Феноменот на омразата – новиот културолошки код или стариот модел на она што секогаш сме биле, сега видливо во животните околности?

Феноменот на омразата – новиот културолошки код или стариот модел на она што секогаш сме биле, сега видливо во животните околности?

Можам уште многу да пишувам за овој феномен на денешницава. Можам. Сакам само едно, сепак: да апелирам до родителите да си ги учат децата на љубов. На радост, на прифаќање. На здогледување дека нивната промена ќе значи општествена промена. Дека треба да бидат слободни луѓе, а за да се изборат за таа слобода во секој поглед, омразата кон другиот не им прилега. Дека оној што мрази, не е слободен

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Секогаш ме импресионирала човечката подготвеност да нанесе штета на друг во кој било формат – со насилие, со навреда, со омаловажување, со неаргументирано спротивставување, со игнорирање или со деградирање на некого како личност или на она што го сторил. Притоа, секако, мислам на необјаснивиот факт дека во нашата природа е полесно да мразиме отколку да сакаме и да чиниме добро, што, за жал, сè почесто се потврдува како реален составен дел на модерната доба во која омразата опстојува како длабоко етаблиран феномен, изграден како општораширен модел на однесување.

Што е омразата, всушност?

Пред сè, ќе нагласам дека сакам да пишувам за оваа разорна емоција денес од една многу силна причина: дозволивме таа да завладее со нас, да стане нашата мисла, збор и чинка во секојдневието кое, секако, само по себе, можеме да го набљудуваме и како виновник за стапицата во која сме заглавени, но, сепак, со доза на елементарна човечка одговорност поради која ќе можеме да сфатиме дека сепак е до нас и дека токму во мачни времиња се гледаме какви сме како луѓе. Дозволивме Таа да стане Ние и ниту една тежина тоа не може да го оправда.

Нејсе. Омразата е најсилното деструктивно доживување на нештата, од кое многу тешко може да се „израсне“. Психолозите толкуваат дека мразиме тогаш кога проценуваме дека другиот нè мрази нас, затоа што единствено така ни е прифатлива нашата омраза. Се чувствуваме загрозени и оној кон кого е насочена нашата омраза го доживуваме како закана, еднакво како што кон нештото кое не го разбираме доволно и во суштина, не го знаеме, градиме одбивен став кој дискриминира и атакува. Затоа периодов, пандемичен, мачен и дефиниран како време за неизбежна алиенација, сведочиме на бројни изблици на омраза и еклатантно неприфаќање на сè и на секој што се заканува да внесе поинаков здив, да направи промена и да покаже дека животот може да изгледа и поинаку. Ќе споменам тука само неколку пункта, по кои периодов сме препознатливи како дежурни мразачи, а кои мошне прецизно детектираат во што сме се престориле. Или можеби, какви сме всушност.

Имаме отпор кон знаењето. Тука не оставаме простор за внесување свежина која ќе нè извлече од застоеноста, од стегите на лош, дерогирачки и погледодеформирачки учебник, да речеме. Во старт знаеме дека треба да се осуди, да се спречи дур не заживеал, да се искривоколчи содржината со тоа што ќе се инсистира на формата. Не сакаме дигитализација, иако според реакциите, не сме баш начисто што е тоа. Не сакаме децата да ни живеат пред монитор. Притоа, губиме од вид дека само таму и живеат и дека сме пропуштиле како родители да им го дадеме највредното: своето време. Дека тие живеат во вирален свет каде што се бараат себеси, затоа што во реалниот, не сме успеале да им помогнеме да се најдат. Не сме подготвени да слушнеме. Да видиме што прави светот и што можеме ние да се обидеме, за да фатиме чекор со него. Едноставно, мразиме што не сме како него, копнееме по она што тој успеал да го достигне, но не сме подготвени да се потрудиме да биде поинаку. И да, водиме отворена битка против неписменоста на децата, кои предолго се речиси последни на сите рангирања и за кои учењето одамна не е ниту мотив ниту императив (за причините, во друга пригода) така што не сме во состојба самите да составиме валиден отслик на нашиот револт. Писмен, пред сè. Но затоа знаеме дека децата ќе ни останат неписмени. Ги мразиме и реформите. Затоа што ете, што ни фали нам, кои сме си учеле на времето. А и од каде се појавија овие што сега сакаат да ги уништат децата. Секако, мошне посветено и со избрана реторика ги мразиме и сите оние што со својот труд, напор и професионален ентузијазам, со сите сили се обидуваат да го овозможат тој чекор – за нас се дилетанти, избрани без критериум и предавници, секако. И уште многу нешта, кои јас не сум во состојба да ги изговорам.

