УКИМ гласа за нов ректор, ФДУ ги бојкотира изборите

УКИМ гласа за нов ректор, ФДУ ги бојкотира изборите

Подготвил: С.Ѓ.

Лектор: Ивана Кузманоска

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска во 12 часот почнаа ректорските избори. Околу 1.500 члена на наставно-научните, научните и наставничките совети можат да го дадат својот глас за еден од седумте кандидати за ректор. На 22 од 23 единици на УКИМ гласањето е во тек, а ќе трае до 14 часот. 


Гласањето некаде се одвива на отворено, а некаде во холовите, со почитување на мерките против ширење на Ковид-19. До 16 часот ќе се собираат гласовите, а до крајот на денот УИК треба да ги објави резултатите. Доколку има приговори по резултатите, ќе биде закажано повторено гласање на 6 јули. Дел од деканите на факултетите ни изјавија дека се подготвени за избори и дека нема никаков проблем за реализација. Таму каде што станува збор за поголеми факултети, организирани се по катедри и по утврден распоред за да нема групирање. Таков е случајот со Медицинскиот факултет. 


Гласање на професорите на Медицинскиот факултет (Фото: Медицински факултет)

Денеска нема да гласаат на Факултетот за драмски уметности во Скопје. На вонредна седница на наставно-научниот совет едногласно одлучија да го бојкотираат гласањето.

Кандидати за ректор се: проф. д-р Александар Димитров, проф. д-р Коле Василевски, проф. д-р Јане Ацевски, проф. д-р Никола Јанкуловски, проф. д-р Драги Димитриевски, проф. д-р Петар Атанасов и проф. д-р Вујица Живковиќ. 

Ова се првите избори за ректор што се организираат според новиот Закон за високо образование, донесен во 2018 година. Целиот процес на распишување на изборите помина во тензија и реакции за законитоста на процедурата.


Тројца од седумте кандидати – Вујица Живковиќ, Петар Атанасов и Драги Димитриевски - вчера соопштија дека ги ставаат во мирување своите кандидатури, согласно извештаите и препораките на Државната комисија за спречување корупција и на Државниот просветен инспекторат.


- Овие избори за ректор се нелегални, недемократски и неакадемски. Нашите кандидатури ги ставивме во мирување затоа што не сакаме да учествуваме на вакви избори и да ѝ дадеме легитимност на целата оваа нелегална постапка - изјавија тие.

Претседателката на Универзитетската изборна комисија, Гордана Лажетиќ, им одговори дека постапката за избор на ректор е според утврдениот Роковник и дека не е предвидено мирување на постапката и на кандидатурите на веќе пријавените кандидати, а такво нешто не е предвидено ниту со Законот за високо образование ниту со Статутот на УКИМ.


Независниот академски синдикат НАкС во неколку наврати повика професорите да „одбијат да бидат дел од незаконскиот и недемократски начин за избор на ректор. Со тоа, академското јадро на УКИМ ќе покаже вистинска грижа и подготвеност да се бори против злоупотребата на функциите и процедурите, особено кога тоа доаѓа од сопствената средина. Свесни за можните притисоци и закани со последици, особено врз помладиот универзитетски кадар и студентите, ги потсетуваме оние што сепак ќе се решат да се појават на избори дека секогаш можат своето несогласување со ваквиот процес еднакво јасно и недвосмислено да го изразат и на гласачкото ливче“.


Четири дена пред гласањето четворица членови од УИК дадоа оставка, меѓу кои и претседателот Пламен Тројачаец. 

Фото: Борче Поповски