Лани сме добиле 197 нови доктори на науки, од кои 46 по медицина

Лани сме добиле 197 нови доктори на науки, од кои 46 по медицина

Во 2022 година звањето доктор на науки го стекнале 197 лица, што претставува намалување за 2% во споредба со 2021 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Најголем број од лицата, 31%, докторирале во здравството и социјалната заштита, потоа 17,8% во бизнисот, администрацијата и правото, следуваат општествените науки, новинарството и информирањето со 10,2%, уметноста и хуманистичките науки со 9,1%, а другите области се со помал процент на застапеност.

Податоците покажуваат дека од сите 197 лица што лани станале доктори на науки, 61 докторирале во областа на здравството и социјалната заштита, а од нив 46 докторирале медицина, што е најголем број на нови доктори на науки според научната гранка.

Од новите доктори на наука во бизнис, администрација и право, кои се вкупно 35, најголем дел докторирале право (13), додека од вкупно 20 нови доктори на наука по општествени науки, новинарство и информирање, најмногу докторирале економија и политички науки и граѓанство (по 6). Од 18 нови доктори на наука во областа на уметноста и хуманистичките науки, најголем број докторирале литература и лингвистика (8).

Во однос на образованието, забележани се 9 нови доктори на науки, од кои 4 се по обука на наставници за стручна (специјализирана) настава, 3 се по наука за образованието и 2 се по обука на наставници за одделенска настава (неспецијализирана настава).


99 жени одбраниле докторска дисертација во текот на 2022 година, што претставува 50,3% од вкупниот број лица што докторирале во истата година.

Најголемиот процент од вкупниот број лица што докторирале, односно 25,9%, ја вршат својата професија во дејностите на здравствената и социјалната заштита, соопшти ДЗС.

Податоците покажуваат дека според дејноста во која вршат занимање, најголем дел од новите доктори на наука, 64, се странски државјани, 51 се од дејностите на здравствена и социјална заштита, а 52 од образованието.

Фото: ДЗС