Зошто поместувањето на часовникот ни го нарушува биолошкиот ритам и како полесно да ја поднесеме промената
Вчера преминавме на зимско сметање на времето. Стрелките се поместија еден час наназад, од три на два часот наутро. Така добиваме дополнителен час сон, но мракот во наредните месеци ќе паѓа порано. Она што започна како воена мерка за заштеда на енергија веќе повеќе од еден век предизвикува расправи за својата оправданост. Многу земји се обидуваа да ја воведат оваа практика, да ја укинат или да ја направат трајна, како и да го продолжат или скратат периодот на нејзиното важење. Целта е пронаоѓање рамнотежа меѓу усогласувањето на дневната светлина со периодот на активност и зачувувањето на безбедноста, продуктивноста и заштедата на енергија.
Индира Гурубагаватула од Медицинскиот факултет „Перелман“ објаснува како сезонските промени на времето влијаат врз внатрешниот биолошки часовник и дава совети за полесно приспособување. Влијанието на сезонските промени на времето врз здравјето може да се движи од замор и гадење до посериозни последици. Гурубагаватула објаснува како промената на часовникот влијае врз циклусот на спиење и што може да помогне.
Како поместувањето на часовникот влијае врз здравјето
Летното сметање на времето се применува во текот на пролетта и летото, додека во есен и зима се користи стандардното време. Со промената на часовникот не се продолжува вкупната количина на дневна светлина, туку се менува нејзината распределба во однос на општественото време, така што во текот на летното сметање на времето има повеќе светлина во вечерните, а помалку во утринските часови. Ваквата промена може да влијае врз организмот.
- Промената на времето претставува стрес за кардиоваскуларниот систем. Луѓето можат да имаат и општо чувство дека не се чувствуваат добро, а можат да се јават физичка исцрпеност, замор, главоболка, гадење, непријатност во стомакот, заборавеност или тешкотии со концентрацијата - вели Гурубагаватула.
На мнозинството луѓе потешко им паѓа пролетното поместување на часовникот напред. Промената на распоредот на дневната светлина може да го отежне одењето на спиење и да доведе до недостиг на сон. Според Гурубагаватула, некои луѓе не се приспособуваат целосно на новиот распоред.
Кој потешко се приспособува на промената на времето
Гените имаат важна улога во одредувањето на циркадијалните ритми. Влијаат врз тоа дали некој е посклон кон доцно заминување на спиење или рано будење. Телото, меѓутоа, се потпира и на сигналите од опкружувањето, како што е светлината, за да ги усогласи внатрешните часовници.
Оние што сакаат да остануваат будни до доцна, како и работниците чии смени почнуваат рано наутро, можат потешко да се приспособат на летното сметање на времето.
- Многу средношколци природно остануваат будни до доцна, а сепак нивната настава почнува најрано. Во текот на летното сметање на времето тие се изложени на уште поголем ризик од недостиг на сон - вели Гурубагаватула. Таа додава дека некои училишта го поместуваат почетокот на наставата за да го усогласат со циркадијалните ритми на адолесцентите. На постарите возрасни лица, од друга страна, може да им биде потешко да се приспособат на стандардното време. Нивниот образец на спиење често се разликува од оној кај тинејџерите. Многумина заминуваат на спиење рано навечер, а се будат веќе меѓу два и четири часот наутро.
Што може да го олесни приспособувањето
Стратегиите за полесно приспособување обично се поважни во пролет, кога часовникот се поместува напред, отколку во есен, кога се враќа назад.
- Во есен изложеноста на јака светлина, вечерната физичка активност на отворено или мала количина кофеин во попладневните часови можат да помогнат да останеме будни подолго во текот на деновите што претходат на преминот кон стандардното време - објаснува Гурубагаватула. Дополнителни совети за зачувување на здравјето на срцето при промената на часовникот дава и Мартин Јанг, доктор на науки и истакнат професор на Одделот за кардиоваскуларни болести на Универзитетот Алабама во Бирмингем (УАБ).
Мартин Јанг предупредува на влијанието на промената на часовникот врз срцето
Јанг проучува како факторите од опкружувањето, вклучувајќи го времето од денот и промената на часовникот, влијаат врз здравјето на срцето и развојот на кардиоваскуларните болести. Тој предупредува дека поместувањето на часовникот може да го наруши биолошкиот ритам, да влијае врз квалитетот на сонот и да го оптовари кардиоваскуларниот систем. Поизложени на ризик се постарите луѓе, лицата што работат во смени и оние со покачен крвен притисок, особено ако веќе имаат атеросклероза, односно наслаги во артериите.
За организмот полесно да се приспособи, Јанг советува времето на заминување на спиење и будење постепено да се поместува за 15 до 20 минути во текот на два до три дена пред промената на часовникот. Препорачува и утринско изложување на природна светлина, редовни оброци, намалување на внесот на кофеин, избегнување јака светлина навечер и одржување доследен распоред на спиење.
Фото: magnific