Дали знаете зошто пилотите во еден авион никогаш не јадат ист оброк?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Иако авиокомпаниите денес нудат голем избор на оброци за патниците, од вегански до безглутенски опции, правилата за пилотите се многу поинакви. Имено, пилотите што заедно го управуваат авионот не смеат да јадат ист оброк, а причината за тоа е безбедноста на сите патници во авионот.
За време на долгите летови, каде што во пилотската кабина се присутни најмалку двајца членови на екипажот, често важи правило секој пилот да јаде различна храна. Доколку еден пилот избере, на пример, тестенини, другиот ќе земе друго јадење, како што е пилешко. Оваа мерка постои со цел да се намали ризикот од труење со храна.
Правилата за бројот на пилоти се јасно дефинирани од страна на Федералната агенција за авијација, која бара секој комерцијален лет да има најмалку двајца пилоти. На летови подолги од осум часа често се присутни и три или четири пилоти, за да се почитуваат ограничувањата за работното време, но и да се обезбеди замена во случај на непредвидливи ситуации.
Труењето со храна може да предизвика сериозни здравствени проблеми. Токму затоа авиокомпаниите настојуваат да спречат двајцата пилоти да консумираат ист оброк. Доколку храната е контаминирана, барем еден пилот би бил способен безбедно да управува со авионот.
Пилотот со поголемо искуство прв го избира оброкот, а колегата зема нешто друго
Случаите на труење со храна во авионите не се чести, но се случувале. Еден од попознатите инциденти се случил во 1982 година на лет од Лисабон до Бостон, кога поголем дел од екипажот имал здравствени проблеми по консумирање ист десерт. За среќа, двајца членови на екипажот не го јаделе тој десерт, што овозможило безбедно слетување на авионот.
Кога станува збор за исхраната, пилотите немаат строго пропишано мени. Обично пилотот со поголемо искуство прв го избира оброкот, а колегата зема нешто друго. На подолги летови, некои авиокомпании обезбедуваат посебни оброци за екипажот, кои се разликуваат од оние за патниците и често се поедноставни.
Исто така, пилотите можат да понесат храна од дома, особено на пократки летови кога оброците не се обезбедени. Сепак, едно правило е јасно: за време на летот нема консумирање алкохол бидејќи безбедноста е на прво место.
Извор:
Klix.ba
Фото: Freepik