За трите првачиња во Злетово, успехот на Илина Чоревска, Софи Гајтановска - талент на ФИКТ... Што пишувавме неделава

За трите првачиња во Злетово, успехот на Илина Чоревска, Софи Гајтановска - талент на ФИКТ... Што пишувавме неделава

„Сакам да ја искористам информатиката за студирањето преку иновативни платформи да стане достапно и на оддалечени места“, вели Софи Гајтановска, избрана за талент на ФИКТ

Софи е кавадарчанка, но веќе осум години Битола е нејзин дом. Тука го заврши средното образование, а се одлучи и да студира на Битолскиот универзитетот. Вљубена во информатиката уште од основно училиште кога одела и на државни натпревари, се запиша на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) во Битола, на отсекот за информатички инженер. Изборот го направила со цел да ја искористи информатиката за позитивни промени во образованието. Ова ѝ е последна година од студирањето и досега постигнала просек од 9,93.

По скалилата на успехот со Илина Чоревска: „Не се трудев да излезам од сенката на татко ми, туку да го продолжам неговиот пат“

И по дваесет години непресушна актерска игра во над 50 премиери и одиграни десетици ликови, Илина Чоревска со несмален жар глуми на сцената на Народниот театар во Битола, оставајќи траен белег како еден од најплодните и најпрепознатливи актерски брендови на битолското глумиште. Нејзината посветеност кон професијата се потврдува и со збирката добиени награди, која годинава се зголеми за уште две за најдобра главна женска улога на 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ - Прилеп и на 20. Интернационален театар на античка драма „Стоби“ во Велес.

Само три првачиња запишани во Злетово годинава - наставничката Бранкица Стефановска-Бошкова вели дека имаат време и за учење, и за прошетка, и за игра

Јована, Сара и Моника се единствените првачиња во Злетово годинава. Се смета дека оваа година е исклучок и се очекува вгодина да има поголем број запишани деца во училиштето „Св. Кирил и Методиј“. Нема кавги кој во кој ред да седи, сите се во прва клупа. Сите го добиваат потребното внимание од наставничката. Се слушаат, си помагаат и другаруваат. Наставничката Бранкица Стефановска-Бошкова се обидува секој ден да им е интересен и има можност да им посвети соодветно внимание на секоја од нив. Вели дека и годинава, иако се само тројца ученици, е вообичаена како и секоја година.