Откажете се од фразите „не ми е јасно“ и „не можам“, научете и обидете се, вели Филип Попоски, избран за млад инженер на годината

Откажете се од фразите „не ми е јасно“ и „не можам“, научете и обидете се, вели Филип Попоски, избран за млад инженер на годината

Подготвил: Жанета Здравковска

Лектор: Ивана Кузманоска

Државата мора да создаде средина во која вреднувањето ќе се темели на знаење, а не на врски. Многу млади инженери заминуваат зашто чувствуваат дека и покрај вложениот труд и талент, напредувањето не секогаш зависи од резултати, туку од други фактори, вели Поповски.

Студентите од техничките науки да се откажат од фразите „не знам јас тоа“, „не ми е јасно“ или „не можам“. Секој инженер почнува така, но разликата ја прават оние што ќе седнат, ќе научат и ќе се обидат. Ваква порака до студентите по технички науки упатува Филип Попоски, кој деновиве беше избран за млад инженер на годината на конкурсот на Инженерската институција на Македонија по повод 105-годишнината од формирањето на првото македонско здружение на инженери на 21 март 1920 година.

И неговите родители студирале технички науки

Попоски е машински инженер, дипломиран на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на насоката Енергетика и екологија и магистранд на Автоматика и флуидно инженерство. Беше еден од студентите со највисок просек во неговата генерација. Минатата година се запиша на докторски студии на Машинскиот факултет, при што истражува интердисциплинарна област – безбедност на индустриски управувачки системи, односно индустриска автоматика.



- Не би можел да дадам единствен одговор на прашањето зошто мојот избор беа техничките науки. Дел од причината се веројатно и моите родители, кои исто така студираа технички науки, па некако ми беше природно да продолжам во таа насока. На крајот на средношколските денови се двоумев меѓу машинство и градежништво, татко ми ме насочи по неговите стапки кон машинството и воопшто не се каам за таа одлука - вели Попоски.

Работи во фабрика која произведува специјализирани шприцови од стакло

Тој е дел од тимот за стартување на нова фабрика, инвестиција на „Гересхајмер“ во Македонија, наменета за производство на специјализирани шприцови од стакло.

- Производствените процеси за кои сум одговорен се целосно автоматизирани и се навистина комплексни. Во фабриката влегуваат долги стаклени цевки, а излегуваат како целосно оформени шприцови. Мојата обврска е да придонесам во воспоставување, тестирање и оптимизирање на целокупната опрема и процесна логика што стои зад ова производство - додава младиот инженер.

Тој работи и како консултант за развој на производи наменети за производство со 3Д-печатење за германската компанија HENK.
- Немав проблем да најдам работа, сѐ додека има волја, верувам дека младите можат. Но, дали секој може да најде работа со соодветни услови, е сосема друго прашање - вели Филип.



Во странство секогаш остануваш странец

Не е мал бројот на млади инженери што заминуваат од Македонија. Попоски признава дека и тој размислувал за таа опција зашто таму условите и можностите се поатрактивни, но вели дека во странство секогаш ќе останеш странец.

- Сум имал и конкретни понуди да работам во странство, но никогаш не сум одлучил да одам бидејќи има нешто што ќе ми недостига - фамилијата и оние што ми се блиски се тука, а во странство секогаш остануваш странец. Не знам што носи иднината, но денес немам намера да се селам само поради работа. Сметам дека можностите за инженери во нашата држава полека се подобруваат, но ќе треба уште многу за да можеме да се споредиме со најразвиените земји - дециден е тој.

Напредување со квалитет, без врски и департизирани работни позиции

За да ги задржиме квалитетните инженерски кадри, Попоски нагласува дека државата мора да создаде средина во која вреднувањето ќе се темели на знаење, а не на врски.

- Многу млади инженери заминуваат зашто чувствуваат дека и покрај вложениот труд и талент, напредувањето не секогаш зависи од резултатите, туку од други фактори. Не сум од оние што сметаат дека имаме целосно нефункционален образовен систем, произлегуваат и многу квалитетни кадри кои може да се мерат со најдобрите универзитети, но има сериозни пропусти. Сѐ зависи од политички промени и краткорочни приоритети - додава тој.

Според него, потребни се сериозни вложувања во опрема, усовршување на наставниот кадар, финансиска поддршка за сериозно истражување во академската заедница.

- За крај, неопходно е јасно да се департизира пристапот до работни позиции, проекти и институционална поддршка и да се воспостави транспарентен и меритократски систем. Ако младите видат дека можат да изградат кариера со труд и знаење, ќе имаат многу повеќе причини да останат тука, особено кога станува збор за работа во државни институции и претпријатија - заклучува младиот инженер.



Љубопитен, посветен и постојано пред нови предизвици

Признанието „Млад инженер на годината“ Попоски го доби во конкуренција од 52 кандидати. Беше избран анонимно од жири составено од 47 претставници од медиумите, компании, академската заедница и јавниот живот. Признанието се додели прв пат.

- За себе сметам дека сум доста љубопитен и дека не се ограничувам или плашам да навлезам во непознати теми. Секој инженер треба постојано да си поставува нови предизвици за себе, да се труди да биде подобар и да научи нешто ново, не само од својата дисциплина, туку и пошироко. Таа љубопитност, заедно со посветеноста и многу вложени часови, и во работно и во приватното време, почнувајќи со работа на проекти уште во студентските денови, имаа најголем придонес за ова признание - нагласува тој.

Фото: приватна архива