Од нерециклирање до нула отпад. Како Љубљана го реализира својот план?

Од нерециклирање до нула отпад. Како Љубљана го реализира својот план?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Од бујниот зелен рид може да се види Љубљана, главниот град на Словенија. Воздухот во градот е чист, а единствениот знак дека стоиме над длабока депонија од 24 метри се метанските цевки за гас што се издигнуваат од тревата.

Љубљана е првиот европски главен град што се обврза да стигне до нула отпад. Но, пред 15 години целиот отпад одел директно во депонијата.

- Тоа е скапо, зазема простор и фрлате ресурси што можете да ги искористите - вели Нина Санковиќ од „Вока Снага“, компанија за управување со отпадот во градот.

Затоа градот се одлучил за промени.

Почнало во 2002 година со контејнери за селектирање хартија, стакло и пакувања. 4 години подоцна градот почнал со собирање биоразградлив отпад од врата на врата, посебното селектирање на биоотпадот треба да стане задолжително во Европа во 2023 година, но Љубљана ова го направи пред речиси две децении. Во 2013 година секоја куќа во градот добила канти за отпад.



Резултатите биле импресивни. Во 2008 година градот рециклирал само 29,3 отсто од својот отпад, но заостанувал зад остатокот од Европа. Денес, оваа бројка е 68 отсто, а депонијата добива речиси 80 отсто помалку ѓубре, со што Љубљана е лидер за рециклирање меѓу главните градови на ЕУ. Овој главен град сега произведува само 115 килограми преостанат отпад по глава на жител на годишно ниво.

Развојот на најсовремената фабрика во Европа за биолошки отпад беше голем чекор кон исполнување на посветеноста на градот на минимум 75 отсто стапка на рециклирање до 2025 година. Регионалниот центар за управување со отпад беше отворен во 2015 година. Денес користи природен гас за производство на сопствена топлина и електрична енергија, обработува 95 отсто од отпадот во материјали за рециклирање и цврсто гориво и испраќа помалку од 5 отсто на депонија.

Но, не станува збор само за обработка. Превенција, повторна употреба и рециклирање се клучните фактори. Освен селектирањето од врата на врата, Љубљана има два центри за рециклирање отпад од домаќинствата каде што граѓаните можат да го отстрануваат својот отпад. Еден ваков центар е толку популарен, што има 1.000 посети дневно. Градот планира да изгради уште најмалку 3, и уште 10 во помалите градови.

- Не се сеќавам на периодот кога не го одвојувавме отпадот. Знам точно каде се наоѓа специфичен контејнер, па по тој редослед го селектирам отпадот - вели Хенрик, жител на Љубљана.

Работите што не се скршени можат повторно да се користат. Тие повторно се проверуваат, се чистат и потоа се продаваат по ниски цени. Постои и неделна работилница која ги учи граѓаните како да поправаат скршени работи.

Продавниците за нула-отпад се тренд во Љубљана, а „Вока Снага“ води и сопствени автомати за продажба на амбалажи за домашна употреба. Новата иновација значи дека сите општински институции користат тоалетна хартија што се произведува од рециклирани пакувања за млеко и сок.



Иако е преполн со туристи, центарот на градот е чист. Колекционерите на отпадот постојано се движат низ улиците. Постојат и специјални возила кои ги чистат улиците користејќи вода собрана од дождот и биоразградлив детергент. На секој агол има посебни канти за отпадоци од хартија, пакувања и ѓубре.

На Љубљана сé уште ѝ претстојат предизвици - во станбените згради тешко е да се идентификуваат оние што погрешно го селектираат отпадот. Освен тоа, Словенија се наоѓа на трето место по користење свеќи на гробишта, а тие прават ѓубре.