Децата се одушевени од нив, туристите прават селфи... Ова се Орхан и Никола, полицајци на велосипеди

Децата се одушевени од нив, туристите прават селфи... Ова се Орхан и Никола, полицајци на велосипеди

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Орхан Нехтепаров и Никола Тодоровски се полицајци две и пол години и иако на почетокот со скепса прифатиле да бидат полицајци на велосипед, сега не би се менувале со никого


Полицајците од велосипедската единица на полициската станица Центар на моменти се вистинска атракција за пешаците што се движат низ центарот на градот.
Стокмени во маици, кратки панталони, патики, кациги и очила за сонце, изгледаат атрактивно. Децата се одушевени од нив, а туристите прават селфи.
Орхан Нехтепаров и Никола Тодоровски се полицајци две и пол години и иако на почетокот со скепса прифатиле да бидат полицајци на велосипед, сега не би се менувале со никого.



На секоја интервенција стигнуваат пред другите

Со Орхан и Никола се прошетавме на неколку локации низ градот за да ни објаснат како функционира оваа полициска единица. За кратко време се уверивме во она што постојано се коментира во јавноста - Македонците се број еден во непочитување на сообраќајната култура и прописи. Ги прашуваме Орхан и Никола зошто е така.

- Општ впечаток е дека полицијата никаде ја нема, дека никој не ги казнува несовесните возачи или граѓани. Но, не е така. Едноставно, не се постигнува да бидеме секаде. Има многу повеќе несовесни граѓани отколку полицајци – велат тие.
Тие од ова лето возат велосипеди. Инаку се службеници од станицата во Центар, која има општа надлежност, јавен ред и мир, сообраќај. Тоа значи дека Орхан и Никола покриваат повеќе области. Имаат право да казнат некој ако фрли догорче на земја, ако помине на црвено, на небезбеден премин, па сѐ до нарушување на јавниот ред и мир.
- Често разговараме со граѓаните, им укажуваме на грешките, им објаснуваме како треба да постапуваат. Се надеваме дека и казните и советите влијаат врз однесувањето на граѓаните – вели Никола.


Никола Тодоровски

Нивната предност во однос на другите екипи на МВР е брзината.
- На секоја интервенција стигнуваме пред другите. Поминуваме низ пешачки зони без проблем, има и многу велосипедски патеки. Во екипата сме осум луѓе, по двајца во смена.
Во зима прават пауза, се враќаат во мото или во пешачка патрола. Но, велат дека за лето, велосипедот се покажал како одлично решение.
- На почетокот многу колеги се шегуваа со нас. Но, главно реакциите се позитивни, се сликаат, застануваат, странците бараат информации од нас, а најмногу ни се радуваат децата – вели Орхан.

И двајцата од деца сонувале да станат полицајци. Велат дека нивни блиски се полицајци, па тоа ги мотивирало уште повеќе да одговорат на повикот.
- Мене приоритет ми е сочувување на јавниот ред и мир во татковината – вели Орхан.
- И сестра ми е полицаец, многу мои роднини, па некако чувствував дека и јас треба да се обидам токму во оваа професија – вели Никола.


Орхан Нехтепаров

Се движат низ пешачки зони

Една смена им трае 12 часа. Денот секогаш им почнува со извештај за сѐ што се случило во нивното подрачје. Почнуваат со работа и главно се движат по пешачки зони.
- Внимаваме во пешачките зони да нема возила, да не се фрлаат отпадоци, казнуваме пешаци што поминуваат на црвено или на необележан пешачки премин – вели Орхан.

Никола додава дека најмногу прекршоци прават возачите кога се паркираат на тротоари, застануваат на коловозни ленти, паркираат на крстосници...
- Кој живе во Дебар Маало, знае дека најново е тоа што возачите решија да паркираат и на кружниот тек. Тука многумина возат во погрешен правец на еднонасочните улици. Има доста работа за нас, но едноставно не можеме да стигнеме сѐ да видиме – вели Никола.
Орхан додава дека во подрачјето на Центар има преголем метеж и многу голема концентрација на возила и луѓе. Затоа и се прават толку многу прекршоци.



- Отсабајле до вечер е хаос, посебно кога е сообраќајниот пик, кога сите одат или се враќаат од работа. Малку се користи и јавниот превоз и сето тоа доведува до нервоза и нетрпеливост кај возачите. Така прават грешки, но тие можат да чинат животи – вели Орхан.
Овие млади полицајци велат дека сè повеќе граѓани возат велосипеди, но велоспиедистите сѐ уште одбиваат да се возат по велосипедските патеки.
- Велат дека или има пешаци или има дупки, па затоа возат по коловозните ленти. Но, таму не се безбедни, па постојано им укажуваме на тоа – раскажува Никола.



Нема ден, а да не им се случи незгодна ситуација. Често слушаат: „Знаеш ли кој сум јас“, „Сега ќе се јавам кај командирот“. Но, Орхан и Никола потврдуваат дека веќе нема кинење казни. Секоја пријава е со сериски број и таа никој не може да ја избрише.
- Има секакви граѓани. Некои нè почитуваат, некои се закануваат, некои веднаш признаваат дека згрешиле, некои искрено се каат за грешката... Си ја гледаме ние нашата работа во такви ситуации, тоа е приоритет– вели Орхан.

Фото: Радован Вујовиќ