Јована Цветановска e првенец на генерација на Медицинскиот факултет во Скопје со просек 9,98: „Ме фасцинира работата во микросветот на крвните садови и срцето“

Јована Цветановска e првенец на генерација на Медицинскиот факултет во Скопје со просек 9,98: „Ме фасцинира работата во микросветот на крвните садови и срцето“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Јована Цветановска е првенец на генерација на Медицинскиот факултет при УКИМ за академската 2024/2025 година. Таа дипломира со импресивен просек од 9,98 и е добитничка и на наградата за најдобар студент што ја доделува Фондацијата „Трајче Мукаетов“ за најуспешните студенти на Медицинскиот и Фармацевтскиот факултет во Скопје.  

Цветановска во јуни 2025 година ја доби и наградата „Примариус д-р Димитар Ивановски“, која им се доделува на тројцата најдобри студенти по медицина, кои имаат највисок просек, од трите медицински факултети од земјава.

- Студентот е многу повеќе од трите цифри на крајот од студирањето. Просекот, иако значаен, е релативна мерка која не може целосно да ја отслика сложеноста на патот што го минува секој млад човек во процесот на созревање и учење. Мојот висок просек не го доживувам како доказ за совршенство или исклучителна интелигенција, туку како сведоштво за истрајност, дисциплина и непоколеблива желба за напредок. Една единствена деветка, која и денес ја паметам, можеби повеќе од сите десетки ме научи на вредноста на трудот и самонадминувањето. Просекот што го стекнав е одраз на студент кој никогаш не се откажа, кој не застана пред пречките и кај кого желбата за знаење никогаш не згасна. Моето ветување е јасно – да бидам лекар кој никогаш нема да престане да учи, да осознава и да се надградува, во служба на пациентот и професијата - сподели Цветановска во разговор за „Факултети.мк“.



Јована потекнува од семејство на двајца лекари – професори, извонредни во својата професија, па гените биле темелот на нејзината одлука да влезе во светот на медицината.

- Сепак, одлуката да се запишам на Медицинскиот факултет беше целосно и исклучиво моја. Уште од најраните години знаев и велев дека ќе бидам лекар како моите родители. Таа желба со текот на времето само се зацврстуваше, а денес, без најмала дилема, можам да кажам дека тоа е најдобрата одлука во мојот живот. Од моето семејство добив неизмерна љубов, поддршка и постојан поттик да бидам сè подобра, сè поодговорна и сè поуспешна. За сето тоа сум длабоко и искрено благодарна - истакна младата докторка.

Студентските денови на Медицинскиот факултет ја научиле дека во медицинските науки секогаш постои некој што знае повеќе и може да те научи, а знаењето постојано се надградува и се менува, понекогаш и со секое ново утро.

- Ова сознание беше мојот најсилен мотив секојдневно да се стремам кон повеќе и подобро. Паралелно со интелектуалниот предизвик, значаен товар претставуваше и справувањето со стресот за време на студиите. Стресот од колоквиуми и испити, од прерано или предоцна закажани термини, па дури и стресот што се јавуваше во периодите на привиден одмор меѓу испитите беше постојан придружник на студентскиот живот. За ова сè уште премалку се зборува. Затоа сметам дека е неопходно студентите по медицина без страв да зборуваат за своето ментално здравје, кое, за жал, многу често останува запоставено во лекарската професија. Во текот на студиите свесно се вклучував во активности што го надминуваа класичниот академски формат – учество на студентски конгреси, едукативни предавања и работилници, како и ангажман како демонстратор по анатомија. Токму овие искуства за мене претставуваа начин да се изгради не само професионална стабилност, туку и лична рамнотежа, преку чувство на припадност, цел и континуиран раст - сподели Јована.



Најголем интерес ѝ предизвикале клиничките предмети поради нејзината желба за директна работа со пациенти.

