Вселенското летало на НАСА се доближи до темната страна на Месечината и направи спектакуларна фотографија од Земјата

Вселенското летало на НАСА се доближи до темната страна на Месечината и направи спектакуларна фотографија од Земјата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Вселенското летало „Орион“ на НАСА во понеделникот стигна до Месечината, откако прелета 130 километри над површината на Месечината и сега ќе почне да влегува во пошироката орбита. Капсулата, во која наместо екипаж има три кукли со сензори за мерење вибрации, космичко зрачење и другите услови во вселената, ѝ пријде на Месечината од нејзината темна страна, која не е видлива од Земјата.

Поради получасовниот прекин на комуникацијата, контролорите на летот во Хјустон не знаеле дали движењето на „Орион“ поминало добро додека капсулата не се појавила на видливата страна на Месечината, на 375.000 километри од Земјата. Откако сигналот бил повторно воспоставен и леталото излегло од другата страна на Месечината, била испратена слика на Земјата - „мала бледосина точка“ во темнината.

Видеото од Месечината и нашата бледосина планета на повеќе од 370.000 километри ги остави без здив вработените во Вселенскиот центар „Џонсон“ во Хјустон, центарот на контролата на мисијата, изјави директорот на контролата на летот, Џад Фрилинг, велејќи дека самите контролори на летот биле апсолутно воодушевени од глетката.

Тест-лет од 4,1 милијарди долари

„Орион“ мораше да лета околу Месечината за да добие доволно брзина за да влезе во широката овална орбита на Месечината.

Летот до Месечината е клучната точка на пробниот лет вреден 4,1 милијарди долари, кој започна минатата среда. Следниот викенд „Орион“ треба да го сруши рекордот на НАСА за далечина на вселенско летало дизајнирано за астронаути, што е оддалеченост од околу 400.000 километри од Земјата. Потоа ќе го продолжи својот лет до следниот понеделник за да го достигне најголемото растојание од Земјата од речиси 433.000 километри.

Вовед во ново слетување на Месечината

Капсулата ќе помине речиси една недела во орбитата на Месечината пред да се врати назад, а треба да слета во Тихиот Океан на 11 декември. Ракетата „Спејс ланч систем“ (SLS), најмоќната што некогаш ја изградила НАСА, се покажа исклучително добро во својот дебитантски пробен лет, вели водачот на мисијата, Мајк Сарафин.

Тој додаде дека стручните тимови сега се справуваат со два проблема кои бараат решенија - едниот е следењето на навигацијата, а другиот е прашањето на енергетскиот систем. Доколку пробниот лет со куклите биде успешен, астронаутите ќе летаат околу Месечината и назад во 2024 година, а доколку и таа мисија помине добро, слетување на две лица на Месечината се очекува во 2025 година.

Извор: Telegram.hr
Фото: NASA/Twitter