Насилство од наставници врз ученици, меѓуврсничко и сајбер-насилство... Кои се знаците и како да се спречи, објаснува проф д-р Ана Фрицханд

Насилство од наставници врз ученици, меѓуврсничко и сајбер-насилство... Кои се знаците и како да се спречи, објаснува проф д-р Ана Фрицханд

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Насилството врз децата, меѓуврсничкото насилство, сајбер-насилството... се теми за кои во јавноста постојано треба да се дебатира. Што велат за тоа психолозите, каде грешат родителите, како можат да се спречат или превенираат ваквите состојби и појави


Деновиве се соочуваме со појава на неколку видови насилство кај децата. Најново е насилството од наставник кон ученик во училиште во скопската населба Бутел, а неодамна бевме сведоци на случај на вид насилство во извидничко друштво со вклучени малолетници, посветен на сексуалното образование. Двата случаи предизвикаа остри реакции во јавноста и ја отворија темата колку сериозно се пристапува на вакви и слични настани и какви сè последици можат да имаат децата ако произволно и нестручно се постапува во вакви ситуации. Насилството врз децата, меѓуврсничкото насилство, сајбер-насилството се теми за кои во јавноста постојано треба да се дебатира. Што велат за тоа психолозите, каде грешат родителите, како можат да се спречат или превенираат ваквите состојби и појави?
За таа цел, разговараме со професорката и доктор по психолошки науки Ана Фрицханд од Институтот за психологија при Филозофскиот факултет од Скопје, која потенцира дека неретко постојат големи индивидуални разлики во психолошката резилиентност и во емоционалната зрелост, особено во периодите на детството и адолесценцијата, од кои зависи начинот на кој различни содржини и/или активности можат да се рефлектираат врз психичката добросостојба на лицата во овие развојни периоди.

- Ова го надополнува и фактот што во текот на наведените периоди развојот е прилично динамичен и исполнет со предизвици, со кои не сите поединци успеваат релативно успешно да се справат дури и во оптимален контекст, а камоли во специфичен. Оттука, кога станува збор генерално за тоа што им се презентира на децата и адолесцентите, како и специфично кога се во прашање чувствителни теми, секогаш, задолжително, треба да се направи внимателен, стручен, возрасно соодветен и сериозно научно заснован избор на содржините што се пренесуваат. Воедно, треба да бидат вклучени докажани, високо стручни и професионални лица, кои со соодветен и одговорен пристап ќе водат сметка за зачувување на психичката стабилност и добросостојба на слушателите - објаснува професорката Фрицханд.

Најчесто е меѓуврсничкото насилство

Според неа, практиката покажува дека меѓуврсничкото насилство кај децата и младите е често и се јавува во различни форми. Тоа може да биде во форма на вербално, физичко, социјално, сајбер-малтретирање итн.
- Всушност, се работи за однесување кое се повторува или има предиспозиции да се повторува, што претставува дополнителен извор на стрес за жртвата на малтретирањето, која е во исчекување насилството пак да се случи. Ова е резултат на дисбаланс на моќ, која оди во прилог на насилникот, без оглед дали станува збор за вистинска или за замислена моќ. Исто така, намерата некому да се нанесе болка, штета и слично, односно намерноста на насилното однесување, е чест елемент во малтретирањето и агресијата во овие возрасни периоди - објаснува психологот.


Проф. д-р Ана Фрицханд

Последици има и кај жртвите и кај насилниците

Таа вели дека постојат низа емпириски истражувања кои укажуваат на штетните и негативни ефекти од изложеноста на малтретирање во периодите на детството и адолесценцијата. Таквите последици се краткорочни и долгорочни, а се јавуваат и кај жртвите и кај насилниците.
- Од позиција на жртва, помеѓу најчестите краткорочни последици се посочуваат социјална изолација, чувство на срам, нарушување на спиењето, промени во навиките во исхраната, ниска самодоверба, симптоми на анксиозност, зачестени психосоматски симптоми (болки во стомакот, главоболки, мускулни болки итн.), лоши академски постигнувања, симптоми на депресивност и слично. Меѓу најчестите долгорочни последици се наведуваат хронична депресија, зголемен ризик од самоубиствени мисли, планови за самоубиство и обиди за самоубиство, анксиозни нарушувања, посттрауматско стресно нарушување, лошо општо здравје, автодеструктивно однесување, злоупотреба на супстанции, реципрочни пријателства и врски и слично - додава психологот.

