Обраќање на проф. д-р Блажо Боев, ректор на УГД, по повод патронатот

Обраќање на проф. д-р Блажо Боев, ректор на УГД, по повод патронатот

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е формиран во не толку далечната 2007 година, на 27 март, и оваа година ќе го прослави својот 14. роденден. За универзитетите што имаат традиции на своето постоење од повеќе стотици години, периодот од 14 години претставува само еден миг во времето и во еволуцијата на цивилизацијата, само еден запис од неколку реченици кој можете да го најдете во хрониките на најстарите универзитети во Европа и во светот.

Следствено на тоа, ако сакаме да зборуваме за периодот од изминатите 14 години од постоењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, нема да можеме многу да кажеме ако се водиме од хрониките на најстарите универзитети. Многу е мал периодот на постоење за да можат да се извлечат некои заклучоци кои во својата суштина би имале и поголема доза на вистинитост и релевантност во времето што доаѓа.
Мојата убеденост дека периодот на постоењето на УГД-Штип е многу краток за извлекување релевантни заклучоци за неговата успешност или не, ја потпрев на моите впечатоци од посетата на еден од најстарите универзитети во Европа и во светот, Универзитетот во Саламанка во Шпанија, кој постои веќе 800 години и во чии простории без сомнеж можете да ја почувствувате енергијата на едно минато време кое во многу области во науката во Европа го детерминирало развојот на образовната култура и развојот на општествата во целина.

Сепак, во оваа пригода ќе извлечам само еден заклучок кој можеби нешто и кажува за изминатиот пат на нашиот универзитет од 14 години, а тоа е дека во последните десетина години на релевантните светски бази за рангирање на универзитетите (Shanghai Jiao Tong University, UniRank, Webometrics) се наоѓаме на второто место во рамките на универзитетите во Република Северна Македонија. Можеби и како генерација која го изнесе товарот на формирањето на овој универзитет би требало да бидеме задоволни од она што го направивме во изминатите 14 години, сепак сме само луѓе кои правиме многу грешки.

Организација на студирањето во време на пандемија

Изминатата година Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, како и сите универзитети во светот, беше исправени, а и сè уште е пред предизвикот кој се нарекува Ковид-19 да најде одговор за непречено спроведување на академските активности на сите студенти во сите циклуси на студии во рамките на универзитетот, а притоа потпирајќи се на модерните ИТ-технологии - спроведување онлајн-настава. Пристапот кон овој предизвик имаше само една главна цел, а тоа е да не се прекине образовниот процес. Првичната цел беше исполнета поради тоа што за многу краток период универзитетот започна со онлајн-настава. Наставата се одвиваше првично само онлајн, а во вториот „пандемски“ семестар овозможивме и хибриден начин на настава, во кој беше дозволено, по строги протоколи, да се изведуваа практичната настава и дел од полагањата. Сето ова беше организирано во однос на потребите на соодветната предметна програма.

Паралелно со наставата се организираа и сите планирани колоквиумски недели и испитни сесии. За време на пандемијата, онлајн се одвиваа и сè уште се одвиваат и сите административни процеси за студентите на УГД затоа што нашите платформи тоа го овозможуваат. Тоа е една карактеристика што го истакнува Универзитетот пред другите универзитети. Сите административни активности се одвиваат онлајн, почнувајќи од самото запишување на Универзитетот, кое минатата година го спроведовме целосно онлајн, па до заверка и упис на семестар, пријавување испити, следење резултати, како и пријавување и одбрана на дипломски труд.

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше препознаен од страна на „Мајкрософт“ како добра практика и успешно приспособување кон онлајн-наставата. Нашиот пример беше споделен и претставен на Campus Connections Summit, кој го организира „Мајкрософт“ секоја година на светско ниво.

