденти, туку за модел на однесување.
„Победник“ во оваа категорија, барем колку што знаеме, е австрискиот алпинист Томас Пламбергер, кој ја оставил девојката среде искачување на Гросглокнер иако таа немала ниту сила ниту знаење самата да го заврши. Згора на тоа, презел сè што можел за да не ѝ биде дадена помош. Иако ова му е вторпат да го стори тоа, осуден е само за убиство од небрежност.
Фото: freepik