Актерот Мите Грозданов замина во легендите

Актерот Мите Грозданов замина во легендите

Подготвил: С.Ѓ.

Лектор: Ивана Кузманоска

Големиот македонски актер Мите Грозданов почина синоќа во Скопје, на 75-годишна возраст. Доајенот на македонскиот театар одигра стотици улоги во професионални театри, главно во Драмскиот театар, каде што работеше од 1967 година до пензионирањето во 2008.

Роден е во Струмица, на 14 декември 1943 година. Во својата 40-годишна професионална актерска кариера Грозданов ќе биде запаметен по многу улоги во претстави, меѓу кои во „Партитура за еден Мирон“, „Лисистрата“, „Болен Дојчин“, „Војцек“, „Болва во уво“, „Јане Задрогаз“, „И бол и бес“, „Цар Едип“, „Солунски патрдии“, „Рибарски караници“, „Црнила“, „Сомнително лице“…
Тој беше еден од најпосветените професионалци во театарскиот аматеризам во Македонија. Со децении посветено работеше со драмските аматери од Гевгелија, Струмица, Кавадарци...

Утре (вторник) во 10 часот ќе се одржи комеморација во Драмскиот театар.

Издвојуваме дел од освоените награди:
„Златен ловоров венец“ на Фестивал на мали и експериментални сцени во Сараево (МЕСС) за насловната улога во претставата
„Партитура за еден Мирон“ од Коле Чашуле (1968);

Награда „Млад борец“;

Награда на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп за улогите Светозар во „Карамазови“ и Иљо М. во „Сенката“;

Сребрена плакета на Фестивалот на монодрамата за улогата во „Дрво на ридот“;

Актер на годината според ревијата „Екран“ во 1984.

Грозданов дипломирал на Театарската академија во Белград и веднаш потоа станал дел од Драмскиот театар - Скопје.
Тој одигра брилијантни улоги и на филм: „Сутјеска“, „Планината на гневот“, „Залез над езерската земја“, Истрел, „Татко или проколнати сме Ирина“, „Црно семе“, „Среќна Нова 49“.


Со Струмениковски освоија награда за најдобра машка улога на фестивалот во Драма, Грција

Една од највпечатливите улоги на телевизија по која го паметат повеќе генерации е ТВ-серијата „Случки од животот“, снимена во 80-тите години.

„Борба за смрт“ во режија на Елеонора Венинова беше последниот филм што Грозданов го сними во 2015 година, заедно со актерот Илија Струмениковски. На Меѓународниот фестивал во Драма, Грција, тие освоија награда за најдобра машка улога.