Од сегашен аспект, по помината цела година со онлајн-активности, можам да кажам дека најголем предизвик беше приспособувањето кон новиот начин на работа. Ние го имавме искуството со користење на нашите платформи, но новиот начин на живеење, а со тоа и работење, беше најтежок. Во еден момент целосно застана начинот на нормално функционирање и моравме да се приспособиме на новите околности, и студентите и професорите, но не само на УГД, туку во целиот свет.
Може да се истакне дека беше тешка и ситуацијата со првичното прифаќање на онлајн-наставата од страна на студентите. Додека на повеќето универзитети имаше реакција, нашите студенти ги ислушаа плановите и залагањата на Универзитетот, ги прифатија и тие предизвикот и на крајот можам да кажам дека не погрешија. Наставата продолжи и тие во ниеден момент не беа оштетени.
Предизвиците сè уште се тука, но ние сме поискусни за една успешна година. Сите овие промени придонесоа и за редефинирање на целото наше работење во високото образование кое ќе биде исто така тешко да се одржува и да се поттикнува во наредните години. Оваа нова димензија на работење бара постојано инвестирање во нови ИТ-опрема за да можеме да се водиме со новонастанатите промени.


Не е лесно да се дефинира што беше лесно во текот на изминатата година. Се појавуваа предизвици на кои мораше да се даде времен одговор. Сите тие одговори заедно дадоа една слика дека ние лесно сме се справиле со трансферот кон онлајн-наставата. Но сето ова беше само возможно со пожртвувано работење во новонастанати услови на сите вработени на Универзитетот. Тежината падна на нив затоа што мораа сите активности да ги приспособат кон онлајн-работење. Искуство на вработените со користење на платформите Е-индекс, Е-учење, Е-Библиотека, па сега и МС Тимс придонесоа целиот одговор да изгледа лесен, но сето тоа се базира на деценија на инвестирање во развој на нашиот наставен кадар, но и во е-ресурси и платформи за работење.




Онлајн-наставата треба да ја гледаме како единствена сигурна можност што ја имаме во овој момент. Пристапот кон активностите, организацијата на наставата, развојот на нови, подобрувањето и приспособувањето на постојните материјали кон онлајн-настава се прават континуирано. Сето тоа придонесува да се подобрува целото онлајн-работење. Мора да бидеме задоволни од сè што се направи изминатата година и на ова да гледаме како на еден убав предизвик за ИТ-модернизирање на високото образование и воведување нови образовни парадигми и политики.
Ова поместување, ова приспособување не е само за академискиот кадар, туку и за студентите, кои мора да се соочат порано со новата реалност и потребите од ИТ-знаења. Ова редефинирање на важноста на модерните интернет-технологии во наставата ќе придонесе за развој на нови вештини кај студентите кои ќе бидат потребни во иднината. Сето ова ќе им овозможи полесно да се вклопат во модерните глобални текови и да се соочат со граѓански и економски предизвици што ќе се појават пред нив.


Идните планови на УГД, не знам дали треба така да се каже или пак треба да се каже: Кои се идните планови на високото образование во нашата држава, ова е можеби многу посуштествено, јас ќе дадам едно мое видување кое не мора да е одраз на мнозинството во академскиот свет, ама сепак е некој патоказ за иднината.
Денес нашиот високообразовен систем е исправен пред еден огромен предизвик кој се нарекува миграции на младите, како генерациски одговор на многу промашувања на нас и нашите генерации кои недоволно добро се снајдовме во големите глобални размислувања на развојот на глобалните општества, а секако во целина и на развојот на целата планета Земја.
Миграциите се многу важно прашање за кое треба да се проговори, и тоа како на миграциите кон главниот град Скопје така и на миграциите во други земји. Ако се погледнат податоците од миграциите во текот на 80-тите години од минатиот век, се доаѓа до заклучок дела денес најголемата миграција се случува во делот на најобразованите и тоа претставува огромно зголемување. Значи имаме селективен одлив на млади кои би требало да бидат основата на динамичниот развој на нашето општество и на изградбата на подобар живот за граѓаните, како и за изградбата на модерно македонско општество врз темелите на традиционалните наши вредности и современите европски вредности. Што е тоа што доведе до овие општествени појави кои многу ќе ја предодредат иднината на нашите универзитети во рамките на процесите на глобализација од кои понекогаш имаме и страв.

