Инспекторите годишно поднесуваат околу 200 барања за казни - некои родители не ги пуштаат децата на училиште иако е бесплатно

Инспекторите годишно поднесуваат околу 200 барања за казни - некои родители не ги пуштаат децата на училиште иако е бесплатно

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Системот „Безбеден град“ кој се воведе во Скопје, Тетово и Куманово, како и на дел од автопатите, извади долгогодишен проблем со кој се соочуваат дел од граѓаните на ромската заедница во Македонија. Многумина од нив немаат возачка дозвола затоа што немаат право да полагаат за управување со возило бидејќи се бара минимум основно образование, кое тие го немаат.

Ова го постави прашањето зошто се дозволува деца да не посетуваат настава иако се знае дека законска обврска е секое дете да заврши не само основно, туку и средно образование.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска на една од своите прес-конференции призна дека ова е долгогодишен проблем, иако образованието е бесплатно за секое дете во земјава.

- Проблемот кај Ромите е што имаме инклузија и голем дроп аут (термин што се користи во образованието за да означи дете или млад човек кој престанал да посетува училиште пред да го заврши задолжителното или планираното образование). Тие, на некој начин, со помош на медијаторите, на училиштата, со списокот кој го води МВР за родените, па училиштата го добиваат списокот на ученици што треба да се запишат, главно се запишуваат на училиште, но потоа или не го посетуваат воопшто или извесен период се таму, па излегуваат. Има дополнителен проблем, во одредени средини и кога има дроп аут, тие се водат како редовни ученици - рече Јаневска на истата прес-конференција.

Државниот просветен инспекторат има евиденција само за оние деца што не се запишуваат во прво одделение, но не и за вкупниот број деца од 6 до 18 години кои се надвор од образовниот систем.

- Задолжителното средно образование е воведено во 2008 година, односно започнувајќи од учебната 2008/2009 година. Министерство за образование и наука располага со податоци за опфатот и завршувањето на образованието преку официјалните евиденции и во соработка со училиштата. При спроведувањето на законските одредби, акцентот е ставен на превентивни и инклузивни мерки, односно на повторно вклучување на лицата во образовниот процес.
Во просек, на годишно ниво Државниот просветен инспекторат поднесува по околу 200 барања за поведување прекршочни постапки за родители/старатели кои не ги запишале своите деца во училиште, односно не продолжиле во следната учебна година - велат од МОН за „Факултети.мк“ на прашањето дали постои статистика за деца што не успеале да завршат основно образование и дали некој родител е казнет за тоа.



Министерството за образование и наука вели дека континуирано обезбедува стипендии за ученици во средното образование преку повеќе програми и јавни политики дефинирани во Законот за ученичкиот стандард, меѓу кои и стипендиите за ученици Роми од јавните и приватните средни училишта. Стипендиите за учениците Роми се јавна политика дефинирана со Законот за ученичкиот стандард во 2016 година, додека нивното доделување во донаторска соработка започнува уште од 2008 година, кога средното образование станува задолжително.

- Бројот на стипендиите се утврдува секоја учебна година врз основа на буџетските можности, утврдените приоритети и бројот на запишани ученици Роми во средното образование, согласно Одлуката за утврдување на бројот и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта, која ја донесува Владата.
Во 2008 година првпат беа доделени 444 стипендии за ученици Роми, додека денес тој број изнесува 1.200 стипендии. Целта на овие мерки е обезбедување еднаков пристап до образование и зголемување на опфатот на учениците Роми во средното образование - велат од МОН.

Покрај финансиската поддршка, Министерството спроведува и афирмативни мерки за пристап до средно образование. Согласно точка II од Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта, учениците од ромската етничка заедница можат да се запишат во одредено јавно средно училиште и со до 10 % помалку поени од предвидените, доколку ги исполнуваат дополнителните критериуми за проверка на знаења и вештини во соодветното училиште.



Со цел да се мотивираат родителите во ромските заедници да ги пуштаат децата на училиште и успешно да го завршат средното образование, МОН континуирано, на годишно ниво, го зголемува бројот на стипендии за средношколци Роми.

- Со зголемувањето на бројот на ученици припадници на ромската етничка заедница запишани во средното образование соодветно се зголемува и бројот на доделени стипендии наменети за нивна поддршка. Во периодот од 2008 до 2026 година Министерството има доделено над 15.000 стипендии за средношколци Роми, како дел од континуираните напори за зголемување на образовниот опфат, намалување на напуштањето на училиштето и успешно завршување на задолжителното средно образование - додадоа од Министерството за образование и наука.

Фото: freepik

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.