Летото значи одмор, повеќе мир и време за читање. Во лето настојуваме да го надополниме сето она време што сме го пропуштиле за читање во текот на годината. Научно е докажано дека читањето книги ги намалува тегобите и стресот за 60% и им овозможува на луѓето барем накратко да заборават на своите проблеми.
Изборот на добра книга за лежерно летно читање воопшто не е едноставна работа, особено во услови на богата издавачка понуда. За да ви олесниме, ви откриваме кои се топ-10 фаворити на издавачката куќа „Арс Ламина“. Веруваме дека за секого ќе се најде по нешто, па она што ви преостанува е да се упатите до најблиската книжарница „Литература.мк“, да го направите својот избор и да уживате во летото и во читањето.
1. Јас сум Миа – Јана Мишо
Стефан има девојка. МОЈОТ Стефан, што го ѕиркам веќе една година по ходници во школо, што ги терам другарките да ми кажуваат дали гледа во мене додека сум му свртена со грб, кому еднаш едвај му кажав едно тивко „здраво“ и избегав, Стефан што замислував дека некогаш ќе ми го најде некако бројот и ќе ми пише порака, дека ќе ме викне да се видиме и дека ќе се фатиме и ќе бидеме засекогаш, ама НАЈЗАСЕКОГАШ заедно... Има девојка. Лежев на креветот и гледав во таванот. Многу сум глупава.
2. Костурите на округот Медисон - Ведрана Рудан
Во полифоничниот роман „Костурите на округот Медисон“, Ведрана Рудан бескомпромисно и духовито, а над сè уметнички успешно, зборува за родителите, децата, љубовта и сексот. Таа ги разбива стереотипите за пожртвуваните мајки, послушните ќерки, посветените сопрузи и злобните љубовници. Стереотипите поради кои сите тие стануваат жртви.
Како завршува мојата љубовна приказна? Дали на крајот ќе се венчаат или можеби ќе ги обноват заветите? Или се разделуваат на обострано задоволство за да тргнат во нови љубовни маки опседнати со сексот или од стравот од секс? Нема да ви кажам. Што мислам, дали книгата е добра? Одлична е. Земете ја в раце. Откако ќе ја прочитате, можеби нема да скокнете на ФБ, туку на некој што го сакате. Или ви се чини дека го сакате.
3. Американски брак – Тајари Џонс
Рој направил сè како што треба. Израснат во работничко семејство од Луизијана, се изборил за школарина во колеџот „Морхаус“. Кога се оженил за Селестијал, таа веќе напредувала во својата уметничка кариера. И тогаш Рој е уапсен за дело што не го извршил. Од затворот во Луизијана со сопругата разменуваат писма. Во меѓувреме Селестијал ја обновува врската со стариот пријател Андре...
„Американски брак“ е приказна за афроамерикански брачен пар чиј живот темелно се менува кога сопругот невин завршува во затвор. Приказна за неправичноста на општеството кон Афроамериканците и мноштвото познати и непознати импликации на таа неправичност. Книгата е препорачана од Опра Винфри и Барак Обама.
4. До последна нота – Лиза Џенова
Ричард е концертен пијанист со светска слава, кој добива стоечки овации низ салите во светот. Секој негов прст од дланките е прецизно наштиман инструмент, што танцува по клавијатурата и ја погодува секоја до последната нота со истата прецизност.
Но, сега на Ричард му е дијагностицирана АЛС и целата негова десна рака е парализирана. Карина, пак, неговата поранешна сопруга, е парализирана од оправдувања и страв, заглавена во нејзиниот неисполнет живот како учителка по пијано, исплашена да тргне по патот што го напуштила во младоста. По игра на случајноста, не сакајќи таа станува негова негувателка...
Потресна и моќна, „До последна нота“ е мајсторско истражување на искупувањето и на она што значи да се пронајде сопствениот мир во простувањето.
5. Сребрениот куфер - Тери Тод
Во 1939 година, кога Канада е пред влегување во Втората светска војна, седумнаесетгодишната Корнелија се справува со смртта на мајка си. Како што надоаѓа нова трагедија што ѝ дава уште повеќе причини за да ја негира верата на своите родители, се појавува неочекуван посетител кој ќе го смени текот на нејзиниот живот. Сама, со тешко бреме и уште поголема тајна, таа носи одлука што ќе ја прогонува низ целиот живот. Настаните од овој бурен период единствено ќе му ги довери на својот дневник, кој ќе ѝ биде замена за пријател и за молитва.
