Дали повеќе нема да биде задолжителна мајкрософт-сметка на „Виндоус“?

Дали повеќе нема да биде задолжителна мајкрософт-сметка на „Виндоус“?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Мајкрософт“ би можел конечно да попушти за една од најконтроверзните одлуки во „Виндоус 11“, а тоа е задолжителната мајкрософт-сметка при инсталација на системот која со години ги нервира корисниците. Сега првпат доаѓаат информации дека работите би можеле да се променат.

Дали „Мајкрософт“ го укинува задолжителниот профил во „Виндоус 11“?

Иако сè уште нема официјална потврда, информациите доаѓаат од самиот врв. Скот Ханселман, еден од клучните луѓе задолжени за заедницата на програмери, призна дека и самиот не е обожавател на оваа опција и дека компанијата работи да го промени тоа.

Иако звучи како класична корпоративна изјава, во овој случај има тежина. Ханселман е директно вклучен во подобрување на првото корисничко искуство на „Виндоус 11“, што значи дека неговите зборови не се само празно ветување.

За корисниците тоа би значело потенцијално враќање на старото, односно можност за инсталација на „Виндоус“ без потреба од онлајн сметка. Со други зборови, локална сметка без компликации, без заобиколување на системот и без „скриени трикови“ што корисниците досега мораа да ги користат.

Зошто „Мајкрософт“ ја разгледува оваа промена?

Причината е прилично едноставна - корисниците се незадоволни.

Задолжителната мајкрософт-сметка се доживува како непотребно наметнување, особено меѓу понапредните корисници кои сакаат поголема контрола над системот. Во комбинација со други критики, како непотребен софтвер и агресивни интеграции на дополнителни сервиси, „Виндоус 11“ почна да губи дел од довербата.

Ситуацијата неодамна ја коментираше и Паван Давулури, кој призна дека тимот со месеци ги анализира повратните информации од корисниците и ги идентификувал клучните проблеми. Фокусот сега е системот да стане побрз, посигурен и помалку наметлив. 

Интересно, во исто време „Мајкрософт“ малку се повлекува и по прашањето на вештачката интелигенција. По почетниот ентузијазам, компанијата одлучи да го намали „ВИ нередот“ во системот. 

Засега, сè уште ништо не е официјално потврдено. Но фактот што и луѓе од „Мајкрософт“ јавно го признаваат проблемот сугерира дека нешто се подготвува.

Извор: Bajtbox.com 
Фото: Screenshot/YouTube