Дали би живееле на Антарктикот за плата од 35.000 евра?

Дали би живееле на Антарктикот за плата од 35.000 евра?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

И британските и американските истражувачки станици на Антарктикот бараат нови работници, нудејќи широк спектар на работни позиции - од научни и инженерски до занаетчиски и оперативни.

Вработувањето на најстудениот континент во светот не подразбира само лабораториска работа, туку и цел систем на поддршка што овозможува функционирање на истражувачките бази во екстремни услови.

Во истражувачката станица „Халеј VI“, една од петте станици со кои управува Британската антарктичка служба, во летната сезона престојува тим од околу 40 луѓе. Станицата е фокусирана на собирање вселенски и атмосферски податоци, како и на проучување на Брантовиот Леден Гребен и дупката во озонската обвивка. Летната сезона трае од ноември до средината на февруари, а температурите во просек се движат околу -20 Целзиусови степени, додека можат да паднат и до -40. Во тој период постојано има дневна светлина.

Раководителот на станицата е одговорен за управување со резервите, здравјето и безбедноста на вработените, како и за организација на обуки. Покрај оперативните задачи, оваа позиција подразбира и грижа за функционирањето на тимот во изолирани услови, каде што приватноста и личниот простор се ограничени.

Британската антарктичка служба секоја година вработува до 150 нови работници. Иако научниците и инженерите го сочинуваат јадрото на истражувачката работа, околу 70 отсто од работните места се однесуваат на оперативни функции неопходни за секојдневното функционирање на станиците. Меѓу вработените има електричари, готвачи, водоводџии, медицински техничари и лекари. Почетната годишна плата е околу 35.000 евра, а на вработените им се обезбедени патни трошоци, сместување, оброци и специјализирана опрема за работа во екстремно ниски температури.

Во текот на летните месеци на Антарктикот работат околу 5.000 луѓе, распоредени во 80 истражувачки станици со кои управуваат приближно 30 држави. Покрај Британската службена станица, работни позиции огласува и Антарктичката програма на САД, а британската организација организира и отворен ден во март.


Работата на Антарктикот подразбира специфични услови за живот и работа. Свежата храна е ограничена, консумирањето алкохол е строго контролирано, а сместувањето е организирано во заеднички простории. Вработените работат во седумдневни смени. Токму соживотот и строгите правила претставуваат предизвик за дел од кандидатите, поради што селекцискиот процес вклучува процена на способноста за решавање конфликти и проблеми.

По изборот на кандидатите следува детална обука пред заминувањето на терен. Иако физичките услови се прилично строги, експертите истакнуваат дека социјалната динамика во изолирана средина може да претставува дополнителен предизвик, особено кога ќе дојде до нарушување на меѓучовечките односи.

Сепак, интересот за работа на Антарктикот останува стабилен. Работните места во истражувачките станици нудат можност за професионален ангажман во уникатна средина и директен придонес кон глобалните истражувања на животната средина, со јасно дефинирана организациска структура и меѓународен карактер на работата.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Instagram