Некои дрвја можат да ја зголемат сушата

Некои дрвја можат да ја зголемат сушата

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Некои луѓе кога имаат мал буџет, стануваат економични, а други, пак, продолжуваат да трошат. Изгледа дека дрвјата се исти како нас. Додека одредени растенија со жештините се справуваат така што стануваат штедливи во однос на користењето на водата, други ја зголемуваат количината на влага што ја впиваат од почвата и ја испуштаат во воздухот. Ова всушност може да ги интензивира сушите, покажува студија објавена во понеделникот.

- Ова е како многу брзо празнење на вашата банкарска сметка - вели Вилијам Андерег, коавтор на студијата и биолог при Универзитетот во Јута.

Истражувачите утврдиле дека дрвјата во дождовните шуми на Амазон генерираат сопствени облаци и дожд, на пример, и дека дефорестацијата влијае врз локалните временски услови.

Андерег и неговите колеги собрале податоци за протокот на топлина, вода и јаглерод на 40 места во светот, од Канада до Замбија, Данска, Русија и Австралија. Потоа тие мерења ги споредиле со видовите дрвја што преовладуваат на секоја локација за да видат кои видови се поврзани со интензивирани суши.

- Наместо да гледате како сушата влијае врз шумите, да се запрашаме како тоа може да се одвива обратно - прашува Андерег.

Тие утврдиле дека некои дрвја во постудени клими (особено зимзелените дрвја како кедари, ели, смреки и борови) постепено забавуваат колку вода циркулираат внатрешно, одржувајќи ја почвата околу нив колку што е можно повлажна во текот на колку што е можно подолг период. Но, видови дрвја во потопли клими, како што се дабовите во Калифорнија и на Медитеранот, одговараат така што брзо ја трошат достапната вода. Резултатот, што е мала влажност на почвата, може да ги зголеми локалните температури и да ги влоши сушните услови, смета Андерег.

Групата исто така утврдила дека во местата со поголема разновидност на дрвја подобро се ублажуваат сушните услови.

- Тоа сугерира дека не се важни само доминантните дрвја, туку е важно да има разноликост - вели Андерег.

Разбирањето на тоа како видовите во одреден регион одговараат на суша ќе стане уште поклучно во следните години. Климатските промени придонесоа за подеструктивни временски настани, од пожари до невообичаено моќни урагански сезони, а сушите не се исклучок.

- Екстремните настани се случуваат сè почесто. Нема област од нашата земја каде што можете да се движите и да речете дека нема да биде погодена од суша - вели Брајан Фукс, геонаучник при Универзитетот во Линколн, Небраска.

Според него, оваа година била еден од најумерените периоди за суша во поновата историја поради релативно влажните есен, зима и пролет. Но, сезонските временски услови не треба да нè запираат во проучувањето на условите на суша, кои стануваат сè почести.

- Сега сме само во еден од тие периоди. Тоа е дел од природниот циклус. Но, никогаш не знаеме кога ќе почне следната суша и најдоброто време за подготовка е кога нема да сме во некој од тие периоди - вели Фукс.