HPV-инфекции кај мажите, ризик-фактори, третман и превенција

HPV-инфекции кај мажите, ризик-фактори, третман и превенција

Инфекциите предизвикани од HPV претставуваат најчестата вирусна сексуално пренослива болест. Се проценува дека над 90% од сексуално активните лица барем еднаш во животот ќе се инфицираат со овој вирус. Постојат над 40 генотипа на HPV кои се сексуално преносливи, но не сите предизвикуваат еднакво сериозни здравствени проблеми.

Пренесување на вирусот

Пренесувањето најчесто се случува преку директен контакт на кожата или слузокожата со инфективна промена или регија во текот на сексуален однос, а опишани се и случаи на пренесување при сексуални односи без пенетрација. Употребата на кондом за време на сексуалниот однос значително го намалува ризикот од инфицирање со HPV, но не обезбедува 100% заштита. Пренесувањето преку долна облека, облека, крпи, постелнини, иако помалку веројатно, сепак е можно.

Иако досега се сметаше дека мажите служат само како резервоар и го пренесуваат вирусот на партнерките, најновите истражувања го менуваат ова застарено тврдење.

Ризик-фактори за инфицирање со HPV

За разлика од жените, кај мажите преваленцијата на HPV-инфекциите останува иста во текот на целиот живот. Постојат многубројни фактори кои го зголемуваат ризикот за инфицирање, и тоа: инфекција со HPV кај партнерката, рано започнување со сексуални односи, повеќе сексуални партнерки, ризично однесување, некористење или неправилно користење кондом, пушење, локална или системска употреба на одредени лекови, ослабен имунолошки систем. Присуството на други сексуално преносливи инфекции (хламидија, генитален херпес) исто така го зголемува ризикот за инфицирање со HPV, преку предизвикување воспаление и оштетување на епителот на гениталниот тракт.

Дополнително, хистоанатомијата кај мажот обезбедува идеални места за размножување и расејување на HPV, а вирусот може да се изолира од целата аногенитална регија. Според некои студии, циркумцизијата (обрежувањето) го намалува ризикот за инфекција со HPV, но не го елиминира комплетно.

Манифестации и ризици асоцирани со HPV кај мажите

Најголем дел од HPV-инфекциите кај мажите се асимптоматски и минливи, т.е. вирусот е присутен, додека какви било знаци и симптоми не се забележуваат. Ваквите инфекции се нарекуваат супклинички или латентни инфекции, при што вирусот може да се пренесува помеѓу партнерите и да предизвикува здравствени проблеми. Многу е честа и појавата на истовремена инфекција со повеќе генотипови на HPV.

HPV предизвикува и генитални брадавици или кондиломи - condylomata acuminata (најчесто нискоризичните генотипови 6 и 11), кои можат да се појават во различна форма, големина, број низ целата аногенитална регија. Времето за нивна појава од моментот на инфицирање изнесува 2-8 месеци, додека спонтано повлекување на истите е можно по 12 месеци. Кај пациенти со генитални брадавици, разумно е да се направи и скрининг за други сексуално преносливи инфекции.

Една третина од карциномите на пенис и околу 85% од аналните карциноми се последица на HPV-инфекции (најчесто генотип 16 или 18). На карциномите на пенис и анус им претходат неколку претканцерозни промени (PIN и AIN). HPV кај мажите може да доведе и до појава на орофарингеални и ларингеални карциноми.

Партнерките на мажи инфицирани со повеќе типови на HPV имаат поголем ризик од развој на карцином на грлото на матката. Мора да се напомене дека имунолошкиот систем кај мажите, во просек за 2 години самостојно и комплетно може да се справи со HPV-инфекциите, но во одредени случаи вирусот може да се задржи подолго. Имунитетот создаден на ваков начин не е долготраен и не спречува повторно инфицирање. Поради тоа, во многу земји се размислува за воведување на вакцинацијата против HPV кај мажите, следејќи го успешниот пример на неколку земји во светот (Австралија, Канада, Австрија ...).


M-р сци. Стефан Матиќ
Дијагностицирање

Гениталните брадавици се дијагностицираат најчесто клинички (визуелно), по потреба може да се направи и биопсија за сомнителни промени. Додека во отсуство на визуелни промени на кожата во гениталната регија, но и кај пациенти со присутни кондиломи, може да се направи HPV-скрининг, со кој квантитативно се докажува присуството на вирусот и се одредува генотипот/генотиповите, но овој скрининг мора да се изведува само во специјализирани центри и од страна на експерти кои имаат искуство во менаџирање на HPV-вирусни инфекции кај мажите, бидејќи интерпретацијата на добиените резултати и препораките за пациентот врз основа на истите се многу специфични, а мора да се корелираат и со клиничката слика и историјата.

Третман


Гениталните брадавици се третираат на повеќе начини, со различна стапка на успешност и повторување. Дел од опциите се локална апликација на имуномодулирачки препарати во форма на крем/гел, додека опции кои се изведуваат во амбулантски услови се криотерапија (замрзнување со течен азот), електрокаутеризација, ласерска евапорација, хируршка ексцизија и други. Сите се изведуваат под надзор и препорака на доктор. Истите може да се искористат и за третман на претканцерозни промени на пенисот (PIN) предизвикани од HPV. Одржување на кондицијата на имунолошкиот систем е од огромно значење.

HPV и машки стерилитет

Најновите сознанија што примарно доаѓаат од опсежните студии на Универзитетот во Падова, Италија, укажуваат дека HPV-инфекциите можат да бидат и причина за неплодност кај мажите. Имено, HPV може да предизвика намалување на подвижноста на сперматозоидите - астенозооспермија. Во семената течност, покрај прикачен на сперматозоидите, може да биде присутен и во излуштените епителни клетки и да доведе до појава на антиспермални антитела. Присуството на HPV кај мажот може да го продолжи времето до спонтано забременување. Веќе се размислува и за воведување редовен HPV-скрининг на донорите на сперматозоиди во светските биобанки.

Превенција


За крај, мора да се посочи дека во земјите во кои е воведена задолжителната HPV-вакцинација и за машките деца пред започнување со сексуални односи, забележано е значително намалување на стапката на карциноми на пенис, и на стапката на карциноми на грло на матка кај женската популација. Вакцинацијата и на машката популација со 4- или 9-валентната вакцина, како и користењето кондом, рационално сексуално однесување, прекин на пушењето и едукација се најефективни превентивни стратегии со кои може драстично да се намали индивидуалниот ризик, но и да се модифицира светската слика на HPV-инфекциите и HPV-асоцираните малигнитети.

Автор: м-р сци. Стефан Матиќ, клинички ембриолог и андролог
магистер по фармација и медицински науки,
докторанд на медицински науки