Меѓу почесто наведуваните знаци дека некој е жртва на меѓуврсничко насилство се: промени во расположението, однесувањето и во надворешниот изглед, оштетени книги и училиштен прибор, искината и/или извалкана облека, одбивање да се оди на училиште, зачестени нервозни и/или агресивни реакции, учество во физички пресметки, одбивање да се зборува за тоа што го/ја мачи, чести главоболки и болки во стомакот, нарушување на спиењето, пад во училишните постигнувања, повлекување од врсничките интеракции и осамување, исплашеност и несигурност и друго.

Навремено препознавање на симптомите


Фрицханд посочува дека од аспект на насилникот, краткорочните последици се најчесто слаб училиштен успех, зголемен ризик за пролонгирано времетраење на школувањето, ниско ниво на одржување на општествените односи, зголемен ризик од злоупотреба на супстанции итн.
Во долгорочните последици почесто се вбројуваат зголемен ризик од злоупотреба на член/ови на семејството, ризик од антисоцијално однесување, слаба социјална интегрираност, помала веројатност да се заврши образованието и да се најде вработување и слично.
Психологот предупредува дека раното препознавање на симптомите и преземањето соодветни мерки се клучни за намалување на наведените последици и враќање на поединецот во состојба на оптимално функционирање.

Сајбер-малтретирањето е сериозен предизвик


Насилството на социјалните мрежи (сајбер-малтретирање) почесто се среќава помеѓу адолесцентите, а на него често се надоврзуваат други форми на малтретирање и насилно однесување.
Професорката вели дека дел од истражувањата спроведени на оваа тема за време на пандемијата на ковид-19 покажуваат спротивставени резултати.

- Според некои, процентот на сајбер-малтретирање пораснал и до 70%, а според други што ги анализираат трендовите на пребарувања на зборови како што се „малтретирање“ и „сајбер-малтретирање“ во интернет-просторот, се забележува значителен пад (за 30 до 40 отсто) на ваквите пребарувања во периодот кога училиштата биле затворени поради пандемијата. Сепак, имајќи предвид дека голем број од малтретираните поединци доцна соопштуваат дека се жртви, како и тоа дека во интернет-просторот на насилникот му е полесно да го прикрие својот идентитет, а со тоа потешко се пронаоѓа, јасно е дека овој тип насилство претставува сериозен предизвик кој бара темелен приод и интензивно решавање - додава таа.


Родителите се клучниот фактор за надминување на траумите


Според Фрицханд, родителите, заедно со стручните лица, се клучниот фактор кој ја дава поддршката и може да помогне во процесот на надминување на последиците од трауматските искуства на жртвата на меѓуврсничко насилство.

- Тие се првите на кои детето, односно адолесцентот треба да им се обрати кога се соочува со каков било проблем во секојдневието и воедно се првите што би требало да ги забележат и најмалите промени во однесувањето и рутината на нивните деца. Ова е така затоа што колку порано се препознае одреден симптом или нетипично однесување, толку порано може да се интервенира во насока на санирање на несаканите последици, а со тоа и прогнозата да биде пооптимистична и попозитивна - објаснува таа.

Истовремено, таа посочува дека родителите треба да бидат активно и квалитетно вклучени во животот на нивните деца, да покажуваат насочено внимание, активно да ги слушаат и ефикасно да комуницираат со нив, да бидат емпатични и достапни во секое време, да имаат трпение, да не осудуваат и да покажат разбирање бидејќи неретко децата ја премолчуваат вистината, плашејќи се дека ќе бидат прекорени, осудени и/или казнети од страна на родителите.
- Квалитетниот однос помеѓу родителите и децата почнува да се гради и развива уште од најрана возраст. Тоа е сложен и долготраен процес во кој се вложуваат многу време, енергија, трпение и љубов, а има долгорочно влијание врз стабилноста и довербата во меѓусебната комуникација и однесување на родителите и децата. Токму затоа, од големо значење е со тој процес да се започне навреме за потоа да не биде неопходно да се решаваат негативните последици од пропуштените можности врз оптималниот развој на детето и адолесцентот - заклучува психологот Ана Фрицханд.