Како завршува една пандемија?

Како завршува една пандемија?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Според историчарите, пандемијата обично има два вида на крај: медицински, што се јавува кога инциденцата (бројот на заразени) и стапката на смртност опаѓаат, и општествен, кога епидемијата на страв од болеста опаѓа.

- Кога луѓето прашуваат: „Кога ова ќе заврши?“ тие прашуваат за општествениот крај - вели д-р Џереми Грин, историчар за медицина на „Џонс Хопкинс“.

Со други зборови, крајот може да се случи не затоа што е уништена болеста, туку затоа што луѓето стануваат уморни од паничниот режим и учат да живеат со болеста. Алан Брант, историчар од „Харвард“, изјави дека нешто слично се случува со Ковид-19.


- Како што видовме во дебатата за отворање на економијата, многу прашања во врска со таканаречениот крај не се утврдени со податоци од медицински и јавно здравство, туку од социо-политички процеси - вели Алан Брант.


- Завршувањата се многу, многу неуредни. Гледајќи наназад, имаме слаб наратив. За кого завршува пандемијата и кој вели дека завршува? - вели Дора Варга, историчарка на Универзитетот во Ексетер.

На патот на стравот

Епидемија на страв може да се случи и без епидемија на болест. Д-р Сузан Мареј, од Кралскиот колеџ за хирурзи во Даблин, ова го видела од прва рака во 2014 година, кога работела во рурална болница во Ирска.

Во претходните месеци, повеќе од 11.000 луѓе во Западна Африка починале од ебола, застрашувачка вирусна болест што е многу заразна и честопати фатална. Се чинело дека епидемијата опаѓала, а немало ниту еден случај во Ирска, но стравот на луѓето бил очигледен.

- На улиците и на одделенијата во болниците, луѓето беа вознемирени. Различната боја на кожата е доволно за луѓето да почнат да ве избегнуваат во автобус или воз. Искашлајте се и ќе се оддалечат од вас - вели д-р Мареј.

Вработените во болницата во Даблин биле предупредени да се подготват за најлошото. Биле преплашени и загрижени што немаат заштитна опрема. Кога еден млад човек пристигнал во собата за итни случаи од земја со пациенти со ебола, никој не сакал да му се доближи. Медицински сестри се криеле, а лекарите се заканиле дека ќе ја напуштат болницата.


Д-р Мареј се охрабрила да го лекува, но ракот што го имал бил толку напреднат што таа можела да му понуди само утеха. Неколку дена подоцна тестот потврдил дека човекот нема ебола, починал еден час подоцна. Три дена потоа, Светската здравствена организација прогласила епидемија на ебола.


- Ако не сме подготвени да се бориме против стравот и незнаењето толку активно и исто толку смислено колку што се бориме со кој било друг вирус, можно е стравот да направи ужасна штета на ранливите луѓе, дури и на места кои никогаш немале ниту еден случај на инфекција за време на пандемија. И епидемијата на страв може да има многу полоши последици кога се комплицира со прашања од раса, привилегија и јазик - вели Д-р Мареј.

Црната смрт и темните спомени

Бубонската чума го погоди човештвото неколкупати во изминатите 2.000 години, убивајќи милиони луѓе, менувајќи го текот на историјата. Секоја епидемија го засилувала стравот што доаѓал со следната појава.

Болеста е предизвикана од видови на бактерии, „Јерсинија пестис“, кои живеат на болви кои живеат на стаорци. Но бубонската чума, која стана позната како Црна смрт, може да се пренесе од заразено лице на заразено лице преку респираторни капки, така што не може да се искорени едноставно со убивање стаорци.

Историчарите опишуваат три големи бранови на чума, според мери Фисел, историчар од „Џонс Хопкинс“. Чумата на Јустинијан во 6. век, средовековната епидемија во 14. век и пандемијата што се појави во доцниот 19. и раниот 20. век.

Средновековната пандемија почнала во 1331 година во Кина. Болеста, заедно со граѓанската војна што беснеела во тоа време, убила половина од населението на Кина. Оттаму, чумата се движела по трговските патишта кон Европа, Северна Африка и Блискиот исток. Помеѓу 1347 и 1351 година, убила најмалку една третина од европското население. Починало половина од населението во Сиена, Италија.

- Оној што не видел таков ужас може да се каже дека е благословен - напишал хроничарот од 14. век Агноло ди Тура.

1
Фото: Pixabay

Мртвите биле погребани во јами, на куп.

- Во Фиренца нема повеќе почит кон мртвите луѓе отколку што во денешно време им се дава почит на мртвите кози - напишал Џовани Бокачо.

Некои се криеле во своите домови. Други одбивале да ја прифатата заканата. Нивниот начин за справување, според пишувањата на Бокачо, биле пиење, уживање во животот во целост, пеење и веселење, за да ги задоволат сите желби кога се појавувала оваа можност.

Пандемијата завршила, но чумата се повторила. Една од најтешките пандемии почнала во Кина во 1855 година и се ширела низ целиот свет, убивајќи повеќе од 12 милиони само во Индија. Здравствените власти во Мумбај изгореле цели населби за да се ослободат од чумата.

