Паметни апчиња би можеле да пријавуваат дали пациентите навистина ги земаат

Паметни апчиња би можеле да пријавуваат дали пациентите навистина ги земаат

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Експериментално апче може да испрати сигнал дека е консумирано, тврдат истражувачите.

Системот за пријавување, кој може да се вгради во постојните апчиња, содржи биоразградлива радиофреквентна антена. Откако ќе испрати сигнал дека апчето е консумирано, поголемиот дел од нејзините компоненти се разградуваат во желудникот, додека ситниот радиофреквентен чип поминува низ организмот и се исфрла преку дигестивниот тракт, наведуваат истражувачите во списанието „Нејчр комјуникејшнс“.

Тестовите на животински модел покажале дека сигналот успешно се пренесува од внатрешноста на желудникот во рок од 10 минути по голтањето на апчето и дека надворешен приемник може да го очита сигналот од растојание до околу 60 сантиметри.

Доколку системот се развие за примена кај луѓе, истражувачите ќе развијат уред кој би го примал сигналот и би го проследувал до здравствениот тим на пациентот.

Непочитувањето на пропишаната терапија претставува сериозен проблем и придонесува за стотици илјади смртни случаи кои можат да се спречат, како и за милијарди долари трошоци во здравствениот систем секоја година, наведуваат истражувачите во соопштението.

Ваквите апчиња би можеле да бидат особено корисни за следење пациенти на кои им е извршена трансплантација, кои мора редовно да земаат имуносупресивни лекови за да спречат отфрлање на органот, како и кај лица со заразни болести, како туберкулоза, кои денес се надгледуваат преку редовни посети на клиники за да се провери дали ја земаат терапијата, наведуваат истражувачите.

- Сакаме да им дадеме приоритет на лековите кај кои непочитувањето на терапијата може да има навистина сериозни последици врз поединецот - вели д-р Џовани Траверсо, гастроентеролог во болницата „Бригам“, водечки автор на истражувањето и вонреден професор по машинско инженерство на Институтот за технологија во Масачусетс.

Извор: n1info.rs
Фото: Freepik