Хуманоиден робот постави Гинисов рекорд - самостојно испешачи 106 км
„Агибот A2“ е хуманоиден робот од кинеската компанија „Агибот иновации“ од Шангај, висок 169 см и тежок 69 кг, кој е дизајниран да извршува задачи самостојно или во соработка со луѓе.
Од компанијата објавуваат дека нивниот робот влегол во Гинисовата книга на рекорди, постигнувајќи најдолго одење карактеристично за робот, поминувајќи 106,286 км, како што може да се види во видеото.
На 17 август роботот успешно завршил 24-часовно автономно одење на високи температури близу 40 °C, а сега му беше доделена задача да помине повеќе од 100 км за три дена, што е огромно достигнување за хуманоиден робот.
За жал, компанијата не ги открива сите детали за тоа како го постигнал овој рекорд, па затоа не е познато колку пати требало да се полнат батериите, дали сам се движел по целата маршрута врз основа на претходно внесени насоки и ГПС-податоци и колку помош добил од луѓе по патот.
Кинеската компанија вели дека роботот е дизајниран според човечката ергономија, има универзална хуманоидна скелетна структура и модуларен дизајн, и е напојуван од вештачка интелигенција.
Тој може непречено да комуницира со точна локализација на изворот на звук, препознавање лица, па дури и може да чита човечки говор од усни со точност од 96 проценти, што му овозможува да соработува со луѓе во бучни средини.
Покрај тоа што може да се движи автономно, роботот може да се контролира преку далечински управувач, паметен телефон и компјутер. Од компанијата велат дека е идеален за работа во маркетинг и услуга на клиенти, презентации во изложбени салони, водење супермаркет, работа на рецепции и одговарање на деловни прашања.
Сè уште не е познато кога роботот ќе влезе во сериско производство и по која цена би можел да се купи.
Извор: m.vidi.hr
Фото: YouTube screenshot