- Никој не знаел дали тоа прави некоја разлика - вели историчарот Френк Сноуден, од „Јеил“.

Не е јасно како стивнала бубонската чума. Некои научници тврдат дека студеното време ги убило болвите што ја носеле болеста, но тоа не би го прекинало ширењето по респираторен пат, истакнува д-р Сноуден.

Или можеби тоа било промена на стаорците. До 19. век, чумата не ја пренесувале црните стаорци, туку кафеавите, кои се посилни и со поголема веројатност да живеат одвоено од луѓето. Друга хипотеза е дека бактеријата се развила да биде помалку смртоносна. Или можеби постапките на луѓето, како што е палењето села, помогнале да се смири епидемијата. 


Чумата никогаш не исчезнала. Во САД, инфекциите се ендемични кај преровите кучиња во Југозападниот регион и може да се пренесат на луѓето. Д-р Сноуден изјави дека еден од неговите пријатели се заразил по престојот во хотел во Мексико. Претходниот патник на неговата соба имал куче, кое имало болви кои носеле микроби.

Ваквите случаи се ретки и сега можат успешно да се третираат со антибиотици, но секој извештај за случај на чума предизвикува страв.

Болеста која завршила

Меѓу заболувањата што имале медицински крај се малите сипаници. Но, тоа е исклучително од повеќе причини: Постои ефикасна вакцина, која дава доживотна заштита; вирусот, „Вариола мајор“, нема домаќин на животни, така што елиминирањето на болеста кај луѓето значело тотална елиминација, а нејзините симптоми се толку невообичаени што инфекцијата е очигледна, овозможувајќи ефективни карантини и следење на контактите.


Но, додека беснеела, оваа болест била ужасна. Епидемија по епидемија го зафатила светот. Поединци заразени со вирус развивале температура, потоа осип што се претворал во точки полни со гној, кои паѓале, оставајќи лузни. Болеста убивала три од 10 нејзини жртви, честопати по огромно страдање.

Последната личност која се заразила од мали сипаници бил Али Мау Малин, болнички готвач во Сомалија, во 1977 година. Се опоравил, но во 2013 година починал од маларија.

Заборавени грипови

Грипот од 1918 година и ден денес се посочува како пример за ужасите на една пандемија и колку карантинот и социјалното дистанцирање функционираат. Пред да заврши, грипот убил 50 до 100 милиони луѓе ширум светот.

Есента 1918 година, истакнатиот лекар Виктор Воган бил испратен во Камп Девенс близу Бостон за да пријави грип што беснеел таму. Тој видел стотици млади луѓе во униформа, како влегуваат во одделенијата во болницата во групи од десет или повеќе.

- Во утринските часови нивните мртви тела беа натрупани во мртовечницата како трупци - напишал тој додавајќи дека вирусот ја покажал инфериорноста на човечките интервенции во уништувањето на човечкиот живот.

Откако покосил многу животи низ светот, грипот исчезнал, развивајќи се во вид на полесен грип што се појавува секоја година.

Вирусот доживеал и општествена завршница. Завршила Првата светска војна, луѓето биле подготвени за нов почеток, нова ера и желни да ги стават кошмарите од болести и војни зад нив. До неодамна, грипот од 1918 година главно беше заборавен.


По него имало и други пандемии - никоја полоша, но сите трезвени. Грипот од Хонг Конг во 1986 година уби 1 милион луѓе низ светот, претежно лица постари од 65 години. Овој вирус сè уште циркулира како сезонски, но ретко кој се сеќава на неговиот почеток и стравот од него.

Што ќе се случи со Ковид-19?

1
Фото: Unsplash

Според историчарите, една можност е дека пандемијата на коронавирус би можела да заврши општествено пред да има медицински крај. Луѓето може да се уморат од органичувањата поради пандемијата, дури и ако вирусот продолжува да тлее во популацијата и пред да се најде вакцина или ефективен третман.

- Мислам дека постои ваков социјално психолошки проблем на исцрпеност и фрустрација. Може во еден момент луѓето да си речат: „Доста е. Заслужувам да се вратам на секојдневниот живот“ - вели Наоми Роџерс, историчар на Универзитетот „Јеил“.

Тоа и се случува во некои американски држави во кои гувернерите ги олабавија мерките, дозволувајќи отворање на фризерски салони, козметички салони и спортски сали, во спротивност на предупредувањата на здравствените службеници дека ваквите чекори се прерани. Како што расте економската катастрофа, сè повеќе луѓе се подготвени да кажат „доста е“.


- Постои ваков вид на конфликт - вели д-р Роџерс. Здравствените службеници го имаат медицинскиот крај на ум, но некои членови на заедницата гледаат општествен крај.

- Кој ќе прогласи крај? Ако се спротивставиш на идејата за крајот на пандемијата, на што се спротивставуваш? Што тврдиш кога ќе кажеш: „Не, нема да заврши“ - вели д-р Алан Брант.

Според него, предизвикот е дека нема да има ненадејна победа. Обидот да се дефинира крајот на епидемијата ќе биде долг и тежок процес.

Извор: New York Times