Ова е најомилената земја во 2025 година
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Што ја прави една земја омилена во очите на светот? Одговорот е покомплексен отколку што изгледа на прв поглед и оди подалеку од туризмот или економската моќ.
Врз глобалната перцепција на државите влијаат многубројни фактори - од довербата во власта, квалитетот на живот и безбедноста, до еколошката одговорност. Токму овие перцепции секоја година ги мери Институтот за репутација, со цел да утврди кои земји имаат најсилен меѓународен углед.
Институтот ја објави листата со најомилените земји во 2025 година, земајќи ги предвид квалитетот на живот, безбедноста, еколошката одговорност и културната привлечност.
На самиот врв се најде Канада, а меѓу водечките земји се и Норвешка, Шведска, Швајцарија, Австралија, Финска, Нов Зеланд, Данска, Холандија и Белгија.
Канада
Не е изненадување што светот ја сака Канада. Според извештајот на Институтот за репутација, оваа земја ја предводи листата за 2025 година благодарение на глобалниот имиџ на едно од најотворените и најинклузивни општества.
Канада постојано добива високи оцени за политичката стабилност, безбедноста, јавното здравство, образованието и општествената кохезија.
Норвешка
Силниот углед на Норвешка се темели на транспарентна власт, економска сигурност и висок животен стандард. Таа е ценета поради одговорното управување со природните ресурси, посветеноста на заштитата на животната средина и сеопфатниот систем на социјална заштита. Нејзините драматични пејзажи привлекуваат патници од целиот свет, додека високите показатели за човечки развој дополнително ја зацврстуваат глобалната привлечност.
Шведска
Шведска е високо ценета поради прогресивните социјални политики, иновативната економија и силниот фокус на одржливоста. Таа се смета за глобален лидер во еколошката одговорност, родовата еднаквост и постигнувањето рамнотежа меѓу работата и приватниот живот. Нејзиниот углед дополнително го зајакнуваат силните јавни институции и културата што ѝ дава приоритет на општествената благосостојба.
Швајцарија
Угледот на Швајцарија се темели на неутралноста, политичката стабилност и економската отпорност. Таа е позната по прецизноста, ефикасноста и врвната инфраструктура, а остварува високи оцени за управување и безбедност. Додека алпските пејзажи привлекуваат туристи, финансиската кредибилност и силните јавни услуги ја прават привлечна и за подолг престој, зацврстувајќи го имиџот на една од најдоверливите нации во светот.
Австралија
Високиот квалитет на живот, силниот образовен систем и опуштениот начин на живеење се клучните причини за популарноста на Австралија. Таа е ценета поради отвореноста, културната разновидност и природните атракции од светски ранг. Стабилната економија и угледот на посакувана дестинација за патување и живот дополнително ја зајакнуваат нејзината позиција на листите за глобална перцепција.
Финска
Како најсреќна земја во светот, Финска неизбежно зазема место и на листата со најомилените. Таа е ценета поради исклучителниот образовен систем, високото ниво на општествена доверба и ефикасниот модел на управување. Позната е по ниското ниво на корупција, силните јавни институции и фокусот на благосостојбата на граѓаните.
Нов Зеланд
Нов Зеланд освојува со своите импресивни природни пејзажи, еколошката свест и пристапниот начин на управување. Земјата се смета за безбедна, мирна и добро управувана, што ја прави високо ценета на меѓународната сцена.
Данска
Данска е позната по социјалната еднаквост, високото ниво на среќа и квалитетот на урбаниот живот. Таа е ценета поради силниот систем на социјална заштита, лидерството во зелената енергија и урбанистичкото планирање насочено кон луѓето. Нејзината репутација е поврзана со ниска нееднаквост и исклучителен квалитет на секојдневниот живот, што ја прави привлечна и за жителите и за посетителите.
Холандија
Препознатлива по отвореното општество, иновациите и ефикасното управување, Холандија одамна важи за една од најпосакуваните туристички дестинации. Нејзината репутација произлегува од прогресивните општествени вредности и силната инфраструктура. Важната улога во глобалната трговија, дипломатијата и одржливиот развој дополнително придонесува за нејзиниот меѓународен углед.
Белгија
Листата со најомилени земји ја заокружува Белгија, чии силни страни се квалитетното здравство, ефикасното управување и богатото културно наследство. Како важно седиште на институциите на Европската Унија, Белгија има значајна улога во меѓународната дипломатија. Нејзината репутација дополнително е поткрепена со висок животен стандард и силна мрежа на јавни услуги.
Извор:
Nova.rs
Фото: Freepik