И само малку движење може да ви го подобри расположението

И само малку движење може да ви го подобри расположението

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Се чувствувате тромави? Нова студија од Универзитетот „Тексас“ во Арлингтон открива дека решението може да биде едноставно: замена на 30 минути седење со лесна активност.

Професорот по кинезиологија на Универзитетот во Арлингтон, Јуе Лијао, се придружил на истражувачки тим од Универзитетот „Монаш“ во Австралија за да следи повеќе од 350 млади возрасни лица, користејќи монитори за активност. Студијата открила дека во деновите кога учесниците се занимавале со лесна активност - како што е одење или извршување домашни работи - наместо да седат, се чувствувале подобро и поенергично следниот ден.

- Оваа студија покажа дека лесната активност - каде што не мора да одите во сала или да правите интензивни вежби - може да доведе до подобро чувство следниот ден. Човек не мора да мисли: „Морам да трчам“. Само помалку седење и повеќе движење може да има непосредно влијание врз вашето расположение следниот ден - истакнал д-р Лијао.

Ова откритие е особено релевантно со оглед на моменталните навики на повеќето луѓе. Студија од јануари 2024 година, спроведена од компанијата за паметни седишта „Калогон“, покажала дека 38 % од возрасните во САД седат девет или повеќе часа на ден. Заменувањето дури и на дел од тоа време со лесна активност може да се исплати на значајни начини.


Умереното до енергично вежбање, како што е трчање или тренинзи во сала, било поврзано со скромни придобивки за расположението, додека времето поминато во седење или лежење - било поврзано со полошо расположение следниот ден. Студијата, исто така, го испитала времетраењето на спиењето, но не пронашла јасен ефект врз расположението од следниот ден, кај младите возрасни лица што биле проучувани.

Лијао, исто така, нагласил дека придобивките за расположението не се однесуваат на споредување на нивото на активност со другите. Наместо тоа, подобрувањата доаѓаат од ефект „во рамките на личноста“ - правење суптилни, самонасочени промени во дневната активност.

На крајот, Лијао се надева дека студијата покажува оти правењето мали промени во однос на вообичаената рутина е клучно за подобро целокупно здравје.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik