Еднакви можности за вработување на театарските работници има само на хартија, вели актерката Ангела Стојановска

Еднакви можности за вработување на театарските работници има само на хартија, вели актерката Ангела Стојановска

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Сѐ повеќе актери сме невработени и како што ќе дипломираат нови генерации, бројката ќе се зголемува. Не би знаеле да кажеме кој би имал приоритет да се вработи, сѐ зависи од театарот. Можностите за вработување се мали. Бидејќи на секој конкурс се вработуваат по 2-3 актери, се соочуваме со голема конкуренција, вели Марија Гечоска, дипломирана актерка


На 27 Март, Светскиот ден на театарот, се посветува внимание на театарот од секаков аспект, без разлика дали станува збор за актерите, претставите, независната сцена, театарот како институција, условите за работа, вработувањето... Светскиот ден на театарот има цел да работи на подигнување на свеста за важноста на театарот. Овој ден го слави влијанието на театарот врз општеството, историјата и културата. Да ја согледаме важната улога што ја игра театарот во обликувањето на нашето колективно човечко искуство.

Театарот е древна уметничка форма која постои илјадници години. Служи како средство за комуникација, образование и забава за луѓето од различни култури и цивилизации. Од грчките трагедии до Шекспировите драми, од кабуки претставите во Јапонија до куклените претстави во Кина, театарот има преземено многу форми и стилови низ историјата.
Ние годинава ќе се осврнеме кон младите актери и нивното вработување, како и предизвиците со кои се соочуваат сите невработени дипломирани актери.

„Аудиција сега!“ е иницијативата што минатата година ја покренаа дипломирани невработени театарски работници од Македонија, во чест на Светскиот ден на театарот. А денес ќе направиме една ретроспектива за тоа дали работите, односно можностите се поместиле во рок од една година.

Театрите да бидат поотворени за соработка

Според Марија Гечоска, дипломирана актерка, сѐ додека не се појави иницијативата „Аудиција сега“, тешко доаѓаа информациите кога ќе се објавеше конкурс за вработување.


Марија Гечоска

- Секој што ги исполнува условите има право да отиде на аудиција. Но, сепак, во изминативе неколку години малку конкурси се отвораат за вработување во театрите. Сѐ повеќе актери сме невработени и како што ќе дипломираат нови генерации, бројката ќе се зголемува. Не би знаеле да кажеме кој би имал приоритет да се вработи, сѐ зависи од театарот. Можностите за вработување се мали. Бидејќи на секој конкурс се вработуваат по 2-3 актери, се соочуваме со голема конкуренција. Излишно е да се зборува дека живееме во партиска држава, а особено кога станува збор за државна институција, да се вработиш е тешко. Жално е зашто секој од нас го завршил овој факултет од љубов кон уметноста, театарот. На секој конкурс по малку ни се губи желбата, ентузијазмот, страста што ја имаме кон театарот и нашата професија. Притисокот е голем, а кога ги добиваме резултатите, разочарувањето е уште поголемо - посочува Марија.

Како што зборува таа, театрите треба да бидат поотворени за соработка, да презентираат нови лица.

- Директорите и режисерите треба да имаат желба да запознаваат нови актери. Мислам дека и самите менаџери (директори) погрешно се одбрани во дел од театрите. Отворени аудиции за секој нов проект, што беше и дел од нашите барања. За жал, само Драмски театар го направи тоа. А како да се отворат повеќе можности за вработување, мислам дека тоа не зависи од нас, туку од Министерството за култура, и сѐ што е поврзано со него за одобрување нови работни места. Ние некако успеваме да твориме и на независната сцена, иако финансиите се многу мали за тие проекти - дополнува Марија Гечоска.

Тие со „Аудиција сега“ имаат неколку барања насочени кон ресорното Министерство.

- Имавме неколку барања пред една година. Вработување на 60% на невработените во рок од 2 години (за една година се вработија 6%), аудиции за проекти за невработените, систематизација на театрите на работните места, поголема финансиска поддршка на независните проекти - особено кога станува збор за тим од невработени театарџии… Фокусот ни е сѐ уште на овие барања. Не можеме да кажеме дека има промена од првата средба со министерката. Поддршка немаме ни од самите театри. Но нашата борба останува, голем број невработени театарџии сме и навистина се надеваме дека ќе има системски промени - вели актерката Гечоска.

Хиперпродукција на кадар

Ангела Стојановска, дипломирана актерка, која исто така е дел од иницијативата „Аудиција сега“, на прашањето дали има еднакви можности за вработување на млади актери, вели дека има само на хартија.

- Сите знаеме што значи живеењето во оваа земја и дека еднаквоста во секоја смисла и сфера е привид. Тажно е што невработеноста не е проблем само на младите актерки и актери. Ние имаме колешки и колеги кои се невработени по 15-20 години, имаме театарски режисери и драматурзи за кои во моментов нема ни потенцијал за вработување. Пречките се најразлични. Денес, според мене, најголемата пречка е тоа што институциите можат да побараат работно место само во случај на смрт, отказ или пензионирање на колеги - категорична е Ангела.



Ангела Стојановска

Според неа, партизацијата си го има извршено своето влијание и тоа најлесно се забележува во институциите надвор од Скопје.

- Ние, како и да изгледа отстрана, баравме и бараме системски промени. Сега се соочуваме со хиперпродукција на кадар, тоа е проблем кој треба што поскоро да се реши. Имаме полни институции со колешки и колеги кои не работат, дел од нив не по своја вина, но дел од нив едноставно се имаат навикнато на „клати врата - земај плата“ позицијата. Партизацијата, како и секаде, си го има извршено своето влијание и тоа најлесно се забележува во институциите надвор од Скопје. Веројатно подобрување може да има единствено ако искрено си признаеме дека вакви какви што сме, во овој даден момент, не чиниме - вели Ангела Стојановска.

Тие во моментов имаат член во работната група за Законот за култура, а тоа е еден од начините преку кои се обидуваат да ги остварат барањата што ги зацртаа лани.

- Имам впечаток дека се направија неколку ситни чекори и краткотрајни решенија од минатогодишната средба со министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска. Но големата слика е иста - подвлекува таа.