Ова е победничкото решение за Музејот на крштевањето на Исус во Јордан

Ова е победничкото решение за Музејот на крштевањето на Исус во Јордан

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Фондацијата „Бетани Бијонд Џордан“ го објави победникот на меѓународниот архитектонски натпревар за Музејот на крштевањето на Исус во Витанија, Јордан.

Конкурсот го водеше „Малколм Ридинг консалтс“, а во текот на шест месеци се собраа мултидисциплинарни тимови предводени од архитекти за да дизајнираат музејски и пејзажен проект кој одговара на светиот карактер на Ал-Магтас, место на светското наследство на УНЕСКО.

По дискусиите со финалистите предводени од меѓународен советнички тим, студиото на овогодишниот добитник на РИБА (златен медал за архитектура) – „Ниал Меклафлин архитекти“ (НМЛА) – беше избрано за победник.


Витанија од другата страна на Јордан


Подрачјето овековечено во Евангелието според Јован како „Витанија од другата страна на Јордан“ (некаде се среќава и како Витавара), долго време е дестинација за поклонение за христијаните и е дел од пошироката зона на местото на крштевањето на Исус, на источниот брег на реката Јордан.

Планирано е музејот да биде отворен во 2030 година, по повод две илјади години од крштевањето на Христос, и е замислен како културно и духовно обележје кое поттикнува размислување, учење и културна размена.

Победничкото решение се издвоило по својата просторна нарација која ги „потопува“ посетителите во искуството на просторот, но и по својот чувствителен став кон пејзажот и соседното место на УНЕСКО.

Техника на локален камен и набиена земја

-Зградата е замислена како ниска структура вклопена во теренот, изработена од локален камен и набиена земја, инспирирана од традиционалната јорданска архитектура - објасниле ирските архитекти.

 

Културна дестинација од глобално значење

Конкурсот го надгледувал советодавен тим составен од експерти за архитектура, пејзажна архитектура, зачувување на наследството и музејската практика, вклучувајќи ги Тарват Алмасалха, Бери Бергдол, Алија Ал-Сенуси, Дејвид Б. Гринбаум, Оусама Габи Ганум, Моника Луенго, Лин А. Факури и Азиз Хусеин.

За понатамошниот развој на проектот, Фондацијата ќе соработува со тимот предводен од „Ниал Меклафлин“, во координација со УНЕСКО, локалните заедници и меѓународните партнери, а се очекува музејот да стане културна дестинација од светско значење.

Извор: gradnja.rs

Фото: Instagram screenshot