Смртта на Џејн Остин останува мистерија до денес, но нејзините последни писма и книги откриваат што ѝ се случило

Смртта на Џејн Остин останува мистерија до денес, но нејзините последни писма и книги откриваат што ѝ се случило

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

По повеќе од два века од смртта на Џејн Остин, прашањето од што починала сè уште нема конечен одговор. На куќата во улицата „Колеџ“, број 8 во Винчестер, каде што славната писателка ги поминала последните осум недели од животот и починала на 18 јули 1817 година, стои само скромна плоча. Сепак, за нејзините обожаватели тоа место претставува една од најголемите книжевни мистерии.

Џејн имала само 41 година. Една година пред смртта страдала од непозната болест, со периоди на привидно подобрување и нагло влошување. Никогаш не добила дијагноза што денес би била официјално потврдена. Иако оваа година се одбележуваат 250 години од нејзиното раѓање, расправата меѓу експертите сè уште трае.

Без медицински картон, без зачувани извештаи од лекари и без сигурен примерок, истражувачите се принудени да се потпираат на нејзините писма. Во тие редови, често обоени со иронија и ведрина, се крие трагата на болеста што ја однела.

Што знаеме за нејзините симптоми?


Првиот сериозен обид да се утврди причината за смртта се појавил во 1964 година кога докторот Закари Куп изнел теорија дека Остин починала од Адисонова болест, ретко нарушување на надбубрежните жлезди. Потоа се појавиле и други хипотези: рак на желудникот, туберкулоза, Хоџкинов лимфом.

Сите овие болести ги имаат симптомите што Остин ги опишувала: исцрпеност, губење тежина, слаб апетит, повремена температура и треска.

Сепак, подетална анализа на нејзините писма дала покомплексна слика. Невроофталмологот Мајкл Сандерс и неговата колешка Елизабет Грејем, долгогодишни лекари во болницата „Свети Томас“ во Лондон, години наназад го проучувале секој зачуван ред што таа го напишала.

Најизразените симптоми се појавуваат кон крајот на август 1816 година, околу 11 месеци пред смртта. Џејн се жалела на ревматски болки, особено во грбот и во коленото. Имала силни напади на замор, температури и исип на лицето кој го опишала со зборовите „црно и бело и секоја погрешна боја“. Исипот бил привремен.

Некогаш пишувала дека се чувствува „подносливо добро“, била поактивна, дури на почетокот од 1817 година го започнала романот „Сандитон“. Но, состојбата повторно се влошувала.

Во мај 1817 година отпатувала во Винчестер по препорака на лекар за да ја прегледа угледен хирург. Од писмата се гледа дека имала пристап до квалификувани лекари, а нема докази дека ја лекувале некомпетентни доктори. Сепак, во јуни и јули состојбата драматично се влошила. Пулсот ѝ бил слаб, деновите ги поминувала во сон. На 15 јули ги издиктирала последните стихови од песната „Вента“. На 17 јули доживеала напад и ја изгубила свеста. Според сведоштво на сестрата Касандра, последните зборови биле молба за трпение и молитва. Починала во сон.

Нова теорија - лупус

Сандерс и Грејем ги отфрлиле претходните хипотези. Кај Адисоновата болест потемнувањето на кожата е трајно и ја зафаќа целата телесна површина, додека кај Остин исипот бил само на лицето и бил привремен. Туберкулозата тогаш била честa, но таа немала типични белодробни симптоми. Лимфомот не предизвикува артритис или промени на кожата, а болеста без терапија не би покажувала фази на привремено подобрување како што имала таа.

Поради болките во зглобовите, исипот, температурите и наглите влошувања и ремисија, истражувачите предложиле нова претпоставка: системски лупус еритематозус. Оваа автоимуна болест, првпат опишана по нејзината смрт, често ги зафаќа младите жени и може да биде фатална во 30-тите и 40-тите години. Се карактеризира со болки во зглобовите, промени на лицето и замор. Сепак, не постои доказ.

Болеста во нејзините последни романи

Иако причината за смртта никогаш нема да биде потврдена, нејзината болест фрла нова светлина врз нејзините последни дела.

Темите за болеста и лекувањето се присутни во романите „Убедување“ и недовршениот „Сандитон“. Во нив се чувствува поинаков тон, помалку безгрижен, со суптилна сенка на минливост. И покрај сопствената слабост, таа ги задржала острината и хуморот. Нејзините последни текстови не звучат како предавање, туку како доказ за внатрешната сила.

Причината за смртта на Џејн Остин можеби засекогаш ќе остане непозната. Но, од писмата, сведоштвата и нејзиното творештво е јасно едно - до последните денови била опкружена со семејството и ги задржала јасноста и духовитоста по кои ја паметиме.

Извор: Nova.rs
Фото: Wikipedia