Што е „коронасомнија“ - феноменот што ги погодува луѓето низ светот?

Што е „коронасомнија“ - феноменот што ги погодува луѓето низ светот?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

За многумина, една од целите за новата година веројатно беше да имаат поквалитетен сон. Но пандемијата го отежнува ова, а некои експерти веќе имаат израз со кој ја опишуваат ситуацијата - „коронасомнија“ или „Ковид-сомнија“. Станува збор за феномен кој ги погодува луѓето што имаат несоница поради стресот предизвикан од ситуацијата со коронавирусот.

Во Велика Британија, во едно истражување од август од Универзитетот на Саутемптон се покажува дека бројот на луѓе што имаат несоница се зголемил, па сега секој четврти се соочува со неа. Поголеми проблеми со спиењето имаат мајките, вработените во сектори што се сметаат за основни и припадници на етнички малцинства.

Во Кина процентот на лица со несоница се зголемил од 14,6 на 20% за време на најстрогите мерки за безбедност. Слично зголемување на бројот на лицата со несоница било забележано и во Италија и во Грција.


Фото: Pixabay

Англискиот збор за несоница (insomnia) бил пребаруван на „Гугл“ во 2020 година како никогаш порано.

Едноставно е - пандемијата и промените во животот поради неа имаат последици врз сонот на луѓето.

Несоницата, без разлика од што е предизвикана, е тешка. Здравствените власти генерално препорачуваат спиење најмалку седум часа дневно. Пократкиот сон може да доведе до повеќе грешки во работата, да влијае врз вашата концентрација и врз расположението, покажуваат повеќе истражувања.

Експертите советуваат да се побара професионална помош или да се преземат мерки за подобро спиење, како одбегнување работа на компјутер или користење телефон в кревет и читање помалку вести за да се одбегне чувството на анксиозност.

Автор: Брајан Лафкин
Извор: bbc.com