Бојана Чапкуновска, најдобар студент на Ветерина: „Здравјето на луѓето, животните и животната средина се поврзани и треба да се третираат како целина“

Бојана Чапкуновска, најдобар студент на Ветерина: „Здравјето на луѓето, животните и животната средина се поврзани и треба да се третираат како целина“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

„Ветеринарната медицина е комплексна и мултидисциплинарна наука која бара огромна посветеност, континуитет и искрена љубов кон професијата“, вели Бојана Чапкуновска, која беше прогласена за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

Д-р Бојана Чапкуновска беше најдобра студентка на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје.

- Оваа награда за мене претставува исклучителна чест и признание за сиот вложен труд низ годините на студирање. Да се биде во кругот на најдобрите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како најреномиран универзитет во нашата држава, е огромна привилегија, но и голема одговорност и поттик да продолжам да се усовршувам и да придонесувам во развојот на ветеринарната медицина - вели Бојана за Факултети.мк.



Додека растела, често се случувало да биде неодлучна за многу работи, но никогаш немала дилема за изборот на својата професија.

- Од најрана возраст на прашањето што ќе бидеш кога ќе пораснеш, мојот одговор секогаш беше ист - доктор за животни. Секогаш чувствував посебна поврзаност со животните и силна желба да им помагам. Како дете постојано носев кучиња и мачиња дома, со цел да им најдам безбеден и топол дом. Токму таа сочувствителност и грижа кон животните со текот на годините прераснаа во животна определба. Денес сум среќна што работам во област која ми овозможува секојдневно да придонесувам за нивното здравје и благосостојба - вели д-р Чапкуновска.

Како студентка која вложувала многу труд во стекнувањето знаење, имала многу предизвици и голем број непроспани ноќи, а најголемиот бил да се одржи балансот помеѓу наставата, практичната работа и учеството во научноистражувачки активности.



- Се случувало да учам и по цели ноќи, а следниот ден да одам на терен или во хируршка сала, каде што беше неопходно целосно да сум фокусирана и инволвирана во процесот. Дополнително, бев активна и во студентските организации, како Факултетското студентско собрание, Универзитетското студентско собрание и ИВСА (Интернационална ветеринарна студентска асоцијација). Сепак, токму тие предизвици ми помогнаа да стекнам дисциплина и критичко размислување - вели таа и додава дека најголем интерес ѝ побудиле ветеринарната паразитологија и паразитните болести кај животните.
Фасцинантно е колку овие организми еволуирале и развиле комплексни развојни циклуси со цел да стигнат до компетентен домаќин и да преживеат. Меѓу другото, голем дел од овие паразитни болести се и зоонози, што значи дека покрај животните, можат да го афектираат и човекот. Во текот на студиите имав шанса да бидам и демонстратор на Катедрата за паразитологија и паразитни заболувања, што ми овозможи уште како студент подлабоко да ја разберам оваа комплексна наука, но и да им ја доближам на помладите колеги преку вежбите и практичната работа - открива Бојана.



Според неа, една од најголемите предности на нејзиниот факултет било тоа што биле мал број студенти во генерацијата и на тој начин имале можност за индивидуален пристап и многу поблиска соработка со професорите.

- Тие се секогаш тука за консултации, менторство и поддршка, како за самите студии така и за нашите студентски активности. Она што е особено значајно е нивниот поттик активно да нѐ вклучуваат во научни истражувања, со што ни отвораат многу поширок хоризонт на нашата професија. Преку нивното менторство тие нѐ подготвуваа и за учество на научни конференции и презентација на нашите трудови, што е од непроценлива важност за раното градење и подготовка на нашата идна кариера - сподели најдобрата студентка.

Во моментов нејзините секојдневни обврски се поделени меѓу Лабораторијата за паразитологија и паразитни заболувања и Лабораторијата за клиничка микробиологија при Националниот институт за ветеринарство и храна, кој функционира во рамките на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје.



- Мојот ангажман опфаќа учество во лабораториска дијагностика, што е од особена важност за мониторингот на значајни болести во нашата држава, важни како за здравјето на животните така и за луѓето. Дополнително, вклучена сум и во научноистражувачки активности и проекти на нашиот факултет - вели Бојана.

Како резултат на таа ангажираност, досега има објавено шест научни труда во меѓународни списанија со фактор на влијание (impact factor).

- Особено сум горда што на три од нив се јавувам како прв автор, а на три како коавтор. Мојот научен интерес е насочен кон паразитофауната кај домашните, бездомните и дивите животни, при што особено внимание посветувам на паразитите со зоонозен потенцијал. Исто така, во Лабораторијата за паразитологија и паразитни заболувања спроведуваме редовен мониторинг на инсектите-вектори во нашата држава, како што се комарците, куликоидите, песочните мушички и крлежите, кои пренесуваат причинители на многу заболувања кај животните, но и кај луѓето. Паралелно со ова, активно сум вклучена и во изолација, идентификација и тестирање на антимикробна резистенција кај патогени бактериски видови од значење за ветеринарната медицина, што е една од клучните дејности во Лабораторијата за клиничка микробиологија - истакна Чапкуновска и додаде дека за нејзиниот развој, голем придонес имале и многубројните специјализирани обуки, работилници и летни школи.



Тие искуства ѝ овозможиле уште во текот на студиите да ги следи најновите светски трендови.

- Секако, ветеринарната медицина претставува динамична наука, па затоа ми следуваат и други обуки кои ќе придонесат за мое усовршување и градење поуспешна кариера. Што се однесува до моите идни академски планови, сакам да напоменам дека додипломските студии на нашиот факултет се конципирани како интегрирани студии од прв и втор циклус кои траат шест години, по чие завршување студентите веднаш се стекнуваат со право директно да продолжат на третиот циклус, односно на докторски студии. Мојата желба и следна цел е токму тоа - да го продолжам моето образование на докторски студии во областа на ветеринарната паразитологија. Тоа е област која ме фасцинира, во која гледам вистински предизвик и имам силна амбиција за нови истражувања и сознанија на ова поле - потенцира Бојана.

Со оглед на глобалните предизвици, улогата на докторите по ветеринарна медицина во нашето општество добива сѐ поголема тежина, а според Бојана, таа е фундаментална.

- Климатските промени, кои директно влијаат врз појавата и ширењето на нови вектор-преносливи и заразни болести, како и сѐ построгите стандарди за контрола на производите од животинско потекло, наметнуваат потреба од постојан мониторинг и брзи реакции од страна на докторите по ветеринарна медицина - вели таа.

Нивната дејност не е ограничена само на примарната грижа и лекување на животните, туку претставува и прва линија на одбрана на човековото здравје.

- Преку секојдневниот лабораториски и теренски мониторинг, ние имаме клучна улога во превенцијата и контролата на зоонозите. Дополнително, безбедноста на храната од животинско потекло е целосно под наш надзор, што значи дека секој производ што стигнува до граѓаните е претходно строго проверен и безбеден. Ваквиот мултидисциплинарен пристап директно ја зајакнува здравствената, но и економската сигурност на целата заедница. Токму затоа, ветеринарната медицина претставува темел на глобалниот концепт „Едно здравје“ (One Health). Овој концепт јасно ни укажува дека здравјето на луѓето, животните и животната средина се силно поврзани и треба да се третираат како една целина. Како млада генерација на доктори по ветеринарна медицина, наша цел е овој концепт уште посилно да го имплементираме во македонското општество - дополни најдобрата студентка на ветеринарна медицина.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.