Дали се будите гладни среде ноќ? Еве во кој случај да побарате помош од лекар
Според експертите, гладот во текот на ноќта често се јавува кога нивото на шеќерот во крвта нагло ќе порасне, а потоа ќе падне по оброци сиромашни со протеини или влакна. Се случува лицата што редовно вежбаат или се изложени на стрес почесто да го имаат овој проблем. Меѓутоа, ако тоа редовно се повторува, важно е да се консултирате со лекар за да ги исклучите метаболичките нарушувања.
Зошто се будиме гладни среде ноќ?
Повременото чувство на глад среде ноќ е природно и обично не претставува причина за загриженост. Доктор Мајкл Џеновезе нагласува дека на тој глад влијаат биолошки и психолошки фактори, како и оние поврзани со стилот на живот.
-Неурамнотежената исхрана или несоодветните вечерни оброци можат да предизвикаат нагло покачување на шеќерот во крвта, а потоа и негов пад, што доведува до глад во текот на ноќта - вели д-р Џеновезе.
Д-р Хектор Перез забележува дека консумирањето рафинирани јаглехидрати за вечера може да доведе до нестабилно ниво на шеќерот во крвта, што резултира со чувство на глад во текот на ноќта. Од друга страна, д-р Анџали Совни укажува на тоа дека интензивната физичка активност во текот на денот исто така може да го поттикне апетитот ноќе.
И хормоните имаат влијание. Д-р Перез објаснува дека покаченото ниво на кортизол, предизвикано од стрес или неадекватно контролирана инсулинска регулација, може да доведе до глад среде ноќ.
Д-р Џеновезе додава дека стресот и анксиозноста можат да предизвикаат глад од стрес, кој со текот на времето се претвора во навика за ноќно прејадување. Покрај тоа, хормоните како лептинот и грелинот, кои се одговорни за регулација на ситоста и гладот, можат да бидат нарушени поради лошиот квалитет на сонот, стресот или хормоналните промени, што доведува до чувство на глад во невообичаено време.
Се случува и чувството на глад ноќе да се помеша со чувството за жед.
Кога тоа е здравствен проблем?
Иако поединечни епизоди на глад среде ноќ не мора да значат болест, честото повторување на овој феномен може да укаже на здравствени нарушувања. Д-р Џеновезе нагласува дека хроничниот глад ноќе може да биде предупредувачки знак, а д-р Перез додава дека често е поврзан со лошо регулирање на нивото на шеќер во крвта. Може да укажува на хронична потхранетост или хормонални нарушувања.
Што да направите ако се разбудите гладни среде ноќ?
Одлуката дали да јадете ноќе зависи од причината за гладот. Д-р Џеновезе објаснува дека ако гладот произлегува од навика или желба за слатки, храната може да го зацврсти тој циклус и да го отежне неговото прекинување. Во таква ситуација подобро е да избегнувате грицки.
Од друга страна, ако чувството на глад е силно и е придружено со кркорење во стомакот, мала, избалансирана ужина може да помогне да заспиете. Д-р Перез препорачува да избирате намирници богати со протеини и здрави масти, кои го стабилизираат нивото на шеќер во крвта до утрото.
Експертите ја препорачуваат следната храна:
јаткасти плодови,
парче сирење,
грчки јогурт,
овошје,
незасладена протеинска плочка,
половина банана со путер од кикиритки,
интегрални крекери со сирење.
Ако гладот е придружен од тресење, вртоглавица или потење, тоа може да знаќи ниско ниво на шеќер во крвта и тогаш е препорачливо да се внесат јаглехидрати.
Д-р Совни препорачува во случај на чести епизоди на глад, да се преиспита секојдневната исхрана и да се води сметка за нејзината урамнотеженост, богатството со зеленчук, овошје, протеини и производи од цело зрно, како и за тоа да не се прескокнуваат оброци.
Кога треба да одите на лекар?
Д-р Перез нагласува дека ако гладот ноќе се јавува почесто од неколку пати неделно во текот на повеќе недели, не треба да се занемарува. Се препорачува да одите на лекар особено ако истовремено се појавуваат дополнителни симптоми, како што се често мокрење, необјаснети промени во телесната тежина или хроничен замор.
Д-р Џеновезе укажува дека се особено загрижувачки ситуациите кога гладот ноќе е придружен со прекумерна жед, вртоглавица, тресење, потење, несоница или промени во расположението. Во такви случаи, потребно е што поскоро да се консултирате со лекар.
Фото: freepik