Зошто луѓето што ’рчат не се будат од бучавата што ја создаваат? Одговорот е во начинот на кој функционира мозокот
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Прашање што си го поставуваат сите што некогаш делеле кревет со личност што ’рчи: Како можеш да спиеш покрај таа бучава?
Може да се каже дека постои одговор. Или поточно кажано, повеќе одговори.
Најпрво, да биде јасно: понекогаш лицето што ’рчи навистина може да се разбуди поради сопственото ’рчење. Некои луѓе се будат од гласните звуци што самите ги произведуваат, други не, велат истражувачите. Кај оние што се будат, тоа нарушување обично трае само неколку секунди.
Понекогаш луѓето што ’рчат се свесни дека се разбудиле. Меѓутоа, многу повеќе будења речиси сигурно поминуваат незабележано. Лицата со апнеа при спиење, состојба која речиси секогаш е придружена со екстремно ’рчење, можат да бидат разбудени десетици, па дури и стотици пати во текот на една ноќ.
Доказите го потврдуваат тоа. Многу истражувања покажале дека луѓето што ’рчат имаат повеќе нарушувања во циклусите на спиење, а едно истражување покажало дека доживуваат помалку „микробудења“ кога носат чепчиња за уши додека спијат.
Сепак, може да се каже дека овие кратки будења не се сметаат за вистински. На крајот на краиштата, повеќето од тие нарушувања дури и не доведуваат до целосно будење. Многу луѓе воопшто не се сеќаваат дека се разбудиле.
Тогаш, зошто вашиот партнер не се буди поради бучавата што самиот ја создава? Вториот дел од одговорот лежи во начинот на кој функционира нашиот мозок.
Иако можете да слушате звуци додека спиете, дел од мозокот наречен таламус ги филтрира сите звуци што ги смета за „малку значајни“. Токму затоа можеме да се навикнеме на сообраќајната бучава под прозорецот, на звуците од семејството или цимерите во другите соби, но не на звукот од противпожарен аларм или кога некој го изговара нашето име.
Како и со сообраќајната бучава, нашиот мозок се навикнува и на звукот на сопственото ’рчење. Тој звук е секогаш присутен и доаѓа од нас, па потсвеста знае дека не е важен.
Добрата вест, ако не можете да спиете поради ’рчењето, е дека проблемот има решение, односно повеќе решенија.
За да го намалите ’рчењето, можете да се обидете да спиете настрана и евентуално во малку подигната положба. Позицијата што треба да се избегнува е спиењето на грб бидејќи тогаш гравитацијата работи против вас, велат истражувачите. Затоа, секоја тактика што ќе ве разбуди кога ќе се свртите може да помогне да се спречи ’рчењето уште пред да започне.
Една работа што дефинитивно не треба да ја правите е да го игнорирате ’рчењето. Ако ’рчењето е знак на апнеа при спиење, последиците можат да бидат сериозни: висок крвен притисок, срцев удар, мозочен удар, дијабетес, а на краток рок, може постојано да сте поспани.
За жал, третманот е апарат за апнеа при спиење.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Freepik