Професор им нуди избор на своите студенти - танц од 15 секунди или труд од 15.000 збора
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сигурно се сеќавате како измислувавте најразлични изговори само за да избегнете домашна задача. Честопати глумевте дека ве боли стомакот или можеби сте го искористиле изговорот дека кучето ви ја изело домашната работа. Но најчесто сте немале друг избор освен да си ја напишете задачата.
Свесен дека и неговите студенти ќе сакаат да избегнат дел од обврските, Метју Питман, професор на Универзитетот во Тенеси, им понуди интересен избор - танц од 15 секунди пред целиот клас или семестрален труд од 15.000 збора.
Сигурно мислите дека изборот е необичен. На крајот на краиштата, со танцот се пропушта можноста да се покаже академска способност, а притоа се открива и голема доза на лична ранливост пред соучениците. Но за една студентка, ова беше совршена шанса да ги покаже своите движења.
Кензи Грин сподели видео кое го прикажува моментот кога професорот ги прашува студентите дали некој се одлучил да танцува. Студентка од првиот ред крена рака, а професорот ја повика напред да ја изведе својата 15-секундна кореографија.
Самоуверената студентка приредува енергичен настап, со впечатливи движења и акробации. Кога заврши, се сврти кон професорот очекувајќи реакција. Со едно кратко кимнување, Питман продолжи со предавањето и им се обрати на другите студенти:
- Втората опција е труд од 15.000 збора за влијанието на вештачката интелигенција во биомедицинското инженерство. Кој ќе ја избере втората опција? - прашува професорот, па сите студенти кренаа рака.
Питман има репутација како неконвенционален професор. Претходно стана вирален пеејќи емо-песни за да ги разбуди студентите што задремале на час.
Не е првпат да понуди креативни начини за добивање дополнителни поени. Во друго видео што го сподели Грин, студентите се предизвикани да ги погодат стиховите од песна на Зак Брајан. Точниот одговор не само што носел дополнителни поени, туку и бесплатни билети за концертот на пејачот.
Како што напиша Грин во описот на видеото: „Факултетот понекогаш е толку несериозен“ – и искрено, мораме да се согласиме.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото: Screenshot/Tiktok