- Меѓу нив особено место зазема кардиологијата – дисциплина што ја доживувам како совршен спој на знаење, вештина и одговорност. Посебно ја издвојувам интервентната кардиологија. Таа претставува префинета симбиоза на теорија и практика, виртуозност и прецизност, работа во микросветот на крвните садови и срцето, каде што минималниот пристап носи максимална прецизност, а секој потег носи огромна тежина. Во таа дисциплина хаотичното и опасното се среќаваат со чистото и финото, создавајќи една исклучително комплексна, но и фасцинантна гранка на медицината. Од најраните години моето внимание секогаш било насочено кон сè што е поврзано со кардиоваскуларниот систем – еден од најкомплексните и најсовршено организирани системи во човечкото тело. Токму таа сложеност, динамика и одговорност ја прават оваа област предизвик кој постојано инспирира и мотивира за понатамошно усовршување. Водена токму од тие вредности, кардиологијата ја доживувам како природен избор за моја идна специјализација - истакна Јована.

Таа тукушто го положи стручниот испит и официјално стана лиценциран доктор по општа медицина. Во моментов е во исчекување да биде повикана од Службата за итна медицинска помош, каде што во наредните шест месеци ќе помине стаж со цел да ги исполни условите за започнување специјализација - следното, исклучително важно скалило на нејзиниот професионален пат.

- Тоа го доживувам не само како формална обврска, туку како можност за стекнување искуство во динамична и одговорна средина, каде што секоја одлука има вистинска тежина. Паралелно со тоа, слободното време го посветувам на стажирање во приватната општа болница „Ре-медика“, водена од уверувањето дека секоја дополнителна вештина стекната во полето на медицината претставува непроценливо богатство. За мене, секое ново искуство, секој практичен предизвик и секој научен детаљ се чисто злато — темел врз кој се гради идниот лекар што сакам да бидам - вели младата докторка.

Според неа, улогата на лекарот е многу повеќе од поставување дијагноза и лекување на болестите со кои се соочуваат пациентите.

- Пред сè, лекарската професија е општествено одговорна и длабоко хумана дејност, која најнапред бара од лекарот да биде човек, а потоа чувар на здравјето на целото население и куратор на физичките и психичките состојби со кои се соочува пациентот. Сметам дека е неопходно да се зголеми почитта кон лекарите во македонското општество, а особено кон македонските специјализанти, кои ја претставуваат иднината на националното здравство. Токму тие се столбот врз кој ќе се гради понатамошниот развој на здравствениот систем, но и групата што најчесто се соочува со огромен професионален и личен товар – потенцира Јована.



Има амбициозни желби за промени во здравството, но во основата на сите е една, единствена цел – сон за достапна и еднаква здравствена заштита за сите. Иако овој принцип формално постои во нашиот здравствен систем, во практика, според Јована, тој сè уште е ограничен и недоволно применет, особено кога станува збор за пристапот до современа и ефективна терапија.

- Една од промените за кои силно се залагам е проширувањето на позитивната листа на лекови. Во текот на мојата практика сум сведочела на многу тешки моменти, кога одреден лек претставува најсоодветно решение за состојбата на пациентот, но останува недостапен поради неговата висока цена. Сметам дека е неопходно вистинско и системско имплементирање на мултидисциплинарниот пристап во медицината. Кога повеќе лекари од различни специјалности уште од самиот почеток заеднички ќе работат на состојбата на еден пациент, проблемот може да се третира поефикасно, со значително помалку компликации и со редуциран број болнички посети. Таквиот пристап не само што го подобрува исходот од лекувањето, туку и ја зголемува довербата на пациентот во здравствениот систем - коментира Јована.

За седум до осум години се гледа себеси во улогата на специјалист кардиолог, посветен на лекување на најтешките и најкомплексни пациенти.

- Се замислувам себеси како професионалец кој континуирано го унапредува сопственото знаење, активно учествува на светски конгреси и ги носи најновите достигнувања во третманот на кардиоваскуларните заболувања токму во нашата земја. Моја најголема професионална сатисфакција би биле насмеаните лица на задоволни пациенти – луѓе кои повторно го пронашле квалитетот на живот благодарение на мојата лекарска посветеност. Мојата иднина ја гледам во Македонија. Таа е мојата мајка – земја која ме изгради, ме обликува и ме направи тоа што сум денес. Здравствениот систем не е совршен, но едно е неспорно: овој систем создава борци. Луѓе кои, како што вели Петре М. Андреевски, се пиреј – ништо не ги уништува - заклучи младата докторка.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.