Божиќниот шопинг ја презема контролата врз вашиот мозок. Еве што можете да направите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во декември обично не сме претпазливи кога станува збор за трошоците. Сакамe барем за момент да уживаме и да заборавиме на зимската меланхолија. Тоа е природно, со оглед на тоа што нашиот мозок е така структуриран.
Статистичките податоци покажуваат зголемување од 15 до 100 отсто во продажбата на книги, музика, компјутери, телефони, електронски уреди, облека и обувки, козметика, храна и алкохол во декември.
Но, невромаркетингот, поле во невронауката кое го проучува начинот на кој нашиот мозок реагира на производи, може да ни помогне да се спротивставиме на желбата да трошиме повеќе отколку што треба.
Причините зошто купуваме толку многу за Божиќ се најчесто несвесни и емотивни. На пример, нашиот мозок е сака да го избегне чувството на исклученост. Социјалните врски биле клучни за преживување на нашите предци, па кога сите околу нас купуваат и уживаат, ние сме мотивирани од еволутивни импулси да се приклучиме.
И нашата желба за нови работи, дури и ако тие немаат внатрешна вредност, има еволутивни корења. Наоѓањето и задржувањето нови информации и предмети ни дава чувство дека ја намалуваме неизвесноста за иднината.
Врз нашето однесување влијаат и сигналите од мозокот. Допаминот ја поттикнува нашата мотивација и импулсивност кон наградата. Окситоцинот ја поттикнува нашата потреба за припадност, што може да се стимулира кога купуваме исто како пријателите. А кортизолот може да се зголеми ако се плашиме од ФОМО (чувство што го имаме кога мислиме дека пропуштаме нешто важно).
Овие невротрансмитери го насочуваат нашето внимание кон рекламите, задржувајќи ја и поттикнувајќи ја желбата за награда преку купување.
Во јули 2025 година истражувачи прегледале податоци од следење на очите на учесници кои ги гледале 50. најпривлечни божиќни реклами. Тие откриле дека емотивните приказни одлично го привлекуваат вниманието и ја зголемуваат шансата да го купиме производот.
Зошто волјата за контрола често исчезнува?
Тестот со маршмелоу од 1970 година, развиен од психологот Валтер Мишел, покажал дека децата кои можеле да се воздржат од јадење маршмелоу додека експериментаторот ја напуштил собата, во зрелоста имале подобра дисциплина.
Но, повторување на тестот во 2018 година открило дека семејната средина и економската ситуација се клучни фактори за способноста на децата (и подоцна на возрасните) да го одложат задоволството и да бидат помалку импулсивни.
Па така, ако семејството има тензии или парите се ограничени за Божиќ, тоа може да доведе до побрзи и поимпулсивни одлуки и парадоксално прекумерно трошење на работи што не ни се потребни.
Психолошките истражувања покажуваат дека волјата најмногу е исцрпена кога сме уморни, кога имаме многу за размислување или кога ни е студено и потребна ни е енергија. Тоа е слично како премногу да се оптовари мускул кој постојано бара енергија. Тоа е совршена формула за одвлекување на вниманието за време на Божиќ.
Размислуваме за сите членови на семејството и пријателите за кои треба да купиме подароци и бараме утеха во убавите предмети и искуства. Сето тоа ја оптоварува нашата когнитивна контрола во префронталниот кортекс, предниот дел од мозокот кој помага да го контролираме однесувањето со размислување за долгорочните цели.
Тренинг на мозокот
Сепак, постојат начини да ја зајакнеме волјата и да уживаме во сезоната со баланс. Клучот е свесност за емоциите и постапките. Колку повеќе ја забележуваме импулсивноста, толку подобро ќе ја контролираме следниот пат. Можете веднаш да го запишете секое импулсивно купување од последната недела или месец. Следниот пат кога ќе купувате нешто, прашајте се дали користите бавно или брзо размислување.
Префронталниот кортекс е како мускул кој може да се тренира. Игри како шах, судоку или читање книга можат да го зајакнат мозокот и да ни помогнат да бидеме помалку импулсивни.
Извор:
Science Alert
Фото: Freepik