Ова е европскиот град со највисоки плати

Ова е европскиот град со највисоки плати

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога станува збор за градовите со највисоки плати во Европа, Цирих со години е на врвот на речиси сите релевантни рангирања. Според податоците од меѓународните финансиски и статистички институции, просечната бруто-плата во овој швајцарски град значително го надминува европскиот просек, како и приходите во повеќето светски метрополи. Високите плати се „резултат“ на комбинација од силна економија, висока продуктивност, развиен финансиски сектор и континуирана побарувачка за висококвалификувана работна сила.

Според податоците на УБС (Швајцарска мултинационална инвестициска банка) и ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој), просечната годишна бруто-плата во Цирих надминува 90.000 евра, додека во одредени сектори, како што се финансиите, фармацијата и информатичката технологија, таа оди далеку над тоа ниво. Иако трошоците за живот се високи, особено кога станува збор за домување и услуги, куповната моќ на вработените останува меѓу највисоките во Европа, што го прави Цирих исклучително привлечна дестинација за работа.

Кога станува збор за вработување, ИТ-специјалистите имаат најдобри шанси. Побарувачката за софтверски инженери, аналитичари на податоци, експерти за сајбер-безбедност и вештачка интелигенција постојано расте, а домашниот пазар на трудот не успева секогаш да ги задоволи потребите на работодавците. Затоа Швајцарија активно привлекува странски експерти, особено од Европската Унија.

Инженери од различни профили се исто така многу барани, особено оние од областите на електротехниката, машинството, автоматизацијата и енергетиката. Индустријата за висока прецизност, производството на медицинска опрема и развојот на нови технологии се потпираат на висококвалификуван персонал, што директно се одразува врз нивото на платите и сигурноста на работното место.

Здравствениот сектор нуди одлични можности, особено за искусни лекари и медицински сестри. Стареењето на населението и постојаната потреба од квалитетна здравствена заштита довеле до тоа овој сектор да биде еден од најстабилните на пазарот на трудот. Во овој случај, познавањето на германскиот јазик е клучен услов, но трудот обично се исплатува многукратно.

Финансиските професионалци, економистите, сметководителите и ревизорите имаат можност да заработат исклучително високи приходи, но конкуренцијата во овој сектор е многу посилна отколку во ИТ или здравствената заштита. Работодавците најчесто бараат комбинација од врвно образование, меѓународно искуство и одлично познавање на пазарот.


Интересно е што квалификуваните занаетчии, како што се електричари, монтери и техничари, исто така имаат добри можности за вработување. Швајцарскиот пазар на трудот се соочува со недостиг на овие профили, а платите често се значително повисоки отколку во повеќето земји од Европската Унија, со високи стандарди за работа и социјално осигурување.

Цирих во моментов е градот со највисоки плати во Европа, но и пазар кој наградува знаење, експертиза и искуство. За оние што ги поседуваат потребните вештини и се подготвени да се приспособат на високите професионални стандарди, овој град нуди ретка комбинација од финансиска стабилност и долгорочни можности за кариера.

Извор: nova.rs

Фото: YouTube screenshot/Freepik