Имаме отпор кон различностите. Не оставаме простор за себенаоѓање и за слободата која секој од нас треба да ја има, заборавајќи притоа да се запрашаме од каде токму нам правото да осудуваме кого било и од кои причини ние се сметаме за повикани нашиот светоглед да го експонираме како единствено исправен. Ако на тоа се додаде и мавањето по гради на докажаните борци за вистинските вредности, за кои жената е за во кујна и за со децата, а притоа секоја трета жена е жртва на семејно насилство и ако нешто ѝ се случи, самата е виновна оти си го барала, се поставува прашањето која е и каде е моралната рамка за осудување и од каде слободата со толкава леснотија, мерена со невидена пизма, пцост и клетва, да се брани нешто што во основа и не е нападнато со различностите на другите. Едноставно, мразиме што не се како нас, безгрешните чувари на традицијата и единственото вредно. Секако, меѓуетничките различности се посебен феномен на почва каде што треба да живееме заедно, затоа што на сите тука ни е домата. Единствената што ја имаме. Затоа што омразата по оваа основа, која систематски се негува и се користи по потреба, не може да роди ништо добро и може да се спречи само ако различноста ја негуваме како истост. Затоа што е така.

Имаме отпор кон, во моментов, единствената алатка која може да ни ја намали опасноста од смрт – вакцините. Тој отпор го рефлектираме преку прецизна персонификација на нашата омраза и добиваме мошне вознемирувачки формати на отворени атаци кон оние што ги сметаме за виновници. Отворени напади, без криење, со слики на кои си ги држиме децата в скут и без барем елементарна пристојност. Сè уште, и после сè, во сила се чипирањата, крвта на бебињата како составен дел на вакцините, труењето со олово, запрашување со авионите, теории на заговор. Кај се вакцините? Уа. Кој знае што има во вакцините, сакаат да нè убијат? Уа. Поделени на „за“ и „против“ се мразиме меѓусебно со прецизно избрани аспекти на комуникација, кои за воспитан и културен човек се незамисливи. Ако треба да се одговори на прашањето за што служат ваквите изблици, мислам дека на индивидуално ниво, омразата е дел од самоодбраната, со која од страв или незнаење, поединецот се обидува да го елиминира изворот на омразата. На ниво на групата, пак, со омразата раководи некоја перципирана надворешна закана врз вредностите кои групата ги брани – така таа меѓусебно ги поврзува сите во групата и им дава сила, со што мошне успешно вината за фрапирачкиот вординг или дури и насилство кое може да се изроди ја префрла надвор од групата. Не знаеме. Сме слушнале, сме прочитале, неспособни да разграничиме фејк од вистина. Заслепени, способни сме само да го мразиме секој што прогледал.

Можам уште многу да пишувам за овој феномен на денешницава. Можам. Сакам само едно, сепак: да апелирам до родителите да си ги учат децата на љубов. На радост, на прифаќање. На здогледување дека нивната промена ќе значи општествена промена. Дека треба да бидат слободни луѓе, а за да се изборат за таа слобода во секој поглед, омразата кон другиот не им прилега. Дека оној што мрази, не е слободен. Оттука почнува исчекорот кој ќе нè одведе подалеку од нас самите. Онаму каде што омразата не живее.