Само 11 отсто не би се иселиле, а за мнозинството испитаници доволна е плата од 1.000 до 2.000 евра за да останат, покажа анкета на Факултети.мк

Само 11 отсто не би се иселиле, а за мнозинството испитаници доволна е плата од 1.000 до 2.000 евра за да останат, покажа анкета на Факултети.мк

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

По последните зголемувања на минималната плата и растот на просечната кој секој месец го забележуваме во податоците на Државниот завод за статистика, решивме да ги прашаме нашите читатели дали поголеми примања би го намалиле иселувањето од Македонија. Резултатите и одговорите, барем за нас, се очекувани, но и поразителни.

Имено, вкупно 47,2 отсто од испитаниците што одговориле на нашата анкета би се иселиле од Македонија, а 33,7 отсто се на два ума и велат дека можеби би го направиле тоа. За 11 отсто, иселувањето не е опција, а 8 отсто веќе го направиле тој чекор.



Причините поради кои нашите читатели би се иселиле се многубројни, а сепак се сведуваат на неколку нешта: корупција, непотизам, недоверба во институции, селективна правда, нефункционалност на системот, мали плати и бркање поголеми животни можности.

Ова се некои од нивните одговори:

- Бидејќи за останување имам само една причина, а тоа е сентименталноста кон моите родители и блиски, додека за иселување имам повеќе, како: партиски вработувања, ниски плати, немање правда во ниту една институција, заостанат менталитет, лошо здравство, лошо судство, арогантни, дрски и уценувачки директори и шефови, небезбедност во мултиетничките општини, чувството на граѓанин од втор ред во сопствената држава и многу, многу други причини.

- Поради корупцијата, непотизмот, партиските вработувања на што понеспособни луѓе кои лесно може да се контролираат, а со тоа и создавање сосема нефункционален, а огромен и многу скап апарат. Со тоа партиско вработување и напредување дојдовме и до пропаднато образование, уништено здравство и непостојно правосудство. Партиите нè доведоа до целосна недоверба во државата затоа што не се казнува ниеден криминал, а државата се краде и уништува повеќе од 30 години. Би се иселила затоа што знам дека без разлика на тоа кој број ќе се заокружи на гласачкото ливче, тоа нема да смени ништо освен сумата на украдени пари во следните неколку години. Би се иселила зашто не сакам да фаќам врски за да одам на преглед, не сакам да фаќам врски за да се породам достоинствено, не сакам да ме лечи некој што дипломирал со помош на мама, тато или пари, не сакам да фаќам врски за да го запишам детето во градинка, не сакам да плаќам дополнителни часови за моето дете воопшто да научи нешто, не сакам во 21 век да не можам да извадам документ од служби каде што има превработеност, не сакам да се плашам да почнам бизнис зашто знам дека глава нема да кренам од инспектори кои не си одат без подарок, не сакам да плаќам огромни суми за квадрат за да живеам во Скопје, а во ниеден друг град да немам никакви опции за вработување, не сакам да дишам нечист воздух и да немам пет дрвја во населбата, не сакам да се плашам да не ме згази некој додека минувам на пешачки зашто дозволата си ја купил со еден ручек во кафеана и не сакам да немам никаков мотив за живеење и создавање иднина! Секој ден поминат во оваа т.н. држава за секој млад и способен човек е изгубен ден. Се надевам дека нема да остане еден што ќе плаќа даноци и ќе обезбедува плати за програмирани партиски послушници кои не знаат ништо повеќе од лепење плакати и политичари кои со децении работат само на личните интереси без и самите да планираат да ги задржат нивните фамилии во земјава. Ако нешто ги држи младите во земјава, тоа е само љубовта и негата за родителите. Политичарите треба да станат од кожените фотелји и да излезат од лимузините, па некој понеделник да се прошетаат во некој град од внатрешноста и да си го видат пустошот што го оставаат зад себе. Ако има барем мала човечност во нив, ќе им изградат достојни старечки домови на оние што ја изградиле и ќе останат да ја чуваат земјава оти им поминал работниот век. И да не заборават да стават добар интернет оти фамилијарните собири на Македонците се онлајн.

- Поради недостиг на општествени содржини во помалите градови на истокот, поради немање култура, сообраќајна, еколошка, меѓучовечка, поради корупција, непотизам, нефункционални системи, недоверба во институции, бирократски лавиринти, селективност во спроведување закони...

- Затоа што не е добро место за живеење за секого. Политизација и партизација во секоја сфера, здравствен, правен систем на маргините, образование неценето и невреднувано, неусогласено со потребите. Многу нешта не се добри во државата за квалитет на живот.

Слични се одговорите и на оние што размислуваат дали би се иселиле, односно одговориле со можеби. Во продолжение се дел од нивните одговори.

- За да ѝ понудам подобар живот на ќерката. Во земја каде што ќе се цени квалитетот, а не партиската припадност, земја во која еднакво ќе важат законите за сите државјани на државата, земја во која ќе нема корупција, земја во која државата ќе се грижи да обезбеди подобар живот за населението (здравство, правда, вработување, транспорт, образование).

- Лоши услови за живот кои вклучуваат ниски плати, крајна неорганизација во бирократијата, владеење на мито и корупција и непотизам, низок квалитет на здравство и образование, константно потценување на квалитетните ученици и студенти и невложување во нивниот потенцијал...