Многу децении подоцна, внуката на Корнелија, Бенита, минува низ лична криза, доживувајќи неколку загуби во само една недела, вклучувајќи ја и смртта на саканата баба. На работ на развод, таа го открива дневникот на Корнелија. Со помош на дневникот, Бенита ќе појде на неочекувано патување што ќе ѝ донесе радост, исцелување и верба.
6. Е, баш ме заболе - Марк Менсон
Во оваа книга-водич за самопомош, што дефинира една цела генерација, авторот, кој е суперѕвезда во блогерските кругови, не нè замајува со глупости од типот дека треба постојано да се обидуваме да бидеме „позитивни“, за навистина да станеме подобри и посреќни луѓе. Веќе со децении ни се сервира тезата дека позитивното мислење е она клучното што води кон среќен и исполнет живот. Но, Марк Менсон вели: „Море, кој ја ’врти‘ позитивноста. Да бидеме искрени – нештата се зафркнати, но немаме друг избор освен да живееме со нив онакви какви што се“. На неговиот многу популарен блог на интернет, Менсон ниту ја бојадисува стварноста во розово ниту ја заобиколува. Тој ги изложува работите токму онакви какви што се, што е една вистинска доза необработена, свежа и искрена вистина – нешто што денес навистина ни недостига.
7. Becoming: Мојата приказна - Мишел Обама
Сè уште има многу нешта што не ги знам за Америка, за животот, за сето она што иднината би можела да го донесе. Но, се познавам себеси. Татко ми Фрејзер ме научи напорно да работам, често да се смеам и да си стојам на зборот. Мајка ми Мириан ми покажа како да размислувам со своја глава и како да го користам ставот што го имам. Тие двајцата заедно, во нашиот збиен стан во чикашкиот Саут Сајд, ми помогнаа да ја согледам вредноста што ја има во нашата приказна, во мојата приказна, во пошироката приказна на нашата земја. Дури и кога таа приказна не е ниту убава ниту совршена. Дури и кога таа приказна е пореална отколку што сакате да биде. Вашата приказна е нешто што го имате, нешто што ќе го имате засекогаш. Таа е нешто што го поседувате.
8. Поранешниот ти – Луиз Вос
Лин Нејсмит се откажа од работата што ја сакаше кога се омажи за Ед, љубовта на нејзиниот живот. Но, вредеше, заради среќните години што ги проживеаја заедно. Сега, десет години подоцна, на Ед му е дијагностицирана рана деменција и почнуваат да се случуваат чудни работи – почудни од загубени клучеви и проголтани зборови. Како што некои сеќавања се заборавени, така, други, долго заборавени, испливуваат на површината... и совршениот свет на Лин почнува да се урива.
Но, кој тука си замислува нешта, Ед или Лин?...
9. Транскрипција – Кејт Аткинсон
Во 1940 година, осумнаесетгодишната Џулиет е регрутирана во светот на шпионажата, ангажирана во таен оддел на МИ5 со задача да ги надгледува активностите на британските фашистички симпатизери. Брзо сфаќа дека таа работа е истовремено здодевна и застрашувачка. Но, со крајот на војната, смета дека сето тоа е засекогаш зад неа.Десет години подоцна, сега како продуцент во Би-би-си, Џулиет ненадејно се соочува со некои ликови од шпионското минато. Сега е во тек една поинаква војна, војна што се води на поинакво бојно поле, а Џулиет сфаќа дека повторно живее живот исполнет со закани и ризици.„Транскрипција“ не е само возбудлива книга. Таа поседува длабочина и текстура што многу ретко се наоѓа во овој жанр. Ова е бравурозен современ роман што е полн како со остроумност, така и со емпатија – врвно остварување на една од најдобрите писaтелки на денешнината.
10. П. С. Ми се допаѓаш – Кејси Вест
Додека скита со мислите на часот по хемија, Лили ќе начкраба неколку стихови од нејзината омилена песна на клупата. Следниот ден открива дека некој ги продолжил стиховите на клупата и допишал порака за неа. Интригантно!
Наскоро, Лили и нејзиниот анонимен пишувач почнуваат да разменуваат писменца – споделуваат тајни, си препорачуваат бендови и се отвораат еден со друг. Лили сфаќа дека почнува да се вљубува во пишувачот на писменцата. Само, кој е тој? Додека Лили се обидува да ја разоткрие мистеријата и истовремено се справува и со училиштето, пријателите, симпатиите и нејзиното откачено семејство, таа открива дека срцето понекогаш не избира во кого ќе се вљуби...
Кејси Вест внесува една неодолива духовитост, топлина и енергија во оваа забавна и весела приказна за љубов што се појавува тогаш и таму кога најмалку ја очекувате.
(Комерцијална објава)