Погледнете го првиот детектор за земјотреси во светот, измислен во Кина пред 2.000 години

Погледнете го првиот детектор за земјотреси во светот, измислен во Кина пред 2.000 години

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ренесансата, строго кажано, не се случила во Кина. Сепак, се чини дека Средното Кралство имало свои „ренесансни луѓе“ - и тоа многу порано. Една таква личност е од династијата Хан од првиот и вториот век: државник по име Џанг Хенг (78–139 н.е.), кој успеал да се истакне во низа области од математика до астрономија, од филозофија до поезија. Неговите достигнувања во науката и технологијата вклучуваат измислување на првата хидраулична армиларна сфера за набљудување на небото, подобрување на водните часовници со секундарен резервоар, пресметување на „Пи“ со далеку повеќе децимали отколку што се пресметало некогаш во Кина и правење откритија за природата на Месечината. Тој, исто така, како што покажуваат записите, го составил првиот сеизмоскоп - уред за откривање земјотреси.

Визуелно објаснување на дизајнот на Џанг се појавува во видеото на „Научен свет“. Неговиот сеизмоскоп се викал „hòufēng dìdòngyí“, што значи „инструмент за мерење на сезонските ветрови и движењата на Земјата“ и можел приближно да ја одреди насоката во која се случил земјотресот.

Секоја од неговите осум змејски глави (комбинација од број и суштество) држи топка: кога земјата се тресе, змејот насочен кон епицентарот на земјотресот ја испушта својата топка во устата на една од декоративните жаби што чекаат подолу. Во еден момент, како што е забележано во историјата, тој открил земјотрес на 650 километри оддалеченост, кој не бил почувствуван на локацијата на сеизмоскопот.

Не е лошо, со оглед на тоа што ниту Џанг ниту некој друг сè уште не слушнал за тектонски плочи во тоа време. Но, како што знаат сите инженери, практичните уреди честопати работат добро дури и во отсуство на целосно здрава теорија. Истражувачите веруваат дека во сеизмоскопот имало нишало, бронзена топка под нишалото, осум канали и осум лоста што ги активирале устите на змејовите. Движејќи се како одговор на ударниот бран, нишалото ја ослободувало топката во спротивна насока, која се тркалала по канал и ја ослободувала устата на крајот од каналот. Колку и да била иновативна за своето време, оваа шема не можела да даде никакви информации за тоа каде точно се случил земјотресот, а да не зборуваме за предвидувањето.

Извор: openculture.com

Фото: YouTube screenshot