Филмови што мора да ги гледате кога сте изгубени и осамени

Филмови што мора да ги гледате кога сте изгубени и осамени

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Да се биде изгубен во животот и осамен е нешто што многумина од нас го чувствуваат одвреме-навреме, и тоа е нормално. Ваквите чувства често се одлично пресликани на големото платно. Има неколку филмови кои се занимаваат со осаменоста и потрагата по себеси. Ако сте еден од оние што се чувствуваат така, ова се филмовите за изгубените души кои ќе направат да се чувствувате видени.

Изгубени во преводот

Софија Копола е одлична режисерка на која филмската уметност ѝ е буквално во гените. Нејзиниот филм од почетокот на векот – „Изгубени во преводот“ е олицетворение на изгубеноста на екранот. Заплетот ја следи истрошената филмска ѕвезда (Бил Мареј) и една млада жена (Скарлет Јохансон) кои неочекувано се поврзуваат за време на патување во Токио. Овој филм е еден од подобрите на Копола, а хемијата помеѓу Мареј и Јохансон е одлична.

Таа

Во денешниот свет каде што сите сме оковани со технологијата, не е ни чудо што се чувствуваме изгубени. Токму тоа е чувството што го следи главниот јунак на филмот „Таа“, во режија на големиот режисер Спајк Џоунс. Имено, го следиме Теодор (Хоакин Феникс), осамен писател кој формира необичен однос со неговиот оперативен систем Саманта (гласот на Скарлет Јохансон). Теодор, всушност, се заљубува во неа, и тоа го тера да погледне во минатото и во жената што ја изгубил.

Најлошата личност на светот

Норвешкиот филм „Најлошата личност на светот“ беше номиниран за „Оскар“ во 2022 година во категоријата меѓународен филм. Филмот одлично покажува дека животот може да нè одведе во различни правци и ја следи младата жена Џули, која има сомнежи за нејзината кариера, романтичните врски и животот воопшто. Тоа е реален приказ на изгубеноста во животот, но сепак има среќен крај.

Ла Ла Ленд

Еден од најдобрите филмови во последната деценија, мјузиклот „Ла Ла Ленд“, воодушевува со секое ново гледање. Ги следи Миа (Ема Стоун), актерка и Себастијан (Рајан Гослинг), пијанист, кои се заљубуваат додека се обидуваат да се движат напред во нивните кариери. Филмот е искрен приказ на тоа дека понекогаш не можеме да имаме сè што сакаме и дека животот е полн со жртви.

Во дивината

Емотивниот филм во режија на Шон Пен - „Во дивината“ е заснован на вистинската приказна на Кристофер Мекендлес. По дипломирањето, Кристофер решава да остави сѐ што е материјално, да ги донира сите свои пари и да тргне на патување низ земјата. На тоа патување тој запознава многу ликови кои го обликуваат неговиот живот.
 

Извор: journal.hr

Фото: Freepik