Денес, живееме со многу стравови и еден од оние стравови што кружат е стравот од глобализацијата како фундаментален предизвик со кој Универзитетот се сретнува во својата долга историја. Дијапазонот на реакциите оди од тоа дека глобализацијата ќе овозможи нови врвни достигнувања на Универзитетот, па сè дотаму дали Универзитетот воопшто ќе ја преживее глобализацијата, односно дека Универзитетот нема да биде она што отсекогаш бил. Во рамките на овие клучни предизвици што глобализацијата ги поставува пред Универзитетот е и фактот дека Универзитетот бил дете на некој изминат национален романтизам.
Од друга страна се наоѓаат предизвиците за стандардизација на процесите на учење со примена на информатичките и комуникациските технологии и развитокот на глобалната истражувачка културна мрежа. Исто така, важно е да се спомене дека глобалната економија, без некоја голема симпатија гледа на големите јавни трошоци, таканаречената државна социјална правда од која универзитетите во голема мера зависат.



Сè повеќе се наметнува новата парадигма во која високото образование се става во контекст на нешто што би претставувало приватно добро, приватен интерес, и на крај приватна одговорност, а не јавно добро и одговорност на колективитетот во кој тоа дејствува. Сепак, би било добро да погледнеме некои темелни видувања за Универзитетот, како што се:
Првото се однесува на односот помеѓу мисијата на универзитетот и неговите задачи како истражувачки епоним, односно, односот помеѓу универзитетот како центар на теоретските науки кои се развиваат спрема сопствените иманентни начела на универзитетот и универзитетот како збир на професионални школи, ова е нешто што ние и денеска го имаме.

Ние сме учени дека универзитетот претставува клучна синтеза помеѓу образованието и истражувачките активности. Меѓутоа, постои оправдана загриженост дека идната опасност не доаѓа од новиот тип на универзитет, туку од губењето на потребата за каков било универзитет во кој хармонично живеат образованието и истражувањата. Во овој момент постои и преоценување на самата класична идеја за науката, а таа нова парадигма во продукцијата на знаењето првенствено се карактеризира со значението на контекстот. И тоа не само во смисла на финалната примена на науката, утилитарноста на научните проблеми и изборот на соодветната методологија, туку и редефинирање на релевантното употребливо знаење кое е социјално робусно, односно гломазно.

Затоа мислам дека треба да се оди во насока на остварување на истражувачки универзитети. Во тој контекст мислам дека е добра идејата Министерството за образование и наука да се дополни со технолошки развој и иновации ако се има предвид изразениот концепт за изградба на општество втемелено на знаење.
Друго прашање што треба да се постави е: Во која е мера е пожелно универзитетот да дејствува во името на таканаречените општествени потреби, дури со непосредно влијание на владата или на одредени индустриски корпорации.
Тука се поставува основната дилема - дали на секој на универзитетот му е дозволено да изучува и истражува тоа што сака, ама се поставува и прашањето поради што даночниот обврзник треба да го плаќа тоа? Меѓутоа, тука доаѓаме до суштината на постоењето на универзитетот, ако концептот на утилитарноста победи, тоа сигурно би значело и крај на универзитетот онаков каков што досега го знаеме, а во голема мера и би довело и до поголем цивилизациски дисконтиниум, воопшто.
Новиот економски концепт го нагласува знаењето како неопходност и дека едукацијата на студентите треба да биде насочена кон стекнување вештини за „глобално работно место“, вклучувајќи го работното место каде било во светот. Тоа значи дека мора да бидат образовани и спремни за континуирана адаптација на светот на работа во која технолошките иновации се секојдневие. Да се спремаат за работно место на кое одговорностите константно се менуваат.

Светот денеска е сè поблиску до тоа да го развие концептот на современ систем на високо образование, или воопшто образование. Постојат многубројни истражувања во оваа насока, но најголемиот дел од нив се однесуваат на тоа дека системот на образование треба да се засновува на разбирањето на науката и на нејзините сознанија и дека треба да се стави фокус на начинот како да се дојде до донесување заклучок и одлучување.

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип својата иднина ја темели на основните стратешки претпоставки на развојот на Република Северна Македонија и процесот на промените, реформите и транзицијата кон граѓанско демократско општество кое се карактеризира со парламентарен плурализам, правна држава, владеење на правото, пазарна економија со доминантна приватна сопственост. Без сомнение е дека во тоа ново време е потребно големо знаење, кое пред сè значи исчекор од постојното културно-цивилизациско опкружување кон еден нов поглед на светот и поинаков пристап во економијата, правниот систем, здравствената заштита, десиминација на информациите и стекнувањето на знаењето.
Холистичкиот пристап кон феноменот на „добра“ за секој поединец подразбира унапредување на неговото индивидуално и фамилијарно здравје и демократизација на знаењето, слободно одлучување и одговорност, осигурување на квалитетот на живеење и интеграција на поединецот во неговото социјално опкружување, со фамилијата и локалната заедница. Во рамките на овие дефинирани цели Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип настојува да ја преземе улогата на едукатор.

