Со какви лаборатории располагаат ФЕИТ и Факултетот за ветеринарна медицина?

Со какви лаборатории располагаат ФЕИТ и Факултетот за ветеринарна медицина?

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во последните 15 години ФЕИТ обезбеди околу 2,5 милиони евра за своите лаборатории преку кои нуди најсовремени услови за практична настава, експериментирање и развој на нови производи за индустриските партнери, споделуваат од Деканатот на ФЕИТ.

Лабораториите на факултетите се важен дел, можеби и најважен за студирањето заради совладување на материјалот. Во таа насока и менаџментот на нашите факултети сѐ повеќе е фокусиран на осовременување на постојните, но и отворање и овозможување нови лаборатории кои ќе овозможат практична настава, научноистражувачки проекти, стручно-апликативна дејност... Низ разговор со неколку професори, декани, студенти даваме приказ за сликата на практичната настава на нашите факултети.

ФЕИТ во чекор со најдобрите светски универзитети

Електротехниката и информациските технологии се области кои имаат потреба од современи и опремени лаборатории кои ќе им овозможат на студентите да ги добијат потребните практични знаења. Оттука, Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) вложува голем напор за континуирано осовременување на лабораториите и опремата со цел да биде во чекор со најдобрите светски универзитети, посочуваат од Деканатот на ФЕИТ.



- ФЕИТ континуирано наоѓа различни начини за осовременување на лабораториите преку научноистражувачки проекти, финансирање од државни институции, донации на опрема од индустријата, сопствено финансирање и др. Во таа насока е и податокот дека во последните 15 години ФЕИТ обезбеди околу 2,5 милиони евра за своите лаборатории преку кои нуди најсовремени услови за практична настава, експериментирање и развој на нови производи за индустриските партнери. Со интеграцијата на најновите технологии во наставните планови и постојаното обновување на лабораториската опрема, ФЕИТ осигурува дека студентите секогаш го добиваат најсовременото и најрелевантно образование кое ги подготвува за глобалниот пазар на труд - истакнуваат од ФЕИТ.

ФЕИТ поседува 22 лаборатории кои се користат во наставата, за индустријата и за поширок општествен интерес.

- Како директна поддршка на стопанството, ФЕИТ располага со две акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025, и тоа: лабораторија за електрични мерења и лабораторија за радијациона физика. Овие лаборатории изминатата година беа дополнително осовременети со нова опрема преку два проекта финансирани од Министерството за образование. Лабораторијата за електрични мерења е опремена со врвни национални еталони со висока точност со кои се вршат калибрации и меѓулабораториски споредби за напон, електрична струја, енергија, моќност, фреквенција, електрична отпорност, капацитивност и индуктивност. Лабораторијата за радијациона физика е опремена со инструменти за процена на персоналниот дозен еквивалент од надворешно изложување на јонизирачко зрачење со термолуминесцентни дозиметри. Согласно резултатите од меѓународните интеркомпарации, акредитираните лаборатории на ФЕИТ обезбедуваат квалитет споредлив со врвните светски лаборатории од соодветната област - нѐ информираат од ФЕИТ.

Акредитираното инспекциско тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема ги користи ресурсите на повеќе лаборатории на ФЕИТ за да пружи поддршка на индустриските компании.



Осовременувањето на овие лаборатории е континуиран предизвик на ФЕИТ

- Пред две години ФЕИТ ја отвори лабораторијата за производство ФЕИТ ФабЛАБ преку проект поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој. Мисијата на оваа лабораторија е да поттикне култура на практично учење, соработка и иновации во областа на инженерството и технологијата за средношколци, студенти, професионалци, како и оние за кои технологијата е пасија и хоби. Со оваа лабораторија ФЕИТ ги поддржува младите со вештините и алатките што им се потребни за да ги оживеат своите идеи, а истовремено да го премости јазот помеѓу академијата и индустријата. ФЕИТ ФабЛАБ е опремена со современа опрема која е неопходна за исполнување на светските стандарди за лаборатории за производство, како што се: 3Д-печатачи, CNC машини, ласерски машини, програмабилни системи, сензори, комуникациски модули, инструментација и др. - споделуваат од ФЕИТ.

Во рамките на центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ е оформен дигитален иновациски хаб и лабораторија специјализирана за развој на прототипни решенија за индустриските компании од областа на интернет на нешта (IoT).

- Оваа лабораторија беше воспоставена со помош на проект кофинансиран од Фондот за иновации и технолошки развој и претставува уште еден спој помеѓу индустријата и академијата, чија цел е развој на иновативни решенија кои потоа можат да се комерцијализираат. Лабораторијата е целосно опремена со модерна инфраструктура, електронска опрема, програмабилни системи, сензори, периферни електронски модули и инструменти со чија помош се врши проектирање, развој и валидација на технолошките решенија. Од воспоставувањето на IoT лабораторијата до денес се развиени околу 15 прототипни решенија, од кои голем дел се веќе комерцијализирани од компаниите - истакнуваат од Деканатот.

За изведување практична наставата и за научноистражувачка работа, ФЕИТ располага со 18 лаборатории. Тие ги покриваат сите области од електротехниката и информациските технологии кои ФЕИТ ги опслужува на сите три циклуси студии. На располагање се лаборатории за автоматика и роботика, електроника, телекомуникации, процесирање на сигнали, електроенергетски системи, компјутерски технологии, електрични мерења и др.



- Осовременувањето на овие лаборатории е континуиран предизвик на ФЕИТ кој се реализира на различни начини: преку донации од партнерската програма на ФЕИТ, државни институции, голем број научноистражувачки проекти и сопствено финансирање од ФЕИТ. Во овој контекст важно е да се напомене дека ФЕИТ има привилегија да добива поддршка од голем број индустриски компании и важи за еден од најуспешните факултети по бројот на меѓународни научноистражувачки проекти, преку кои се набавува голем дел од лабораториската опрема – велат од ФЕИТ.

Најсовремено опремени и акредитирани лаборатории со високи стандарди на Факултетот за ветеринарна медицина


Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје, покрај примарната наставно-образовна дејност, врши и научноистражувачка и апликативна дејност.

- Од особено значење при изведување на дел од практичната е можноста студентите да ја изведуваат во најсовремено опремени и акредитирани лаборатории со високи стандарди и процедури согласно ISO 17025, каде што покрај дијагностиката на заразни болести кај животните, молекуларната дијагностика со генетски анализи, се изведуваат и анализи кои се од особено значење за квалитетот и безбедност на храната, како и благосостојбата на животните и заштита на животната средина. Лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје се врвни лаборатории, не само во државата, туку и пошироко, кои работат и функционираат на исто рамниште како и европските референтни лаборатории, за што сведочи континуираната акредитација на ISO 17025 - ни сподели професорката Ксенија Илиевска, продеканка за настава на Факултетот за ветеринарна медицина.



На студентите им се достапни и лабораториите кои функционираат во рамките на самите катедри, каде што покрај практичната настава, студентите имаат можност да ги изработуваат своите дипломски трудови и воедно да бидат вклучени во научноистражувачки проекти заедно со предметните наставници, дополнува Илиевска,

- Не помалку важна е и Универзитетската ветеринарна болница, каде што покрај тековната работа, се изведува и едукација и практична настава на студентите по клиничките предмети, кои воедно имаат и можност клиничката практика во рамките на студиската програма да ја изведуваат токму во Универзитетската ветеринарна болница при факултетот - посочува професорката Ксенија Илиевска.





Фото: приватна архива