15 години Факултети.мк: „Избравме потежок пат, не бркаме сензационализам и кликови, туку релевантност“, велат сопствениците на платформата

15 години Факултети.мк: „Избравме потежок пат, не бркаме сензационализам и кликови, туку релевантност“, велат сопствениците на платформата

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Факултети.мк слави јубилеј - 15 години постоење, период во кој заедно со своите читатели ги сподели најинспиративните приказни од областа на образованието, науката, екологијата, медицината, музиката и спортот, а ги следеше и сите општествени промени информирајќи точно и квалитетно. Благодарение на истенчениот вкус на публиката на Факултети.мк, но и на професионалноста и креативноста на новинарите што биле или се дел од медиумот, се родија многу инспиративни приказни.

Неколку години потоа од Факултети.мк, се раѓаат уште две идеи, секоја приказна за себе - како „Светот на Биби“ и Деца.мк, платформи со кои се прошири мисијата за едукација, инспирација и поддршка на најмладите.

Основачите на дигиталните платформи, Марјан Алексовски, Стојче Коко Ѓорѓиев и Жарко Стојаноски, во разговор за Факултети.мк се присетија на почетоците на основањето на медиумот, на најголемите предизвици со кои се соочил тимот од новинари, уредници и сопственици во текот на 15 години, притоа откривајќи што за нив значи поддршката од читателите.

-Започна како форум, место за комуникација и размена на мислења и материјали помеѓу студентите со идеја да се вклучат и сите други, професори, асистенти и идни студенти кои се интересираат за високото образование, за уписи, резултати и слично. Место каде што може да добиете информации, едноставно - се присети Марјан.

Најголемите предизвици во зачетоците на медиумот биле тимот да направи една база на сите високообразовни институции, да се ажурира редовно и да се најдат вистинските податоци бидејќи голем број факултети или немале своја веб-страница или имале, ама не ја ажурирале содржината.

-Честопати самите ги собиравме резултатите од огласните табли по факултетите за да ги дигитализираме. Бевме Гугл пред Гугл за македонското образование - додава Марјан.


Марјан Алексовски

Во моментот кога почнале да дознаваат дека голем број студенти преку Факултети.мк се информираат за конкурси за стипендии, аплицирале и добиле, надвор од Македонија, но и во Македонија, сфатиле дека нивниот медиум почнува да станува влијателен. Потоа им се приклучил тим од искусни и професионални новинари, кои го поставиле Факултети.мк на значајно место во македонскиот дигитален медиумски простор и следувала борбата да се одржи довербата на читателите.

- Во ера на лажни вести и борба за секунда внимание, довербата е најскапата валута. Ние избравме потежок пат - не бркаме сензационализам и евтини кликови, туку релевантност. На читателите не им треба уште еден портал што ќе ги „шокира“, туку медиум на кој можат да му веруваат кога планираат кариера или семејство. Накратко - довербата се гради 15 години со факти, а се руши за 15 секунди со една лажна вест. Ние се држиме до фактите - истакна Марјан.



Дел од информациите што се објавувале на Факултети.мк биле за родителството, за развојот, образованието и здравјето на децата.

- Увидовме дека тие информации се многу читани и привлекуваат големо внимание, па решивме да го создадеме Деца.мк како место за родители. „Светот на Биби“ почна истовремено да се развива како дел од Деца.мк, од обично лого, карактер, настана Биби, а потоа и од едноставен џингл за Деца.мк почна да се создава и „Светот на Биби“. Во тој период речиси немаше некој што создаваше анимирана содржина за деца на македонски јазик, па сфативме дека тој празен простор отвора можност да се креира едукативна содржина за деца на македонски јазик - рече Марјан и додаде што за него лично значат овие 15 години.

-Овие 15 години се мојот професионален и животен факултет. Овие 15 години за мене значат одговорност кон јавноста, но и огромно задоволство кога ќе видам дека сме влијаеле позитивно врз нечија кариера или детство. Тоа е потврда дека вредеше секој непреспиен час и секој надминат предизвик. Следните 15? Подгответе се за револуција во образованието со нашиот потпис - додаде Марјан.

Неговиот колега, Стојче Коко Ѓорѓиев, вели дека за 15 години колку што постои Факултети.мк се променила брзината и на информациите и на животот.

