Колумна: Соработка, меѓусебна помош и поддршка
Соработка, меѓусебна помош и поддршка се морални вредности кои треба да служат како примери што му даваат позитивна карактеристика на секој човеков карактер и кои треба континуирано и доследно да ги покажуваме и применуваме.
Гледано од денешен аспект, често ќе чуеме, па дури тоа и може лесно да се согледа, дека повеќе никој со никого не соработува, никој со никого не сака да си помага и никој никого во ништо повеќе не поддржува, па и не излегува во пресрет. Да, тоа е точно и веќе толку очигледно што повеќе немаме сомневање да тврдиме дека е така.
Меѓутоа, ќе кажам дека постојат многу ретки исклучоци кои не се откажале од своите морални човечки доблести и се одговорни на нив, па ги покажуваат. Не, само во општественото опкружување, ами воопшто каде што се најпотребни овие три клучни вредности на емпатија, особено во образовната сфера, кои веќе се незабележливи или сепак на прсти се бројат оние што умеат да ги негуваат. Сме имале различни предавања со цел да се подобрат меѓуученичките, а тоа важи и за сите меѓучовечки односи, меѓутоа, изгледа тоа не влијае и не дава резултати.
Ќе наведам неколку примери од образовната сфера со цел да посочам дека не треба така. Еве, на пример, кога имаме поголем број отсутни ученици, па макар биле еден и двајца, а наставникот замолува одделението да ги извести тие ученици што сме работеле на часовите, било да им се јават или да им пишат на социјалните мрежи, значи како било само да ги известат, барем тоа е лесно во денешно време, за жал, нема интерес да им се помогне на своите соученици. Ни присутните ни отсутните ученици не ги интересира што се работи на часовите, повторувам, со ретки исклучоци за кои секогаш ќе имам посебно мислење. Истата ситуација е кога имаме групна или работа во парови, ќе работат еден-двајца, а другите гледаат само да препишат или така да им помине времето. Или кога треба да се изврши некое истражување како домашна обврска, мал дел одговорно ќе постапат, а другите не ги извршуваат обврските. Тоа е во делот на одговорните обврски и задолженија, што е заемно поврзано со соработка, меѓусебна помош и поддршка. Тие вредности полека се изгубија (не само во школската средина, ами воопшто во животот). И не треба да нѐ чуди што на денешните ученици ништо не им е интересно и занимливо. Семејството мора да има поодговорно влијание врз децата, а секако и педагошко-психолошката служба во училиштата, како и самите наставници. Од разговор, советување, давање насоки никогаш не е доста, секогаш мора да се реагира за доброто на младината – иднината со која работиме и која треба да ја извадиме на прав пат во животот. Мрзливост, незаинтересираност, неодговорност, непослушност итн. се најнегативните особини што една личност може да ги има, а тоа особено важи за учениците. Ако од најмала возраст не се научат моралните и етички вредности и доблести, тогаш засекогаш ќе остават негативна последица кај секоја личност. Тешко е да се излечи нешто што со време не се излекувало, а за тоа најмногу мора да работи личната свест и совест, ако сакаме да бидеме културни и цивилизирани луѓе во вистинска смисла на зборот. Не може само еден да работи, не може само еден да биде вклучен во многубројни обврски, не може еден да го носи товарот на грб за цела толпа и замислете тој повторно да не им чини на оние што треба да земат пример од него. Таа е реалноста. Така не бидува. Златно правило: кога еднаш ќе се научи лекцијата како што треба, таа без проблеми се применува во иднина. Ама зависи кој како учи и што учи. И тоа има клучно влијание. Мислам дека изгубените интереси да се соработува, да се помага и да се излегува во пресрет (поддржува) за кое било дејствување од потреба и интерес се должат на преголемата зависност од интернетот и од социјалните мрежи. Сепак, тоа е само едно мислење, а постојат можеби и повеќе. За тоа, во некоја следна пригода.
Кај нас недостига потребата од меѓусебна соработка, помош и поддршка. Јас скоро секогаш во сите мои колумни и ТВ-гостувања позитивно сум размислувал, а ќе продолжам и понатаму затоа што сакам да имаме успеси, резултати, пофалби и паметни ученици кои ќе сфатат зошто доаѓаат на школо и која е пораката од крајот на школскиот ден. Во последно време на тоа како да се гледа со товар, а не со мерак. И понатаму верувам дека работите можат да станат подобри и тоа со вложување многу малку труд, а сепак поголема волја, се разбира, за доброто на сите, особено за најмилата радост со која работам/работиме во настава. Да не се заборави: кога може да се помогне, секогаш тоа да се прави беспоштедно и безусловно затоа што еден ден тоа се возвраќа, којзнае можеби трикратно. Исто така, не треба да се има срам од каква било чесна и паметна соработка и поддршка затоа што на тој начин и добриот глас надалеку се слуша. Дотука, толку, а понатаму да се надеваме на многу подобро.
Автор: професор Александар Адамовски