Археолози тврдат дека најстарата пирамида на светот, изградена пред повеќе од 25.000 години, не е дело на луѓе
Нова студија тврди дека пирамидата во Индонезија е изградена пред повеќе од 25.000 години, но експертите се сомневаат. Дали станува збор за револуционерно откритие или за грешка?
Според Гинисовата книга на рекорди, најстарата позната пирамида во светот и понатаму е Џосеровата пирамида во Египет, изградена околу 2.630 година пред Христос. Но, нова студија го доведува тоа тврдење во прашање – и тоа на драматичен начин.
Тврдење што ги вознемири археолозите
Трудот објавен во октомври во списанието „Археолоџикал проспекшн“ тврди дека слоевите на структурата Гунунг Паданг во Индонезија би можеле да датираат дури 25.000 години пред Христос.
Истражувањето го водеше Дани Хилман Натавиџаја од Индонезискиот институт за науки. Авторите на трудот наведуваат дека јадрото на структурата се состои од „внимателно изделкана масивна лава“, па сугерираат дека изворно станува збор за природен рид кој подоцна е обликуван и архитектонски обложен.
Теорија која ја менува историјата на цивилизацијата
Според авторите на студијата, ова откритие би можело целосно да го промени разбирањето за развојот на човечката цивилизација. Тие наведуваат: „Оваа студија фрла нова светлина на напредните ѕидарски вештини кои датираат уште од последната ледена доба.“ Додаваат и дека таквите наоди го доведуваат во прашање вообичаеното мислење дека сложените градежни техники се појавиле дури со развојот на земјоделството, пред околу 11.000 години.
Остри критики: „Нема докази дека луѓето го изградиле тоа“
И покрај спектакуларните тврдења, многу експерти брзо реагираа – и тоа многу критички. Флинт Дибл од Универзитетот во Кардиф изјави за списанието „Нејчр“ дека го чуди што трудот воопшто е објавен во таква форма. Тој истакнува дека нема јасни докази дека слоевите под површината се резултат на човечка активност: „Материјалот што се тркала низ ридот во просек ќе се ориентира“, рече тој, додавајќи дека нема знаци на обработка или нешто што би упатувало на човечка интервенција.
Недостигаат клучни траги
Слични сомнежи изнесе и Бил Фарли од Универзитетот „Саудерн“. Според него, иако примероците од почвата се датирани на околу 27.000 години, тие не покажуваат типични знаци на човечка активност. „Нема парчиња јаглен, коски или други траги кои би укажувале на присуство на луѓе“, нагласи тој.
Главниот автор на студијата, Натавиџаја, ги отфрли критиките и порача дека се подготвени за дополнителни истражувања.
-Отворени сме за истражувачи од целиот свет кои сакаат да дојдат во Индонезија и да спроведат сопствени истражувања - рече тој.
Во меѓувреме, уредникот на списанието „Археолоџикал проспекшн“ потврди дека е покрената истрага за самиот труд, што дополнително покажува колку е целата приказна контроверзна.
Револуција или научна заблуда?
Иако идејата за пирамида стара 25.000 години звучи фасцинантно, научната заедница останува поделена. Ако тврдењата се потврдат, тоа би значело дека напредни цивилизации постоеле многу порано отколку што досега се веруваше. Но, ако се покаже дека станува збор за погрешна интерпретација на природни формации, ова би можело да биде едно од најконтроверзните археолошки промашувања во последните години.
Засега, мистеријата на Гунунг Паданг останува отворена – помеѓу сензационално откритие и сериозен научен сомнеж.
Фото: принтскрин/јутјуб