„Гугл фотос“ го забрзува процесот на трајно бришење на фотографиите

„Гугл фотос“ го забрзува процесот на трајно бришење на фотографиите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Новите функции на „Гугл фотос“ вклучуваат редизајнирана картичка „Спомени“ и опција за заштеда на простор за фотографии и видеа. Сепак, покрај тоа, апликацијата наскоро може да им дозволи на корисниците да постават автоматско отстранување на сликите во „отпадоци“ (Trash), давајќи им поголема контрола врз овој процес. Така, корисниците можат да избираат помеѓу претходно поставените интервали за автоматско бришење и да го забрзаат процесот на трајно бришење.

Кога бришете слики во „Гугл фотос“, апликацијата прво ги преместува во корпата за отпадоци наместо трајно да ги избрише од складиштето на вашиот уред - убав додаток во случај да се премислите откако ќе притиснете на „бришење“ или случајно да избришете слика што сакате да ја зачувате. „Гугл фотос“ автоматски ги брише фотографиите што се во корпа повеќе од 60 дена, но можете и рачно да ги избришете трајно. Од друга страна, датотеките што немаат резервна копија на „Гугл драјв“ се бришат во рок од 30 дена.

Сега процесот на автоматско отстранување отпадоци треба да се забрза, според шифрите од неодамнешната „Гугл фотос бета в6.79.0.624777117“ откриени од „Пиуника веб“. Низите на кодови експлицитно споменуваа трајно бришење од 60 дена, но сега тие содржат знак „#“ за променлива дефинирана од други елементи на кодот. „Гугл“, исто така, ја додаде ознаката „конфигурирачки“ на крајот од новата линија на кодот, што сугерира дека корисниците ќе имаат одредена контрола над овој параметар.

Иако звучи како добра идеја за евтини телефони со „Андроид“, кои имаат малку простор за складирање, останува одредена нејаснотија. На пример, кодот не кажува дали ќе се промени периодот на задржување од 30 дена, за сликите што не се синхронизирани со облакот. Уште повеќе, кодот дури и не открива дали корисниците би можеле да постават периоди на задржување „отпадоци“ подолги од 60 дена, иако тоа всушност може да биде контрапродуктивно.

Сепак, веројатно е дека „Гугл“ ќе дозволи избор на претходно дефинирани интервали за автоматско бришење, слично на тајмерот за исчезнување пораки на апликацијата „Вацап“, кој автоматски ги брише пораките во разговорот по еден, седум или 90 дена. Сепак, повеќе детали и конечна имплементација ќе се појават само кога „Гугл“ ќе започне со бета-тестирање со следното ажурирање на апликацијата.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik