Колку се реални петките од основно - се гледа во средно!

Колку се реални петките од основно - се гледа во средно!

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Не знам искрено колку се реални петките од основно, но практиката покажува дека делумно остануваат со 5,00 просек во сите четири години, а тоа зависи од училиште до училиште, од професорите и од тежината на предметот што го изучуваат, изјавува директорот Митко Димовски

Голем број основци се запишуваат со континуиран одличен успех во средно, но ретко кој успева да го задржи до завршувањето на средното образование. Низата предизвици со кои се соочуваат средношколците, новата средина, покомплексниот материјал, новата програма, новото социјално опкружување не им се така лесни. А плус на површина испливуваат и петките добиени од ракав.
Според искуството на директорот на СУГС „Орце Николов“, Митко Димовски, одличните ученици што се запишуваат во гимназиите на крајот од првото полугодие бележат пад на успехот.

Влијае и промената на новата средина

- Најверојатно и самата промена на средината, но и начинот на изведување на наставата е на повисоко ниво, па на учениците им треба повеќе време за адаптација. На крајот од учебната година просекот на учениците (конкретно во нашата гимназија) е над 4,50, што значи дека просекот при упис и на крајот на годината, иако е приближно ист, се разликува. Не знам искрено колку се реални петките од основно, но практиката покажува дека делумно остануваат со 5,00 просек во сите четири години, а тоа зависи од училиште до училиште, мислам и на гимназиите, зависи од професорите и од тежината на предметот кој го изучуваат - споделува Димовски.


Митко Димовски

Учениците во трета година имаат изборни насоки со предмети кои ги избираат како подготовка за факултетот на кој ќе продолжат по матурирањето. Тука најчесто се прави пресек дали да се продолжи со општествените или природните науки. Мислам дека добар дел од учениците имаат проблем со нивната одлука за студирање дури и по завршување на матурските испити. Ова не е проблем сега, овие години, туку воопшто отсекогаш - дополнува тој.

Студиите може да се мотивација или демотивација

- Истражувањето на пазарот на трудот и вистинската општествена слика каде се гледаат по неколку години по студиите, може да биде дополнителна мотивација или демотивација, па затоа сѐ повеќе средношколци конкурираат на универзитети надвор од нашата земја. Фактот дека имаме факултети кои години наназад имаат многу мал број запишани студенти доволно говори дека мора нешто да се промени. Ќе ви дадам пример. Како држава дефицитарни сме со наставници по физика, биологија, хемија, јазици... Значи проблемот е комплексен и сите ние што сме дел од образовниот процес, вклучувајќи ги и родителите, сме инволвирани во тоа. Сѐ додека не сфатиме дека комплексноста на проблемот не е само во петките, родителите, наставниците или во 5-ката што ја добиваат на раче во градинка итн., реалноста за подобро образование ќе биде утопија. Малку луѓе, многу експерти, алтруизам нула, па резултатот е таков каков што е - категоричен е Димовски.

Мал дел од учениците не го задржуваат успехот од основно

Во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола секогаш се запишувале исклучително солидни ученици. Голем дел од нив се со сите петки во основното образование, но има и ученици кои се запишуваат и со освоени државни и меѓународни награди, ни сподели в.д. директорката Лидија Споа.


Лидија Споа

- Реално, првото тримесечје веднаш се гледа кои оценки од основно се реални, а кои не. Среќа е што отстапувањата не се големи и за кратко време учениците се приспособуваат на учењето, барањата и обврските што ги имаат тука. Во гимназијата предаваат квалитетни наставници кои со години постигнуваат високи резултати и се врвни во своите области и знаат како да им го пренесат своето знаење на учениците. За тоа сведочат големиот број награди и освоени места во областа на природните и општествените науки, јазиците, спортот и уметностите, но и високите постигнувања на државната матура. Како заклучок би било дека многу мал дел од учениците не го задржуваат квалитетот на знаење стекнат од основно образование, но тие се трудат да дадат максимум од себе и во средното образование - истакна Лидија Споа.


Фото: приватна архива