Писмо: Зошто и по две позитивни рецензии не сум избрана за доцент?

Писмо: Зошто и по две позитивни рецензии не сум избрана за доцент?

Кога веќе се отвора темата за образованието, решив и јас да го изнесам мојот случај и да го образложам. Барам одговор од премиерот Зоран Заев, министерот за образование и наука Арбер Адеми, од Владата и Министерството за образование и наука, од Томе Спировски, директор на Државниот просветен инспекторат, државниот секретар Енвер Хусеин и останатите надлежни, зошто и по две позитивни рецензии не сум избрана во звањето доцент, односно Наставно-научниот совет на Педагошкиот факултет во Битола премолчено го чекаше истекот на рокот за конкурсот од 6 месеци без воопшто да гласа за или против и трипати ја менуваше рецензентската комисија.

Документи од преписките

Полиглот сум и космополит со меѓународно универзитетско искуство како стипендист на европски влади и универзитети, со 3 рецензирани научни монографии, над 30 научни трудови објавени во зборници на светски конференции, со искуство како визитинг-истражувач и предавач на странски универзитети, со многубројни авторски изданија, преводи и придонес за македонската книжевност и хуманистика, со меѓународни книжевни награди, насекаде добро прифатена освен во својата земја.



Дали ова е едно општество за сите и дали функционира правната држава? Прашањето е зошто не се почитува Законот за високо образование и дали поради нечии лични калкулации и интереси, молчешкум се чекаше да истече рокот од конкурсот и не се донесе одлука и покрај двете позитивни рецензии на комисијата составена од реномирани универзитетски професори? Комисијата која ме избра со две позитивни рецензии, преку ноќ беше сменета без образложение.

Почитувани, сакам да ѝ дадам последна шанса на оваа држава да го искористи мојот интелектуален, научен и академски потенцијал, пред засекогаш да ја напуштам. Верувам дека мојот случај ќе се преиспита и дека неправдата ќе биде исправена.

Со почит,
д-р Славица Свидерска