Студентите на УКИМ бараат домовите да се отворат од јуни и да се доделат најавените ваучeри за помош

Студентите на УКИМ бараат домовите да се отворат од јуни и да се доделат најавените ваучeри за помош

Студентите при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ од Скопје кои се сместени во студентските домови бараат домовите да работат во текот на целото лето, со посебен режим кој ќе ја гарантира нивната безбедност. Тие ќе имаат потреба од сместувачките капацитети во текот на целиот летен период, за да можат да присуствуваат на практичната настава и испитните сесии што ќе се одвиваат во јуни, јули, август и септември.

 

Студентите очекуваат брза имплементација на владините мерки за студентите, особено на ваучерите за сместување и/или партиципација.


Универзитетското студентско собрание при УКИМ денеска испрати барање за информации за имплементацијата на мерките за финансиска помош на студентите и вклучување на УСС-УКИМ во целиот процесот.


-За владините мерки најавени на 17 мај, студентите сѐ уште немаат информации на кој начин ќе бидат имплементирани, како и за условите за аплицираање за ваучерите. МОН мора брзо да објави како ќе бидат воведени економските мерки за студенти и во најкус можен рок да започне со нивна имплементација. Овие средства се неопходни за студентите кои ќе имаат дополнителни трошоци поврзани со своите студии во месеците јуни, јули и август – велат студентите.


Тие нагласуваат дека се очекува посебен протокол за безбедна работа на студентските домови, што ќе се однесува и на студентите и на персоналот на домовите и секое непочитување да биде санкционирано со најстрога дисциплинска мерка – исклучување од домот.


- Бараме брз одговор од надлежните институции, а секоја задоцнета реакција ќе ги продлабочи проблемите и неизвесноста кај студентите. Студентите треба да се фокусираат на испитната сесија, без товарот од егзистенцијалните прашања – завршуваат студентите.


Директорот на Студентскиот центар „Скопје“ Дарио Николовски за Факултети.мк изјави:


-Отворањето на студентските домови ќе следи согласно препораките од Комисијата за заразни болести и одлуката на Влада. Сепак, за тоа треба да одлучи Комисијата и Владата проценувајќи го ризикот од ширење на коронавирусот, поради кој истите и беа затворени. Ние немаме надлежност во носење таква одлука.