Смартфоните во Русија мора да имаат софтвер што ги поддржува традиционалните руски вредности

Смартфоните во Русија мора да имаат софтвер што ги поддржува традиционалните руски вредности

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

По неколку месеци откако Русија ја забрани продажбата на гаџетите во кои нема однапред инсталиран руски софтвер, владините службеници од оваа земја изготвија нови директиви за тоа каков вид софтвер ќе мораат да инсталираат компаниите, пренесува „Гизмодо“.

Директивите кои се однесуваат на паметни телефони, компјутери и паметни телевизори се направени од страна на руската Федерална антимонополска служба. Во нив се наведува дека софтверот треба да помогне со „формирањето на приоритетот на традиционалните руски духовни и морални вредности“ и мора да е и популарен и безбеден.

Сепак, нацрт-директивите не специфицираат со какви руски вредности треба да биде во согласност софтверот.

Русија во ноември доби закон со кој беше забранета продажба на гаџети во кои однапред не е инсталиран руски софтвер. Поборниците за законот истакнаа дека целта е промоција на руската технологија и луѓето да можат полесно да ги користат гаџетите што ќе ги купат. Законот, кој ќе стапи во сила во јули, не значи дека производите со софтвери направени во други земји не можат да се продаваат во Русија, но бара тие да имаат инсталирано и алтернативни избори на руски софтвер.

Законот и не беше баш добро прифатен од страна на производителите и дистрибутерите во Русија. Асоцијацијата на трговски компании и производители на електрична опрема за домаќинства и компјутери истакна дека не би било можно да се инсталира руски софтвер на некои направи. Оттаму истакнаа и дека меѓународни компании, како „Епл“, кои ги произведуваат направите, може да се повлечат од рускиот пазар поради законот.