Австралиски турист уапсен зашто цртал графити во Кјото

Австралиски турист уапсен зашто цртал графити во Кјото

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

23-годишен австралиски државјанин бил уапсен во Јапонија откако бил фатен како црта графити во Кјото.

Според извештаите, локалната полиција добила телефонски повик од очевидец кој објавил дека странец црта графити на брегот на реката Камогава во Хијошичо.

Полицијата се упатила на местото на настанот и го нашла осомничениот како пишува „Дух“ (Ghost) со црно мастило на знак веднаш до брегот на реката. Бил уапсен поради причинување штета на имот.

Но, осомничениот вели дека не станува збор за злосторство, туку за уметност. Сепак, луѓето во Јапонија ја гледаат ситуацијата многу поинаку.

- Почитуван странецу, графитите како овој прават да се чувствуваме грозно. Ова прави го во својата татковина. Немој да го исмеваш Кјото - пишува еден корисник на „Твитер“.

Полицијата соопшти дека осомничениот бил турист кој на 10 мај пристигнал во Јапонија. Истиот овој графит бил забележан на друг ѕид и оттогаш бил забележан уште на 36 места во близина.

Полицијата во моментов го испитува случајот на вандализам.

Овој е последен во низата графити што ги нацртале австралиските државјани во Јапонија. Минатиот месец 27-годишен маж бил уапсен во Токио поради вандализирање на возот на подземната железница, а минатата година двајца 19-годишници биле уапсени затоа што цртале со спрејови на објекти во Шибуја.

Јапонскиот судски систем е различен од другите земји, а луѓето што се уапсени во Јапонија може да очекуваат долг престој во полициски притвор. Според јапонскиот закон, осомничениот може да биде задржан 23 дена без обвинение.

- Дури и ако некој е обвинет и му е изречена условна казна, може да очекува да остане во притвор до 2-3 месеци. Ова може да има драматичен ефект врз тековните и идните вработувања, семејните односи и финансиските околности - вели австралиската амбасада во Токио.

Така што, ако планирате да ја посетите Јапонија и да цртате графити, размислете уште еднаш. Обвиненијата за штета на имотот доаѓаат со максимална затворска казна од 3 години, а јазичната бариера и културните разлики го прават сфаќањето на законот сосема различно кога сте странец надвор од вашата татковина.