- Поради крајно лоши политичари кои не работат за народот, туку се однесуваат како богови, а се без лични квалитети, без професионализам, без никаков морал, го уништија и најминималното човечко достоинство! Поради голема социјална разлика, поделеност на крајно изопачени богати и крајно бедни апатични луѓе! Поради неквалитетно образование и здравство каде што има несоодветен кадар, непотизам, неуки, нехумани! Поради невработеност на многу квалитетни, чесни и вредни луѓе, а привилегии на таканаречени големци кои со корупција, уцени, додворување, криминал доживотно се заштитени! Поради судии, адвокати, бранители од кои можеш само да страдаш и да се срамиш!

Оние, пак, што не планираат да се селат, велат дека во Македонија ги држи љубовта кон сè што имаат тука и мирниот живот. Велат, не е сè во парите.

Само 1,8 отсто од испитаниците сметаат дека просечната плата во земјава е доволна за живот, додека за преостанатите 98,2 отсто таа не е доволна.



Во меѓувреме, 58,9 отсто од испитаниците велат дека ниту зголемувањето на платите не може да го намали иселувањето, а преостанатите 41,1 отсто се оптимисти и веруваат дека тоа може да се случи.



Оние што сметаат дека зголемувањето на платите не може да го намали иселувањето велат дека не се само ниските плати причината за иселувањето на луѓето. Но, велат и дека минималната плата е прениска за да може да се живее во Македонија со неа. Ова се нивните причини:

- Затоа што прво ова е официјално минимална плата, НО не значи дека работодавците ќе ја даваат. 50% од работодавците, ако не и повеќе, ги тераат вработените да враќаат пари од плата. Второ, и некој да ја зема минималната плата, со минималните трошоци за живот едвај може да се преживее, НО не и да се живее. Трето, дури и да сакаш да направиш нешто повеќе, како на пример свој бизнис да инвестираш, просперитет НУЛА, па дури и ако успееш да стигнеш до некоја точка на успешност, рекетарите и инспекторите чукаат на врата и тоа е тоа.

- Не е потребна само висока плата за добар живот, што секако е и морално со оглед на зголемените месечни трошоци, туку за да се подобри самиот живот во државата, потребна е промена не само во делот на платите, туку и во делот на корупција, спроведување едукативни програми за поголемиот процент од населението (зборувам за менталитетот), унапредување на образованието, како и на здравството итн.

- Овде никој не гладува за леб, народот е гладен за праведна власт, за достоинствено третирање од страна на институциите, за убава и здрава животна средина, за напредок на сите умни и способни луѓе, за богат и квалитетен културен живот, за чување суштински национални обележја!

- Луѓето не бегаат за пари, бегаат за подобро образование, подобри услови во здравство, бараат место каде што нема корупција и место каде што „соживот“ не е само збор кој помага маргинализираната етничка група по одредено време свесно да маргинализира друга група.

- Општеството не дозволува испливување на квалитет и конкурентност во образование, здравствена заштита, здрава животна средина... Со еден збор, неквалитет во сите нивоа на цивилизиран живот!

- Голем дел од иселениците и оние што планираат да си одат веќе имаат примања соодветни на потребите за удобен живот во државата, но тоа не ги држи тука затоа што средината во која живеат не нуди ништо друго освен она што можат да си го дозволат со пари (што веќе не опфаќа ни образование ни здравство затоа што сите сфери се корумпирани и не гарантираат квалитет).

Од друга страна, оние што сметаат дека зголемувањето на платите може да го намали иселувањето велат дека така нема да мора да мислат за пари 20 дена во месецот и дека кога луѓето би биле побогати, не би се заморувале толку многу со политика.

- Јасно е дека добра плата овозможува добри услови за живот и творење. Кај нас повеќето немаат ни ДОВОЛНА плата за живот, а да не ги споменеме и останатите причини за заминување во странство. Доколку платите се зголемат, луѓето ќе имаат една голема причина помалку за отселување од државава.

- Да, доколку се изедначи еднаш засекогаш барем со платите во соседните и недоволно развиени земји кои се во ЕУ. Нешто слично што се случи со промената од марка во евро како валута. Но, тука не е се само во платата. Потребни се функционални институции кои треба да работат во корист и заштита на граѓаните.

- Бидејќи на сите што ги познавам им е битно колку плата ќе земат на крајот од месецот, не го ценат нивното слободно време. Јас работам во фабрика, а имам работено и како наставник претходно. Слободното време што го имав тогаш во споредба со слободното време што го имам сега е неспоредливо. Секако тогаш (пред 4 години) земав плата 19.400, сега земам плата 32.000, но тоа што земам поголема плата не ми значи ништо зашто сега и слободното време ми е сведено на минимум. Од сегашнава плата ги одземам трошоците за превоз кои сам си ги покривам и ми останува некаде малку поголема плата од таа што ја земав како наставник, со тоа што јас во денот речиси и да немам слободно време. Патувам до работното место по 80 километри на ден, така што времето кога сум надвор од домот ми е и по 10-11 часа.

За да останат да живеат во Македонија, на 44,8 отсто од испитаниците им е доволна плата од 1.000 до 2.000 евра. За 23,9 отсто, потребна е плата повисока од 2.000 евра, 20,2 отсто не би останале да живеат во Македонија за ниедна сума, додека 11 отсто се задоволни и со плата од 500 до 1.000 евра.