Универзитетот со своето мото „Школа на европски знаења“ поаѓа од искуствата на социјално и економски успешни и технолошки развиени земји. Тоа значи дека со процесот на учење и примена на образовните стандарди треба да се креираат кадри кои се едуцирани во мултидисциплинарни подрачја со оперативни знаења и со фокус на развојот на креативните способности на студентите.
Општествената мисија на Универзитетот е фокусирана на образованието на идните студенти и лидери кои ќе бидат способни да креираат одржлива општествена, економска и технолошка стратегија на државата, притоа ценејќи ги човечките ресурси кои ќе ја квалификуваат младата академска генерација да може да се соочи со своите граѓански и економски предизвици на иднината.
Во остварувањето на оваа своја примарна мисија на Универзитетот му е потребен систем на образование кој претставува менторски поддржан дијалог во форма на креативна работилница на наставниот персонал кој е ангажиран на Универзитетот, кој поседува и кој во тој процес ги вложува и сопствените научни и педагошки компетенции, како и искуствата од праксата. Образованието на студентите се одвива со примена на современи стандарди во системот на оценувањето, организацијата на студиите, дидактичките методи и со наставни планови и програми кои се засновани на најдобрите искуства и традиции на европските универзитети, како и со реформските принципи кои се иницирани на европскиот систем на високо образование.

Во студиските програми на Универзитетот е дефиниран оптимален број на задолжителни предмети, а на студентите им е овозможена слободата и иницијативата самостојно да ги одберат изборните предмети, а со рамката на универзитетските изборни предмети да ја дефинираат и мултидисциплинарноста на своите образовни програми кои во крајна мера треба да ги индивидуализираат и дизајнираат по своите способности.
Студиските програми на Универзитетот се насочени кон стекнувања знаења со кои студентите ќе се квалификуваат за работи кои се дел од високотехнолошкото опкружување за кое се бара разбирање на процеси и изградени способности за управување со системи кои поседуваат „мета“ интелигениција, но исто така и иницијативност, претприемнички способности, способности за психолошка евалуација на соработниците, работа во работни групи и тимови, способност за донесување одлуки во недостиг на време, способност за понатамошно доживотно образование, способност за одбирање на релевантните информации во околина од огромен број информации и информациско загадување, способност за истовремено процесирање повеќе работи и способност за креативна интеграција на знаењето со праксата.

За потребите на образованието и научноистражувачката работа се ангажирани кадри кои имаат научен дигнитет, чиј коефициент на компетитивност кореспондира со нивното знаење, способноста и спремноста да ги прифатат ризикот и одговорноста за својот живот и за обновата на својата локална и глобална заедница трансформирајќи ја во општество на знаење и општество на учење.
Определбата на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип треба да биде да развива мултидисциплинарни програми кои се наоѓаат на граничните делови на етаблираните студиски дисциплини, програми кои имаат најголем потенцијал за иднината, да имплементира современи педагошки технологии кои се засновани на интерактивна настава, современи педагошки работилници со виртуелна наставна околина, како и примена на информациско-комуникациски технологии за образование на далечина.



Универзитетот во својата пракса ќе ги применува и принципите на доживотното учење во остварувањето на основното човечко право, право на учење и образование, промовирајќи ја европската транспарентност на студиите, мобилноста на студентите и професорите во високото образование, системот на осигурување квалитет и управување, контролата и евалуацијата на квалитетот, образование кое е насочено кон студентот, јавност, транспарентност, образовен процес кој е димензиониран во вид на повеќестепена спирала во која акумулацијата на бодови за сите облици на работа на студентите е услов за нивна вертикална проодност, индивидуализирани кредибилни студии дизајнирани според интелектуалната и психолошката мерка на студентите, како и севкупен развој на истражувачките и работните функции на Универзитетот како инкубациски и кариерен развоен центар.