- Од класични информатори медиумите се трансформираа во платформи што треба да едуцираат, насочуваат и филтрираат, а појавата на вештачката интелигенција дополнително ја забрза и ја усложни оваа трансформација. Истовремено, многу професии се променија или исчезнаа, а се појавија нови, што го направи континуираното учење неопходност. Денес имаме повеќе избори од кога било, но и поголема потреба од јасни насоки и доверливи извори - истакна Стојче.

Според него, на младите им недостига доверлив водич кој би им помогнал да разберат што значи одреден избор на факултет во реалниот живот, какви вештини навистина се бараат и како изгледа патот од образование до кариера, а токму тоа е улогата на Факултети.мк.

-Нашата платформа се заснова на три принципи: доверливост - информациите мора да бидат точни и проверени; корисност - секоја содржина треба да има вредност за читателот, позитивно влијание - особено кога работиме со деца и млади, внимаваме содржината да е едукативна, инспиративна и безбедна. Медиумите имаат огромно влијание - понекогаш и повеќе отколку образовниот систем. Еден добро раскажан пример, интервју или приказна може да инспирира цела генерација да размислува поинаку. Но, исто така, погрешна или површна информација може да ги однесе во погрешна насока. Затоа одговорноста е голема - не е доволно само да се објави содржина, туку таа треба да биде точна, релевантна и корисна - истакна Стојче и додаде кои се моментите по кои се памети приказната на Факултети.мк.

Тешко е да се издвои само еден момент, но најсилното чувство доаѓа кога гледаме вистинско влијание. Кога некој млад човек ќе каже дека преку Факултети.мк донел важна одлука или кога родител ќе каже дека преку Деца.мк добил насока, или кога дете ќе порасне со „Светот на Биби“ - тоа се моменти што остануваат. Тогаш сфаќаш дека не градиш само медиум или бренд, туку градиш генерации - додаде тој.



Нивниот колега Жарко Стојаноски открива кои приказни и луѓе ги инспирирале низ годините.

-Низ годините најмногу ме инспирираа луѓе што успеале да изградат нешто од нула, со јасна визија и упорност, не само глобални имиња, туку и локални претприемачи кои во тешки услови создаваат вредност. Особено силно влијаеле приказните каде што образованието и знаењето прават реална разлика во животот на луѓето, што е и основата на Факултети.мк - да биде платформа која помага при носењето важни животни одлуки - истакна Жарко.

Тој потенцира дека Факултети.мк сам по себе е и најголем предизвик и најголем успех – „нивното прво дете“. Предизвикот бил да се изгради доверба кај публиката и да се создаде платформа со релевантни информации во средина каде што информациите често се фрагментирани.

-А успехот е тоа што денес има стабилна публика и реално влијание врз младите, помагајќи им при избор на образование, кариера и личен развој, вредност што не се мери само во бројки. Еден од најзначајните проекти што ги започнавме и кој прерасна во силен бренд со голем успех во Македонија и регионот е „Светот на Биби“. Паралелно, ја создадовме IQ UP! - едукативна франшиза која претставува еден од нашите најголеми предизвици, преку која развиваме програми во областа на СТЕМ-едукацијата и дополнително го прошируваме нашето влијание во образованието - открива Жарко.

Менаџерскиот тим има планови за проширување со фокус на развој на нови формати на содржина и алатки што ќе им помогнат на младите при изборот на образование и кариера, како и тестирање на нови области каде што може да се создаде реална вредност.

-Во следните 5-10 години го гледам Факултети.мк како регионален лидер во областа на едукативни и кариерни информации, со силно присуство на дигиталните платформи и активна заедница. Амбицијата е да прерасне во целосен екосистем што ги поврзува младите со образование, кариера и реални можности, како и да стане релевантен партнер за институции, компании и образовни организации во поширокиот регион - потенцира Жарко.

Но потребно е да се направи приспособување на новите дигитални трендови и навики на публиката кои сѐ повеќе се формираат на социјалните медиуми и токму тие ќе бидат центар на нивната стратегија.

-Клучот е во флексибилноста и брзата адаптација, со фокус на кратка и визуелна содржина приспособена за мобилни уреди, персонализација и користење алатки базирани на вештачка интелигенција за подобро корисничко искуство и попрецизна дистрибуција. Во време на масовно генерирана содржина со низок квалитет, нашата предност ќе биде јасна - квалитет, релевантност и доверливост, како водилка во секој чекор - најави Жарко и на крај го опиша Факултети.мк со три збора: „Информативен. Релевантен. Инспиративен“.

Фото: приватна архива